Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – В ПЕТОК ЖДРЕПКА ЗА ДОИГРУВАЊЕТО ВО ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ

  • Македонската репрезентација во двомечот за опстанок во лигата Б може да се сретне со Белорусија, Кипар, Фарските Острови и со Естонија

Фудбалската репрезентација на Македонија загуби од селекцијата на Словенија со 0-3 во Скопје, во шестото коло на лигата Б во Лигата на нациите, и го освои четвртото место во групата 1, со што ќе настапи во плејофот за опстанок во овој ранг на натпреварување. Од другите репрезентации во групата 1, Швајцарија го освои првото место и се пласира во лигата А, Словенија е втора и ќе игра во плејофот за пласман во лигата А, а Шкотска е трета и обезбеди опстанок во лигата Б.
Ждрепката на двојките треба да биде влечена в петок во Нион (Швајцарија), седиштето на Европската фудбалска унија (УЕФА). Македонија во тој двомеч, кој на програмата е во март идната година, ќе се сретне со една селекција што освои второ место во својата група во лигата Ц, а тоа се Белорусија (од групата 1), Кипар (од групата 2), Фарските Острови (од групата 3) и Естонија (од групата 4).
Црвено-жолтите имаат позитивен резултат со три од четирите репрезентации што се потенцијални противници во тој плејоф, со сите тие три без пораз, а со еден можен ривал има ист број победи и порази, но позитивна вкупна гол-разлика.
Најмногу натпревари Македонија досега одигра со Естонија, вкупно шест, при што забележа четири победи и две ремија, со вкупна гол-разлика од 13-7. Македонската селекција трипати играше со Фарските Острови и има две победи и еден нерешен резултат, со вкупна гол-разлика 3-1. По двете средби со Кипар во 1994 и 1995 година, одиграни во првиот циклус квалификации на Македонија, за пласман на Европското првенство (ЕП) во 1996 година, црвено-жолтите имаат по една победа и реми, со вкупна гол-разлика 4-1, а во трите меча со Белорусија македонската репрезентација забележа по една победа, реми и пораз, со позитивна вкупна гол-разлика, 4-2.

На октомвриската ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА) Македонија е на 71. место, Белорусија е нс 94-то, Естонија на 122-то, Кипар на 125-то, а Фарските Острови се на 126. позиција. Ноемвриската ранг-листа се очекува да биде објавена неделава, по завршување на сите натпревари на репрезентациите во овој циклус.
Сезонава лигата Ц без пораз ја заокружија Естонија (забележа по три победи и ремија) и Фарските Острови (една победа и пет нерешени средби). Кипар оствари по две победи, нерешени и порази, а Белорусија имаше три триумфа, едно реми и два пораза.
Лигата на нациите ќе претрпи измени во натпреварувачкиот формат за следната сезона, 2028/2029, па наместо досегашните четири, ќе има три лиги (А, Б и Ц), секоја со по 18 репрезентации, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
Во новата лига А ќе настапат учесниците во четвртфиналните дуели сезонава, двете највисокорангирани третопласирани селекции во групите на лигата А, четирите победници на групите во лигата Б, четирите победници на плејофот за пласман во лигата А, пишува УЕФА. Лигата Б, пак, ќе се состои од двете најнискорангирани четвртопласирани селекции од лигата А, потоа од третопласираните репрезентации во групите во лигата Б од сезонава, победниците на групите во лигата Ц, поразените од плејофот за пласман во лигата А, како и четирите победници на плејофот за пласман во лигата Б. Во лигата Ц ќе настапат сите шест селекции што сезонава настапуваа во лигата Д, потоа четирите поразени во плејофот за пласман во лигата Б, како и третопласираните и четвртопласираните репрезентации од лигата Ц сезонава, пишува Европската фудбалска унија. Н.М.


ФУДБАЛ – ЛИГА НА НАЦИИТЕ

Три светски прваци ќе бидат носители на ждрепката за четврт-финалето

Германија, Холандија, Франција, Белгија, Англија, Шпанија и Португалија ги обезбедија своите места во четврт-финалето во март в година во фудбалската Лига на нациите. Осмиот учесник ќе биде Данска или Норвешка. Франција, Германија и Англија ќе бидат носители на ждрепката задутре и ќе ги играат реваншите на домашен терен. Тие три репрезентации, некогашни светски фудбалски прваци, за носителското место се изборија со освојување на првите места во своите групи во лигата А.
Во групата 4 синоќа се играа решавачките натпревари за пласман на табелата, а за првото место кандидати беа селекциите на Португалија и на Данска. Потенцијални ривали на носителите се второпласираните репрезентации во групите, а тоа се Белгија, Холандија и Шпанија, како и Данска, Португалија или Норвешка. Победниците на четвртфиналните дуели ќе се пласираат на фајналфор-турнирот, чиј домаќин треба да биде одреден наскоро.
Португалија е актуелен победник на Лигата на нациите, откако го освои трофејот во сезоната 2024/2025 (претходно славеше и во првата сезона, 2018/2019), а титулата во ова натпреварување досега ја освоија и репрезентациите на Франција (сезона 2020/2021) и актуелниот светски и европски шампион, Шпанија (сезона 2022/2023). Н.М.


МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ НА МАКЕДОНИЈА СО МОЖНИТЕ РИВАЛИ ВО ПЛЕЈОФОТ

Белорусија 3 1 1 1 4-2
Кипар 2 1 1 0 4-1
Фарски Острови 3 2 1 0 3-1
Естонија 6 4 2 0 13-7


ЛИГА Б, ГРУПА 1

Македонија – Словенија 0-3
Швајцарија – Шкотска 4-0

ТАБЕЛА
Швајцарија 6 5 1 0 15-1 16
Словенија 6 3 2 1 8-3 11
Шкотска 6 2 1 3 5-1 7
Македонија 6 0 0 6 1-15 0


ПЛАСМАН НА РАНГ-ЛИСТАТА НА ФИФА ЗА ОКТОМВРИ

Македонија 71
Белорусија 94
Естонија 122
Кипар 125
Фарски Острови 126