ТАЛЕНТИ
Филип Атанасковски е шеснаесетгодишно момче, кое уште од пред десетина години си постави цел дека во животот ќе чекори по патеките на музиката. Уште од својата осма година тој ја откри гајдата како инструмент и досега таа е негова верна друшка. Талентот за музика, кој расте од ден на ден, откако се запиша во средното музичко училиште „И.Н.Луј“ во Скопје, теоретска насока, тој го надградува и со свирење на пијано и на кларинет, но, сепак, гајдата сѐ уште е негова прва љубов.
Иако гајдата важи за еден од потешките инструменти за свирење, за Филип тоа не е така.
За мене свирењето гајда воопшто не е тешко, напротив, уживам во секој тон што ќе го отсвирам – вели тој.
Да чекори по вистинскиот пат му помогна Бајса Арифовска, наша позната и признаена музичарка на народни инструменти, која за него имаше многу пофални зборови, а меѓу другото рече дека допрва очекува добри резултати од него.
За мене е многу важно што и меѓу младите генерации има интерес за прекрасната македонска народна музика – вели Бајса Арифовска.
Инаку, Филип имаше огромна поддршка досега од целото семејство, а најмногу од дедо му Бошко, кој го носеше на настапи, а слушајќи го како сѐ подобро владее со гајдата, но и со другите инструменти за кои покажува интерес, тој многу се гордее со својот талентиран внук.
Филип пред три години беше гостин и на промоцијата на книгата „Татковината во детските срца“ на Марија Таушанска, која ја издаде „Нова Македонија“, каде што ги одушеви сите присутни.
Ова младо симпатично момче досега неколкупати настапило и на фестивалот за народни инструменти во Долнени, Прилепско.
– Никогаш нема да ги заборавам настапите во Долнени, на фестивалот „Пеце Атанасовски“, каде што имав можност да се запознаам и со други талентирани деца од Македонија и од регионот. Еднаш свирев сам, а вториот пат со професорот Сашко Митев. Јас бев член и на неговото друштво „Фолк Митевски“, зашто ги сакам и народните игри – вели Филип.
Освен во Долнени, тој настапил повеќепати на приредбите во своето основно училиште „Ристо Крле“ во с. Кадино, но и на манифестациите што се организираат во општината Илинден, каде што живее. Филип вели дека е неизмерно среќен што луѓето секогаш убаво реагираат и го наградуваат со бурни аплаузи.
Неодамна бев гостин и во телевизиската емисија „Везилка“ на ТВ Алфа, бидејќи се снимаше во мојата општина Илинден. Ја отсвирев на гајда народната песна „Девојче бело, црвено“. На мојот репертоар се и многу други песни и ора, како: „Јанино“, „Гајдарско“, „Циганчица“, „Што имала касмет Стамена“, „Кога тргнав, Цвето“, „Играле девојчиња“ и многу други – ни откри тој.
Сепак, новите инструменти во последно време го преокупираат Филип, пијано му предава професорката Лиле Анастасова, а кларинет учи на часовите кај Зоран Крагуевски.
– Имам желба во иднина да научам да свирам и на саксофон, а бидејќи планирам да се запишам на Музичката академија во Скопје. Се надевам дека ќе си ја исполнам и оваа моја желба – посакува Филип Атанасковски.
М.Т.
Свирам на гајда
На Филип Атанасковски
Најнапред, да се снајдам:
– Има ли некој да не знае
и да не слушнал гајда?
За ваков
дувачки инструмент,
треба дете – со талент.
Нашиот Филип,
средношколец музикален,
свири на гајда.
Глас незаборавен,
чуен и пофален.
Народната прекрасна
изворна песна,
бистра вода течна,
низ гајда прозвучува.
Требаат вашите раце,
со дарба се научува.
Гајдата секаде
со восхит пречекувана
над зелени жита
разбранувана.
И низ ливади цветни
прошетај,
ќе ја сретнеш!
Васил Мукаетов
(Од книгата „Сѐ е игротека“)