Во Битола се одржува петтиот Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО, со фокус на одржливоста и екопрактиките. Програмата започна во киното „Манаки“, со проекција на краткиот филм „Куќа од песок“, во режија на Павел Вишомирски. Во главната програма во Офицерскиот дом воведни зборови имаа високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО. Потоа следуваше панел-дискусија на темата „Одржливост во филмската и креативната индустрија кон изградба на одржливи градови“, со учество на меѓународни панелисти, презентации на добри практики преку искуства и примери од градовите членови на УНЕСКО, меѓу кои и повеќе домашни претставници. Вечерта се одржаа проекции на кратки и играни филмови, со фокус на одржливоста и екопродукцијата од градовите членови на мрежата.
Форумот собира значајни претставници од меѓународната сцена, вклучувајќи и гости од Тераса, Потсдам, Сараево, Голвеј, Лоѓ, Ваљадолид и Софија. На форумот ќе се обратат Лејла Беслагиќ, Инес Радиќ и Магдалена Поповиќ од Сараево, Зоја Таревска-Петрушевска од Центарот за филм во Битола, Брајан Берет и Ион Батлер Тортон од Голвеј, Жорди Хернандез Прат од Тераса (Шпанија) и др.
Се очекува форумот да поттикне размена на идеи и најдобри практики меѓу градовите членови на мрежата, со фокус на еколошки одговорната продукција во аудиовизуелниот сектор, да се воспостават нови соработки и да се разгледа можноста за потпишување меморандуми за соработка меѓу градовите. Заклучоците од форумот ќе служат како основа за идни политики и платформи за поддршка на локалниот аудиовизуелен сектор.