Фото: Архива/Маја Јаневска-Илиева

И покрај информацијата дека „свидетелствата за учениците на кои им се потребни за упис во средно, односно високо образование се веќе доделени“, во нашата редакција добивме неколку реакции од годинешни матуранти дека сѐ уште ги немаат добиено свидетелствата од завршната година во средното училиште, како ни потврда за положена матура, иако за десетина дена би требало да започнат уписите во високообразовните институции во Македонија

Матуранти алармираат дека сѐ уште немаат добиено свидетелства од завршната година, како ни потврда за положена матура

Две и полгодишното справување со пандемијата на ковид-19, покрај сите здравствени и медицински предизвици, остави простор за релативизирање на некои константи во општеството што до март 2020 изгледаа како непроменливи вредности – како на пример почетокот и крајот на учебната година. Но од 2020 година, ниту образовните власти ниту наставниците, а најмалку учениците можат со сигурност да тврдат дека учебната година започнува на 1 септември, завршува на 10 јуни, односно кога ќе се добијат свидетелствата за завршена учебна година, што вообичаено беше до крајот на јуни. На крајот од јуни годинава, Бирото за развој на образованието (БРО) даде известување (кое сѐ уште стои на веб-страницата) дека свидетелствата за учебната 2021/2022 ќе бидат доделени до крајот на учебната година, односно до 31 август.

– Имајќи ги предвид сите услови во кои се одвиваше наставата и оваа учебна година, во време на криза и справување со секојдневни предизвици, ве информираме дека доделувањето на свидетелствата на учениците и оваа учебна година, во согласност со членот 50, став 1 и членот 138, став 5 од Законот за основно образование, како и членот 23, став 2 од Законот за средно образование, ќе се одвива до крајот на учебната година (август). Се разбира, свидетелствата за учениците на кои им се потребни за упис во средно, односно високо образование се веќе доделени, а исто така тие ќе бидат обезбедени и за учениците Што имаат итна потреба од свидетелство поради преселба или продолжување на школувањето во странство. Исто така, потребната педагошка документација поврзана со полагањето и добивањето резултати од државната матура ќе биде навремено доставена до средните училишта.
Бирото за развој на образованието дополнително ќе контактира со училиштата за времето и начинот на дистрибуција на потребните свидетелства до секое училиште, а истовремено ги повикува сите заинтересирани за прашањата во надлежност на Бирото за развој на образованието да се обратат до институцијата. На сите ученици и наставници им посакуваме пријатен одмор, а со нови сили и предизвици, со стекнатите искуства од оваа учебна година, ќе ги продолжиме соработката и заедничките вложувања за подобрување на квалитетот на нашето образование во следната учебна 2022/2023 година – е наведено во известувањето на Бирото за развој на образованието.

И покрај информацијата дека „свидетелствата за учениците на кои им се потребни за упис во средно, односно високо образование се веќе доделени“, во нашата редакција добивме неколку реакции од годинешни матуранти дека сѐ уште немаат добиено свидетелства од завршната година во средното училиште, како ни потврда за положена матура, иако за десетина дена би требало да започнат уписите во високообразовните институции во Македонија. Некои од матурантите што имаат намера да го продолжат високото образование во странство или да конкурираат за стипендии, поради доцнењето на соодветната педагошка документација, пропуштиле некои од роковите за аплицирање за упис во странски универзитети во земји на ЕУ. Навистина, такви ситуации на несовпаѓање и промашување на роковите за упис на матурантите од Македонија на универзитети во европски земји не беа непознати и пред времето на пандемијата, но тогаш беа третирани како индивидуални бирократски предизвици за матурантите што самите избрале да го продолжат образованието во странство. Но сега матурантите што сѐ уште, на крајот од првата декада на август, немаат добиено документација за завршено средно образование, почнуваат да се загрижуваат од неизвесноста дека може да се случи поради тоа да ги пропуштат и роковите за упис на универзитетите во Македонија.
Обидувајќи се да добиеме соодветна информација за предавање на свидетелствата за учебната 2021/2022 година, се обративме до Министерството за образование и наука, од каде што нѐ упатија до Бирото за развој на образованието, како институција надлежна и одговорна за педагошката документација.
Во време на годишни одмори, во Бирото за развој на образованието тешко се добива одговорно лице со соодветни информации за доделување на свидетелствата, иако во суштина станува збор за административна постапка што не треба да им создава фрустрации на сите вклучени во образовниот процес. Од службените лица за контакт на Бирото за развој на образованието добивме насока да се повикаме на јунското известување на БРО, притоа нагласувајќи дека немаат соодветни информации (ниту надлежност да ги добијат) дали навистина матурантите од сите училишта ги добиле свидетелствата и потврдите за положена матура, како што е наведено во известувањето. Поголемиот дел од оние што би можеле да имаат соодветна информација се на годишен одмор.

А матурантите уште на почетокот на создавањето на својата академска биографија очигледно мора да се соочат со реалноста, дека покрај совладувањето на новите знаења, ќе мора да се справуваат еднакво упорно и со административно-бирократските предизвици за да бидат корисни граѓани на општеството.


Префрлање на одговорноста од една на друга институција

Во врска со информациите дека учениците сѐ уште не добиле свидетелства, министерот Шаќири истакна дека нивното обезбедување не е обврска на МОН, туку на Бирото за образование. Сепак , како што вели, според информациите што ги има, целата постапка за набавка на свидетелства е завршена и оти учениците веќе почнуваат да ги добиваат.
– Свидетелствата не се проблем за Министерството. Повикот за печатење на свидетелства и како постапка е во Бирото за развој на образованието. Тие во постапката да одберат оператор имаа процес на жалби. Веднаш по информацијата дека децата немаат свидетелства, јас побарав на тие деца што се запишуваат во средно образование веднаш да им се обезбедат свидетелствата, но исто така знам дека тој проблем е решен во Бирото за развој на образованието и можеби во моментов има доставување на свидетелствата до основните и средните училишта – вели министерот Шаќири.