Италија како најнова слика за враќањето на Европа кон нуклеарната енергија
- Италија го отвора патот за нова нуклеарна ера, додека Европа сфаќа дека без стабилна енергија нема индустрија, нема раст и нема ниту енергетски ниту економски суверенитет
Во тивка, но историска политичка пресвртница, Италија се подготвува за своето најголемо враќање кон нуклеарната енергија по речиси четири децении. Владата на премиерката Џорџа Мелони најави дека до летото, во Италија ќе биде усвоен нов закон за нуклеарна енергија, со што Рим формално ќе ја отвори вратата за повторно производство на атомска електрична енергија.
Овој чекор не е само техничка или енергетска реформа. Тој претставува длабоко политичко признание дека европската зелена агенда, изградена речиси исклучиво врз ветерници и соларни панели, не успеа да обезбеди стабилност, сигурност и конкурентност за европските економии.
По децении идеолошки отпор кон нуклеарната енергија, Европа повторно почнува да ја прифаќа реалноста, а тоа е дека модерните индустриски општества не можат да функционираат без сигурна базна енергија.
Италија на влезот во нов енергетски свет
Италија ја напушти нуклеарната енергија по катастрофата во Чернобил, кога на референдумот во 1987 година јавноста одлучи да ги затвори нуклеарните капацитети. Вториот удар дојде по хаваријата во Фукушима Даичи, кога во 2011 година уште еден референдум практично ја заклучи темата за атомската енергија.
Но денес Европа е во поинаков свет. Војната во Украина, геополитичките судири, нестабилните пазари на гас и рекордните цени на струјата ја разоткрија слабоста на енергетскиот модел што Брисел го промовираше изминатите години. Европа сфати дека е невозможно целосно да се потпре на временски зависни извори како сонцето и ветерот, без истовремено да има стабилни извори на базна енергија што работат 24 часа дневно.
Токму тука нуклеарната енергија повторно влегува во центарот на европската стратегија. Токму затоа потегот на Италија има многу пошироко значење од национална реформа.
Рим повеќе не зборува само за климатски цели туку за енергетски суверенитет и индустриска конкурентност. Новото законодавство ќе отвори простор за развој на напредни нуклеарни технологии, вклучително и мали модуларни реактори т.н. СМР-системи, кои се сметаат за иднината на атомската енергија.
Овие реактори се помали, побезбедни и пофлексибилни од класичните нуклеарни централи и се дизајнирани да обезбедуваат стабилна струја со многу помал простор и ризик.
Паралелно, Италија ѝ се приклучи и на Европската нуклеарна алијанса, блок држави предводени од Франција што ја промовираат нуклеарната енергија како столб на европската енергетска безбедност. Тоа покажува дека нуклеарната енергија повеќе не е табу-тема во Европа.
Полска, Чешка и новата европска енергетска географија
Освен Италија и Франција, сè повеќе европски држави ја менуваат стратегијата.
На пример, Полска инвестира во изградба на свои први нуклеарни централи, додека Чешка активно го проширува својот атомски сектор. Во Источна Европа расте убедувањето дека без нуклеарна енергија не може да се гарантира стабилен економски раст. Ова постепено создава уште една и нова поделба во рамките на ЕУ, и тоа меѓу држави кои ја гледаат нуклеарната енергија како клуч за идниот развој и оние што остануваат заробени во идеолошка енергетска политика.
Нуклеарните централи произведуваат огромни количества електрична енергија со минимални емисии на јаглерод
Една од најголемите политички и идеолошки промени е фактот што нуклеарната енергија денес сè почесто се претставува како дел од зелената транзиција. Причината е едноставна. Имено, нуклеарните централи произведуваат огромни количества електрична енергија со минимални емисии на јаглерод.
Европа така постепено признава дека декарбонизацијата без нуклеарна енергија е речиси невозможна. Поранешниот наратив според кој зелено автоматски значи само ветер и сонце почнува да се распаѓа под притисокот на економската реалност. Е.Р.
Деиндустријализацијата стана поголем страв од нуклеарките
Во 1980-тите и 1990-тите години, Европа најмногу се плашеше од нуклеарни несреќи. Денес европските влади сè повеќе се плашат од нешто друго – губење на индустријата. Фабрики што се затвораат, производствени линии што се селат на други континенти и милиони работни места што зависат од стабилна и евтина енергија.
Во такви услови, нуклеарната енергија повторно станува симбол на економска сигурност, државна стабилност и технолошка независност. Ако италијанскиот парламент го усвои законот, тоа нема веднаш да значи изградба на нови реактори. Но ќе значи нешто многу поважно – официјален крај на четиридецениската политичка блокада околу нуклеарната енергија.
Италија ќе испрати порака дека Европа влегува во нова фаза, во која енергетската политика повторно ќе се темели врз реалната економија, а не само врз политички слогани.
Континентот што со години се обидуваше да ја гради иднината исклучиво врз обновливи извори, денес повторно се врти кон атомот. Не како враќање во минатото, туку како обид за спас на идната индустриска и економска моќ на Европа, во чиј природен економски и трговски кампус припаѓа и Македонија, особено тесната поврзаност со Германија, која е единствена земја од ЕУ со која Македонија има трговски суфицит. Доколку во Германија продолжи феноменот на деиндустријализација, поради дефицитот на евтина енергија, тоа стравотно ќе се одрази на македонската економија. Затоа, становиштето за инсистирање на брза енергетско-економска рехабилитација на Германија всушност е став што се совпаѓа со ставот за раст и развој на македонското национално стопанство. Е.Р.
Од редакциски агол
Атомот повторно станува зелен Брисел тивко признава дека без нуклеарна енергија нема ниту зелена транзиција, ниту индустриска иднина
Долго време зборот „нуклеарно“ во Европа звучеше како политичка анатема. По нуклеарните инциденти во Чернобил и Фукушима, европските елити градеа стратегија во која „атомската енергија беше претставувана како опасен остаток од минатото, а ветерниците и соларните панели како единствен пат кон иднината“.
Но денес, додека Европа се соочува со енергетска нестабилност, индустриска стагнација и растечки страв од економско слабеење, Европа тивко ја менува својата реторика.
Атомот повторно станува зелен. Она што пред само неколку години беше речиси незамисливо, денес станува официјална политика во сè поголем број држави на Европската Унија. Од Франција до Италија, од Полска до Чешка, европските влади повторно ја прифаќаат нуклеарната енергија како „столб на идната декарбонизација“!
И не затоа што одеднаш станале вљубеници во атомските централи, туку затоа што суровата економска и енергетска реалност ги ослаби идеолошките позиции на либералните европски елити.
Зелената агенда се судри со физиката
Најголемиот проблем на европската енергетска политика не беше амбицијата за намалување на емисиите. Проблемот беше верувањето дека модерна индустриска цивилизација може да функционира речиси целосно врз енергија што зависи од временските услови.
Сонцето не свети постојано. Ветерот не дува секогаш. Но фабриките работат 24 часа. Болниците не смеат да останат без струја. Железниците, серверите, индустриските погони и националните електромрежи бараат стабилна и предвидлива енергија секоја секунда.
Токму тука европската зелена стратегија почна да пука. Додека Брисел зборуваше за „енергетска транзиција“, реалноста покажа дека обновливите извори не можат сами да обезбедат базна енергија за континент од 450 милиони жители.
Затоа државите што пребрзо ги затворија нуклеарките завршија со зголемена зависност од природен гас, увоз на струја и екстремно високи цени на енергијата.
Германскиот парадокс што ја разбуди Европа
Најдобар пример за тоа е Германија. Берлин со години беше претставуван како лидер на зелената транзиција. Земјата инвестираше стотици милијарди евра во ветерни и соларни капацитети и паралелно ги затвораше нуклеарните реактори.
Но кога дојде енергетската криза по војната во Украина, германскиот модел се соочи со сурова реалност.
Цените на струјата експлодираа. Индустријата почна да предупредува на губење на конкурентноста. Компании размислуваа за преселување на производството во САД, каде што енергијата е поевтина и постабилна.
Иронијата беше огромна: држава што сакаше да биде симбол на „зелена Европа“ повторно ги активираше термоцентралите (на јаглен) за да избегне енергетски колапс (?!). Тоа беше моментот кога многу европски влади сфатија дека идеологијата не може да ги победи енергетската и економската математика.

Франција брзо сфати што значи енергетски суверенизам
Додека дел од Европа ги затвораше реакторите, Франција остана верна на својата атомска стратегија изградена по нафтената криза во 1970-тите. Денес речиси 70 проценти од француската електрична енергија доаѓа од нуклеарни централи. Со тоа Франција не само што обезбедува стабилно снабдување за сопствената економија туку е и еден од најголемите извозници на електрична енергија во Европа.
Уште поважно, францускиот енергетски сектор има значително пониски емисии на јаглерод во споредба со многу држави што формално се претставуваат како позелени. Така, парадоксално, токму нуклеарната енергија почнува да се покажува како еден од најефикасните механизми за декарбонизација.
Нуклеарната енергија добива нов политички идентитет
Европа денес повеќе не зборува за атомската енергија како за „нужно зло“. Таа сè почесто се претставува како дел од климатското решение.
Причината е едноставна. Нуклеарните централи произведуваат огромни количества струја со речиси нулта емисија на јаглерод диоксид. За разлика од фосилните горива, тие не зависат од јаглен, нафта или од гас. За разлика од сонцето и ветерот, тие работат постојано.
Така атомот полека се трансформира од политички проблем во „зелена технологија“. Во Брисел веќе не се води дебата дали нуклеарната енергија треба да постои, туку колку брзо Европа може повторно да инвестира во неа.
Италија е симбол на новата европска реалност
Најавата на владата на Џорџа Мелони дека Италија повторно ќе отвори простор за нуклеарна енергија е дел од таа поширока европска трансформација.
Земја што со децении беше симбол на антинуклеарната политика денес повторно зборува за атомски реактори, мали модуларни системи и нуклеарна иднина.
Тоа не е само енергетска одлука. Тоа е признание дека без стабилна базна енергија нема индустриска конкурентност, нема економска сигурност и нема вистинска енергетска независност.
Европа влегува во ера на енергетски реализам
Во последните години, европската политика често беше водена од слогани, симболика и идеолошки максимализам. Но енергетската криза ја врати дебатата на теренот на реалноста. Континентот почнува да разбира дека „зелената транзиција“ не може да се темели само врз надеж дека ветерот и сонцето ќе бидат доволни за една високоиндустријализирана цивилизација.
Потребна е енергија што е чиста, стабилна и достапна. Токму затоа атомот повторно се враќа во срцето на европската стратегија. Не како враќање кон минатото, туку како обид Европа да ги зачува својата индустриска моќ, економска независност и геополитичка тежина во свет што станува сè понестабилен. По децении страв, Европа повторно почнува да гледа на нуклеарната енергија не како на закана, туку како на спас. Добро е да се знае овој став! Р.Н.М.
































