Есенскиот ветер

Од литературното творештво на писателката Бистрица Миркуловска

„Еве го наближува!“ – исплашено извика високата ѓурѓина.
„Кој? Кој? Кој?“ – запрашаа три розови пупки.
„Есенскиот ветер!“ – шепнаа хризантемите. „Зарем не го познавате? Се разбира: вие утринава расцутевте и уште не сте слушнале за него“.
„Јас најдобро го познавам…“ – воздивна високата ѓурѓина. „Тој е страшен! Завчера ја прекрши сестра ми. Ја гледате кутрата, сета свената? Тој крева прав, носи сѐ што ќе му падне до река и секогаш е смуртен и озлобоен“.
„И нас нѐ крева високо, високо“ – зашумолеа паднатите жолти лисја. „Нѐ расфрла насекаде и нѐ остава во непознати дворови и градини. А толку сакаме да сме тука, меѓу вас, во оваа убава цветна градина!“
„Тивко, приберете се и бидете подготвени да го пречекаме!“ – заповеда високата ѓурѓина и ја гушна својата исплашена сестричка. Белите хризантеми се сведнаа една кон друга, жолтите лисја се згушија со влажната земја, а трите розови пупки подмижнаа од страв.
Во тој миг се слушна милосливо пеење:

„Еј, мирисни цветенца,
пожолтени,листенца,
еве, брзам, идам,
идам да ве видам!“
Сакате да играме?
Сакате да пееме?“

„Па ова е неверојатно!“ – извика високата ѓурѓина. „Од каде доаѓаш, ветерчо, што си толку весел и нежен? Со денови се познаваме, но ваков никогаш не сум те слушнала“.
„Еј, мили мои“ – се насмеа есенскиот ветер. – „Ќе ви раскажам каде бев и што видов: Скитав наваму, скитав натаму, кревав прав и правев разни лошотии. Здогледав едно девојче. Му го кренав фустанчето, му фрлив прав во очите, а тоа трчало да си купи бонбони. Како што го бркав девојчето, налетав врз еден чичко со шарени вртелешки. Се втурнав во нив и фатив силно да ги вртам. Девојчето застана и се загледа.
– Чичко, колку чини оваа црвената? – запраша.
– Дваесет денари, малечка – одговори човекот.
Девојчето му ги даде сите пари, ја зеде вртелешката и се стрча дома. А јас, здивен и јадосан, силно ја вртев вртелешката. Тоа застана крај вратата и викна:
– Бате, ела, дада ти купи нешто!
Набргу излезе братчето. Му ја подаде црвената вртелешка, а нему од радост му се вцрвеа обравчињата. Мене ме фати некаква чудесна милина, па здував лесно, да не им кренам прав во очите, туку само да им ја вртам вртелешката. Ете, гледате, затоа сум ваков нежен и распеан“ – вака ја заврши приказната есенскиот ветер и ги запраша:

„Сакате да ве занишам да си поиграме“?
„Сакаме, сакаме!“ – радосно извикаа сите цветови.
Високата ѓурѓина, уште повеќе се извиши, белите хризантеми му се предадоа на нежното милување, паднатите жолти лисја сјаеја како жолтици, а трите розови пупки, лесно нишкајќи се, расцутеа од радост.

(Од книгата „Илина и други сказни“)