Демократијата и ЕУ не трпат окрвавени раце

Демократијата и Европа не трпат окрвавени раце. Тоа се покажа во сите случаи што се однесуваа на војните во поранешните југословенски републики. За нецели дваесет години политичката и кадровската сцена во овие републики се исчисти од сите лица што учествувале во воените операции. Само Република Македонија (сега Северна) остана во „сива зона“ без да расчисти докрај, правно и етички, со извршените воени злосторства. Но писмото на Дуња Мијатовиќ кажува дека приказната не е завршена, тоа вели дека воените злосторства против цивилите се простуваат, но не се забораваат. Кога-тогаш мора да се расчистат. Македонија не може да биде исклучок од другите бивши југословенски републики, сега свои држави

Црното писмо на Дуња Мијатовиќ и последиците по Македонија

Кај што има чад таму има и оган – вели народната поговорка. Во случајов чадот го пушти Дуња Мијатовиќ, комесарка за човекови права при Советот на Европа, огнот најверојатно неизбежно ќе следува имајќи ја пред вид нејзината препорака до македонската влада за обновување на таканаречените хашки судски процеси во македонското правосудство. Станува збор за случаите за воени злосторства против цивили извршени во 2001 година од учесници во паравоени формации. Тоа се предметите: „Мавровски работници“, „Водство на ОНА“, „Гробници во Непроштено“ (случај со 12-мина исчезнати и киднапирани лица во Тетовско и Кичевско) и „Липковска брана“, вршени од припадници на УЧК, односно ОНА.
Како што е познато, овие предмети беа вратени во 2008 година од Трибуналот во Хаг за гонење лица одговорни за тешко прекршување на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година, за да бидат процесирани во македонското правосудство. Но тоа не се случи.

„Катиљ-ферманот“е предупредување до идната власт

Весникот „Нова Македонија“ во повеќе наврати пишуваше на оваа тема, објаснувајќи дека активирањето на овие судски процеси треба да се случи со укинување на автентичното толкување донесено во 2011 година, со кое беше дадена целосна амнестија и за овие случаи. Во дописот на комесарката за човекови права при Советот на Европа се нагласува дека таквите процеси претставуваат „клучни чекори што треба да се преземат, а кои ќе го подобрат почитувањето на правата на жртвите и ќе промовираат инклузивен пристап заснован на човекови права за справување со минатото во регионот“.
Што всушност значи препораката што македонската влада умешно ја скри плашејќи се да не предизвика неочекувани предизборни шокови. Истото тоа го стори и техничката, која, впрочем, и нема мандат да се меша во крупни стратегиски прашања. Но терминот што е избран да се упати „катиљ-ферманот“ не е укор кон претходната влада туку предупредување кон идната да внимава каква кадровска ориентација ќе преферира.
Преведено на прост јазик, препораката значи идната власт конечно да се ослободи од лицата со окрвавени раце. Од ние што учествувале во војна, каде било и кога било, што имале командна или друга одговорност и што учествувале во воени дејства во кои имало воени злосторства и цивилни жртви. Останувањето или влегувањето на таквите лица во новата власт ќе биде продолжување на милитаризацијата и голем пораз за демократијата, за нормалниот цивилен развој на државата.

Дуња Мијатовиќ, доскорешна комесарка за човекови права при Советот на Европа / Фото: ЕПА

Еден од условите за прием во Европа

Демократијата и Европа не трпат окрвавени раце. Тоа се покажа во сите случаи што се однесуваа на војните во поранешните југословенски републики. За нецели дваесет години политичката и кадровската сцена во овие републики се исчисти од сите лица што учествувале во воените операции, од сите оние за кои се знаело дека имаат окрвавени раце или за кои постоеле основани сомненија дека учествувале во настани поврзани со извршување кривични дела.
Тоа се случи најпрво во Словенија, потоа следуваше Хрватска, каде што од политичкиот живот беа отстранети познати и заслужни учесници во хрватската одбранбена војна, вклучувајќи видни генерали, други познати воени команданти и политичари што учествуваа или ги подгреваа воените дејства, особено кон цивилното население. Таквата „принудна чистка“ беше еден од премолчените услови Словенија и Хрватска да станат членки на Унијата.
Да не ја спомнуваме Србија, која, и покрај сите внатрешни отпори, си го исчисти сопствениот двор од оние што му служеа на режимот на Милошевиќ или беа меѓу водечките воени хушкачи. Дури и еден Александар Вучиќ, тогаш млад министер, како и Ивица Дачиќ, партиски секретар, отворено се оградија од својот ментор Милошевиќ, откако тој беше екстрадиран во Хаг, пред хашкиот трибунал.
На таа мапа се наоѓа и Црна Гора. По стапувањето на власт на партијата на Мило Ѓукановиќ, а и на самиот Ѓукановиќ, тој лека-полека се ослободи од сите кадри што беа во врска со српскиот политички и воен врв, вклучувајќи ги и своите најблиски пријатели и соборци. Мило знаеше, или му беше кажано, дека со тој товар Црна Гора не ќе може да оди напред и да се доближува до Европската Унија, како што знаеше дека преку таквите постапки ѝ обезбедува на државата дозволен шверц на тони и тони цигари.
Дури и една Босна и Херцеговина, со голем напор на европската заедница, ден за ден, ги исчисти остатоците од меЃуетничката војна, голем број учесници од трите завојувани страна завршија во Хаг, а некои за сторените кривични дела и направени злосторства се процесирани и осудени во домашните судови.

Косово очистено – Македонија ќе чека

Најтипичен пример е Косово, каде што по одведувањето на поранешниот претседател Хашим Тачи да му се суди во Хаг, во Републиката е воспоставена комплетна „цивилна“ раководна структура, поддржана од Соединетите Американски Држави и од Западна Европа. Таму тој процес е речиси завршен, познатите воени команданти се на некаква периферна опозиција, кои тешко дека некогаш ќе се вратат на власт или ќе добијат високи општествени и државни позиции. Секоја чест на борците – но, според премиерот Курти, се сменија времињата и условите.
Имајќи ги предвид овие сознанија, изгледа дека не е случајно што косовскиот премиер не сака соработка со ДУИ, туку како партнер во Македонија ја одбра „цивилната“ постава на албанскиот блок, составена од лидери што не биле учесници во воените дејства на терените во Тетово, Гостивар, Куманово и во Скопје. А не е непознато дека и самиот Али Ахмети и неколкумина од неговата близина учествуваа во војната на Косово и дека биле сослушувани во врска со тоа учество.

Македонија сѐ уште во сивата зона

Да биде појасно, само Република Македонија (сега Северна) остана во таа „сива зона“ без да расчисти докрај, правно и етички, со извршените воени злосторства.
По војната во 2001 година и по склучувањето на Охридскиот рамковен договор, во Македонија во 2002 година беше донесен Законот за амнестија, со кој беа амнестирани раководните луѓе и учесниците во кривични дела поврзани со конфликтот заклучно со 26 септември 2001 година. Неколку години подоцна, бидејќи имаше разлики во толкувањето на законот, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 19 јули 2011 година, даде АВТЕНТИЧНО ТОЛКУВАЊЕ НА ЧЛЕНОТ 1 ОД ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА („Службен весник на Република Македонија“ број 18/2002), со што се смета дека приказната околу конфликтот и амнестијата е завршена односно затворена. Таков став изложи неодамна и техничкиот премиер Талат Џафери, и самиот учесник во конфликтот познат под името Командант Форина.
Но писмото на Дуња МИјатовиќ кажува дека приказната не е завршена, тоа вели дека воените злосторствата против цивилите се простуваат, но не се забораваат. Македонија не може да биде исклучок од другите бивши југословенски републики.

Нема влез во Европа со криминалци и насилници

По логиката на нештата, „црното писмо“ на Дуња Мијатовиќ не е само по себе и само за себе. Зад него се кријат сѐ уште неоткриени намери на Европската Унија. Не може да се исклучи исполнувањето на препораките од тоа писмо утре-другиден да биде еден од официјалните или од тајните услови кон Република Северна Македонија за прием во Европската Унија, како што беше за поранешните југословенски републики. Македонија да биде очистена од луѓето со окрвавени раце, од луѓе замешани, непосредно или посредно, во воени злосторства против човештвото, односно во таканаречените четири хашки случаи.
Тоа не го пишува во францускиот предлог, но многу нешта не пишува ниту во Договорот за пријателство со Бугарија, но Бугарите го бараа и тоа што никаде не го пишува, а беше напишано отпосле. Од таканаречениот македонски европски фронт, ако биде формиран, ќе се бара да го водат лица со чиста биографија, особено без сомневања поврзани со учество во воени дејства.
Но сигурно во тој поширок склоп на европски етички барања ќе бидат опфатени и лицата што учествувале во други криминогени и политички инциденти.