Критики од Светиот Престол кон Брисел
- Понекогаш најсилната критика не доаѓа од геополитички противник, туку од институција што со векови настојува да говори од позиција на морален авторитет. Токму затоа пораките што деновиве пристигнаа од Ватикан за Брисел заслужуваат многу поголемо внимание отколку што им беше посветено во европската јавност, а се однесуваат на „селективната примена на меѓународното право, различниот однос кон оружените конфликти и на тенденцијата моралните принципи да се приспособуваат на политичките интереси“ од страна на бриселските европски елити
На собирот на кардинали свикан од папата Лав Четиринаесетти, префектот на Дикастеријата за доктрина на верата, кардиналот Виктор Мануел Фернандез, отвори тема што одамна тлее во европската политика, а тоа се „селективната примена на меѓународното право, различниот однос кон оружените конфликти и тенденцијата моралните принципи да се приспособуваат на политичките интереси“.
Ватикан со критика на принципиелно рамниште
Неговите зборови не беа насочени само кон една држава или кон еден конфликт. Напротив, критиката беше поставена на принципиелно рамниште. Според Фернандез, „современата политика сè почесто функционира според логиката кој е пријател, а кој противник“ наместо според универзални критериуми.
– Токму во тој дел се наоѓа најсилната порака. Ако човековите права, демократијата, слободата на говорот и почитувањето на меѓународното право важат само кога тоа одговара на политичките интереси, тогаш тие престануваат да бидат универзални вредности и стануваат инструмент на дневната политика. Затоа и оцената дека „веќе не постои вистинска и стабилна рамка на вистината и вредностите“ не треба да се чита како дипломатска фраза. Таа претставува предупредување дека европскиот и поширокиот западен политички систем ризикува да го загуби најсилниот капитал што го поседува – моралниот кредибилитет – велат наши соговорници, дипломати од кариера и политички аналитичари.
Во суштина, Ватикан иако директно го посочува Брисел за двојни стандарди и политика на два колосека, тој не ја оспорува само конкретната политика на Европската Унија. Ватикан и пошироко го поставува прашањето дали истите принципи навистина се применуваат еднакво за сите, а Брисел и ЕУ се само една метафора и пример преку кои се доаѓа до одговорот.
– Кога Европската Унија воведува санкции кон една држава, а кон друга има значително поинаков пристап, неизбежно се отвора прашањето кои се критериумите. Дали тие се правни, морални и вредносни или пред сè геополитички? Токму ова прашање одамна го поставуваат голем број аналитичари, професори по меѓународно право и дипломати. Ватикан сега му даде дополнителна тежина, бидејќи критиката не доаѓа од политички конкурент на Европската Унија, туку од институција што традиционално инсистира на универзалноста на моралните принципи. Оттука произлегува и една поширока дилема. Ако меѓународното право се применува селективно, тогаш неговиот авторитет постепено слабее. А кога авторитетот на правото слабее, неговото место го зазема политичката моќ. Во таа смисла, изјавите на Фернандез не се само критика на актуелната европска политика. Тие претставуваат предупредување дека светот се движи кон поредок во кој правилата зависат од тоа кој ги толкува – велат нашите соговорници, искусни дипломати и повремени колумнисти во „Нова Македонија“.
За Македонија, ваквата дебата има посебно значење и е интересна паралела со пораките од Ватикан
Македонските власти во последно време интензивно укажуваат дека процесот на европска интеграција неверојатно се оддалечи од класичните Копенхашки критериуми и сè повеќе нашата евроинтеграција се врзува за решавање билатерални спорови.
– Да направиме една интересна паралела со пораките од Ватикан. Кардиналот Фернандез не зборуваше за Македонија. Но неговата критика отвора пошироко прашање. Дали Европската Унија успева доследно да ги применува сопствените принципи во надворешната политика и во политиката на проширување? Тоа е легитимно политичко прашање, особено кога довербата во европските институции во многу земји бележи пад. Европската Унија со децении ја градеше својата мека моќ токму врз уверувањето дека правилата важат еднакво за сите. Токму затоа секое отстапување од тој принцип носи многу поголема политичка цена отколку што можеби изгледа на прв поглед. Не затоа што Европската Унија не смее да носи политички одлуки. Туку затоа што тие одлуки мора да бидат убедливо образложени и да изгледаат конзистентно. Во спротивно, секоја различна примена на истите принципи ќе биде перципирана како двоен стандард. Таквата перцепција не е проблем само за државите кандидати. Таа е проблем и за самата Европска Унија, бидејќи ја поткопува довербата во европскиот проект – образложуваат нашите соговорници, дипломати и политички аналитичари.
Тежината на критиката кон Брисел упатена од Ватикан
Кога институција што претендира да зборува од позиција на универзални морални принципи предупредува дека вредностите почнуваат да се применуваат селективно, тогаш тоа не е само критика на една конкретна политика. Тоа е предупредување дека секој меѓународен поредок што сака да биде заснован врз право, а не врз сила, мора постојано да ја докажува сопствената доследност. Во спротивно, реториката за вредности ризикува да остане само реторика, а довербата – најтешко обновливиот политички капитал – постепено да исчезнува. И токму затоа неговата порака може да има поголема тежина отколку што изгледа денес, за крај поентираат нашите соговорници.


































