Во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа настанот „Чествување на великаните Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски“ со проф. д-р Кристина Николовска.
Реномираната литературна теоретичарка, критичарка, писателка и промоторка на македонската култура и македонистиката, Кристина Николовска, беседеше за поезијата на великаните на современата македонска литература и култура на овој настан.
Гане Тодоровски е роден во 1929 година во Скопје, каде што завршил основно училиште, гимназија и Филозофски факултет. Работел во весникот „Млад борец“, потоа како асистент, а по докторирањето станува редовен професор на Филозофскиот факултет. Почина во 2010 година во Скопје. Поетското творештво на Гане Тодоровски ги следи сите три фази на развој на македонската поезија. Во првата фаза тој својата поезија ја посветува на татковината, а во втората фаза, неговите песни се интимни, искрени, длабоко копнежливи. Третата фаза, пак, е урбана, современа, каде што ја искажува својата загриженост за човековото секојдневие во светот во кој живееме. Гане Тодоровски на специфичен начин, на сосема свој јазик ги искажува своите поетски трепети. Карактеристични за него се неологизмите, бескрајната низа зборови што ги создава и пресоздава (непрегор, неизгор, непребол, непремолк, непобедници итн.). Но колку што е поетски комплексен и иновативен, толку може да биде и едноставен. Доказ за тоа е песната „Биографија“.
Петре М. Андреевски е македонски поет, романсиер, раскажувач, драмски автор. Долги години работи како уредник во Македонската радио-телевизија. Од 1964 година е член на ДПМ и на Македонскиот ПЕН-центар, a од мај 2000 година е член на МАНУ. Пишува стихови, раскази, романи, драми и филмски сценарија. Македонската критика го прогласи романот „Пиреј“ за ремек-дело на македонската современа проза, а збирката „Дениција“ ја има означено како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам. Делата на Петре М. Андреевски се преведени на повеќе јазици (француски, англиски, шпански, романски, јапонски, српски, хрватски итн.). Во 1984 и 2002 година биле објавени одбрани дела на Андреевски, во пет и во шест тома. Почина на 25 септември 2006 година во Скопје. Една година по неговата смрт, претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, постхумно му додели Орден за заслуги за Македонија, за исклучителниот придонес во развојот и зацврстувањето на македонскиот дух и националната самобитност.