Фото: Маја Јаневска-Илиева

Едногласноста како сила, но и како слабост на Европската Унија

  • Случајот со летонската блокада на договорот за укинување на санкциите врз двајца руски бизнисмени повторно ја отвора старата европска дилема: дали принципот на едногласност ја штити кохезијата на Унијата или им дава преголема моќ на националните интереси да ги запираат заедничките политики?

По тешки убедувања и преговори, Европската Унија успеа да го ратификува продолжувањето на санкциите за Русија за уште 36 месеци откако Летонија претходно се спротивставила на неговото усвојување бидејќи од списокот на санкционирани лица биле изземени двајца руски олигарси, објави АФП повикувајќи се на дипломатски извори.
Имено, Франција побара отстранување на Алишер Усманов од листата на санкционирани лица, образложувајќи го тоа со прашање поврзано со нејзината национална безбедност, додека Луксембург побара санкциите да бидат укинати за Михаил Фридман. На нивното барање, според АФП, се спротивставиле повеќе земји членки, како и Украина.
На прв поглед станува збор за уште еден спор околу европската политика кон Русија околу кој се кршеа копјата до последен момент. Летонија попушти, односно се воздржа од правото на вето, но зад сета оваа драма се крие многу посуштинско прашање за начинот на кој функционира самата Унија.

Кога 27 интереси треба да станат една политика

Одлуките за санкциите се носат едногласно, што значи дека и една држава може да спречи одлука зад која стојат другите членки. Таквиот механизам има своја логика, бидејќи секоја членка сака да има гаранција дека нејзините суштински интереси нема едноставно да бидат прегласани. Но истиот механизам истовремено ја отвора и спротивната дилема: дали една унија што сака да биде голем геополитички актер може ефикасно да дејствува ако една членка има можност да го закочи заедничкиот потег?
Токму тука случајот со санкциите станува интересен за Македонија бидејќи истиот принцип на едногласност што може да го запре усвојувањето на европска одлука за санкции се појавува и во политиката на проширување.

Од Брисел до Софија

Македонскиот случај со години ја покажува истата системска слабост од друг агол. Пристапниот процес не е само разговор меѓу кандидатот и институциите во Брисел туку и процес во кој националните позиции на земјите членки може да имаат директно влијание врз неговото темпо.
Оттука произлегува едно непријатно прашање: дали европскиот систем неизбежно го претвора билатералниот интерес на една членка во европска преговарачка позиција?
Кога една земја членка ќе го услови напредокот на кандидатот со прашање што го смета за свој национален интерес, повеќе не е јасно каде завршува европската условеност, а каде почнува националната политика.
Тоа е особено важно за Македонија, бидејќи не станува збор само за темпото на преговорите туку и за принципот според кој една држава што сака да стане членка на Унијата може да се најде во ситуација нејзиниот европски пат да зависи од политичката волја на друга членка.

Заедничка европска политика или 27 национални политики?

Случајот со двајцата олигарси за кои се зазедоа Франција и Луксембург барајќи тие да бидат изземени од листата на санкционирани лица покажува поширок европски парадокс. Од една страна, ЕУ сака да настапува како единствен политички и геополитички субјект, да има заедничка надворешна политика и да носи одлуки што ќе важат за сите. Од друга страна, во клучни области го задржува механизмот на едногласност, со што националниот интерес на една држава може да стане пречка за заедничката политика.
Тоа не значи дека националните интереси треба да бидат укинати. Прашањето е дали механизмот што треба да ја штити европската кохезија понекогаш не произведува токму спротивен ефект, блокади, условувања и долги политички преговори. Особено е интересно што Унијата денес истовремено зборува за забрзување на проширувањето и постепена интеграција на кандидатите, а формалниот пристапен процес и понатаму останува изложен на национални блокади.

Кој е европскиот интерес?

Случајот со санкциите покажува дека и самите членки различно го дефинираат европскиот интерес. За едни, продолжувањето на санкциите е прашање на европската безбедност и политички сигнал кон Москва; за други, постојат аргументи за нивно преиспитување.
Истата логика може да се пренесе и на проширувањето. Ако една членка смета дека одредено прашање е од нејзин национален интерес, дали тој интерес треба автоматски да стане услов за европскиот пат на кандидатот? И ако одговорот е потврден, тогаш останува уште посериозното прашање: дали Македонија преговара со Европската Унија или, практично, со секоја нејзина членка поединечно?
Токму во тоа се состои европската дилема. Едногласноста може да биде гаранција дека никој нема да биде надгласан, но истовремено може да биде и механизам преку кој интересот на еден станува кочница за сите. А ако ЕУ навистина сака да стане посилна, пофункционална и геополитички поавтономна, тогаш прашањето веќе не е само како да прима нови членки туку и како да создаде систем во кој националните интереси ќе бидат заштитени, без една национална позиција да може да го зароби целиот европски процес.