Фото: Маја Јаневска-Илиева

Примерот на игнорирање на ЕЕС од страна на Грција како повод и за размислување дали може со национални одлуки да се редефинира динамиката на евроинтеграцијата на Македонија

  • Се поставува прашањето дали ЕУ постепено се движи кон модел во кој земјите членки стануваат клучни „филтри“ за заедничките политики (т.е. примат на националното над наднационалното)

Одлуката на Грција да воведе практично отстапување од ЕЕС (Entry/Exit System – EES) можеби изгледа како технички потег за олеснување на туризмот, но отвора многу сензитивна дилема, која допира и до нас. Имено, дали ЕУ постепено се движи кон модел во кој земјите членки стануваат клучни „филтри“ за заедничките политики (т.е. примат на националното над наднационалното)?
Ако е така, тогаш логично се наметнува и една провокативна хипотеза. Имено, дали истиот принцип би можел да се примени и во процесот на проширување, особено за Македонија?

Од Брисел кон националните престолнини и назад

Формално, процесот на проширување е строго дефиниран и управуван од Европската Унија, со централна улога на Европската комисија (ЕК). Таа дава препораки, ги следи реформите и предлага отворање или затворање поглавја. Но суштината е поинаква. А тоа е дека секоја фаза од пристапувањето бара едногласна согласност (консензус) од сите земји членки. Тоа значи дека, иако Брисел ја води процедурата, националните влади го имаат последниот збор. Во пракса веќе се покажа тоа. Блокадите од Франција во 2019 година, а потоа и од Бугарија, демонстрираа дека проширувањето не е само технички процес туку и политичка арена каде што националните интереси (нај)често доминираат.

Грчкиот „исклучок“ како модел во контекст на актуелните реструктурирања внатре во ЕУ

Ако одлуката на Грција за ЕЕС се толкува како пример на „оперативна автономија“ во рамките на ЕУ, тогаш може да се направи паралела. Што ако земјите членки почнат да го применуваат истиот пристап и во проширувањето?
– Ајде да претпоставиме едно сценарио во кое интеграцијата на Македонија не се движи по класичниот пат од Брисел кон земјите членки, туку обратно, од националните парламенти кон европските институции. Во таков модел, секоја држава би можела да дефинира сопствени услови за поддршка, да „филтрира“ одредени аспекти од преговорите, да одобрува делумна интеграција по сопствено темпо, како што веќе делумно се случува, но неформално. Прашањето е што ако стане правило, и тоа во контекст на новите редефинирања и преструктуирања на ЕУ и на внатрешните процедури, кои во моментов се исклучително актуелни – прашуваат нашите соговорници, експерти за функционирањето на ЕУ.
Тие укажуваат и на клучни ризици што би можел да ги донесе ваквиот пристап.
– Таквиот пристап би значел радикална трансформација на проширувањето. Наместо единствен, кохерентен процес, би се добил мозаик од национални позиции. Но тоа носи три клучни ризици. Прво, правна несигурност, односно правилата би станале променливи и непредвидливи. Не дека и со досегашната процедура не е така, но можеби би била уште покомплицирана интеграцијата доколку остане консензуалното одлучување. Второ, ризик од политизација, и тоа за историски, културни или идентитетски прашања, кои би добиле уште поголема тежина. И трето, нееднаквост, односно различни кандидати би се третирале според различни стандарди – тврдат нашите соговорници, кои во рамките на своите теориски анализи оваа интегративна анализа не ја преферираат.

Угоре високо – удолу длабоко

Но реалноста е дека ЕУ никогаш не била целосно централизирана во проширувањето. Дури и најсилните препораки од Европската комисија (европската влада) не значат ништо без политичка волја на земјите членки. Во таа смисла, „долниот“ пристап веќе постои, но како де факто состојба, не како формален модел. И затоа, грчкиот пример со ЕЕС само го прави овој тренд повидлив! Унијата функционира не само преку правила туку и преку нивна интерпретација на национално ниво.
– За Македонија, ова отвора двојна перспектива. Од една страна, ваквиот модел ја отежнува интеграцијата, бидејќи ја изложува на повеќе точки на блокада. Од друга страна, создава и простор за билатерална дипломатија, можност да се гради поддршка „еден по еден“ меѓу членките. Прашањето е која логика ќе преовладее, институционалната или националната – велат нашите соговорници.
Тие додаваат дека Европа односно ЕУ е творба на компромиси.
– Паралелата со грчката одлука за ЕЕС не значи дека ЕУ се распаѓа или дека правилата престануваат да важат. Но покажува дека Унијата е многу повеќе политички компромис отколку она што често се претставува. Ако овој тренд продолжи, евроинтеграцијата може да стане процес што ќе трае и ќе трае… За Македонија тоа значи едно. Патот кон ЕУ не нѐ води по една линија, туку по многу паралелни патеки, секоја со свои правила, интереси и услови. Затоа треба интензивна работа, дипломатски, лобистички, идеолошки, културни, бизнис, економски и секакви други настапи во таргетираните европски и американски центри, а особено во нашите соседски или регионални земји (од поранешната СФРЈ), кои добро нѐ познаваат и може да завршат голема работа за нашето застапување – велат нашите соговорници.


Туристичката комора бара одложување на ЕЕС на грчките граници во летната сезона

Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) побара од грчките власти привремено одложување на примената на новиот ЕЕС на граничните премини за македонските државјани во текот на летото. Во официјалното обраќање до Министерството за туризам на Грција, Комората предлага системот да не се применува во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година. Како главна причина се наведуваат стравувањата на туристичкиот сектор дека воведувањето на ЕЕС во шпицот на сезоната може да предизвика долги задржувања и повеќечасовни чекања на границите.
Според туристичките работници, ваквата ситуација би можела да влијае негативно врз искуството на патниците и да доведе до откажување на веќе резервирани аранжмани во Грција, која е една од најпопуларните летни дестинации за македонските туристи. Од Комората потенцираат дека непречениот проток на патници е клучен за стабилна туристичка сезона и апелираат на разбирање од грчка страна. Целта на иницијативата е да се избегне метеж на границите, да се зачува интересот за патувања и да се зајакне економската соработка меѓу двете земји. Одговорот од грчките институции се очекува во наредниот период. П.Р.


Вицепремиерот Николоски нема да го следи примерот на колегите од соседните земји

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски нагласи дека нема да го следи примерот на соседните земји, кои јавно бараат суспензија на биометриските проверки на грчките граници во претстојната летна сезона.
– Ова, покрај технички, се и политички прашања. Во вакви прашања секогаш целта ми е да ја завршиме работата, а не од тоа да правиме политика или маркетинг – потенцираше Николоски во одговор на новинарско прашање, категорично истакнувајќи: „Јас нема да го правам она што го прават колегите од соседните држави затоа што на тој начин го уништуваат процесот“. П.Р.