На 52 дена до почетокот на 21-то Светско првенство во Русија, фудбалскиот свет веќе пулсира со мундијалот, со репрезентациите, со најголемите ѕвезди. Приказната за мундијалите е долга 88 години, но сѐ почна многу порано
Првата фудбалска топка се стркалалa пред повеќе од 170 години и оттогаш играта со „бубамарата“ стана глобален феномен, нарекуван „убавата игра“, а понекогаш и „најважната споредна работа на светот“. Денес фудбалот е и доходен бизнис, со обрт од милијарди, со над 260 милиони фудбалери, веројатно уште најмалку толку вработени во и околу фудбалот и уште неколку пати по толку вљубеници во најпопуларниот спорт на светот.
На 52 дена до почетокот на 21-то Светско првенство во Русија, фудбалскиот свет веќе пулсира со мундијалот, со репрезентациите, со најголемите ѕвезди. Приказната за мундијалите е долга 88 години, но сѐ почна многу порано.
Иако фудбалот меѓународно беше официјално роден во 1904 година со основањето на Светската фудбалска федерација (ФИФА), играта беше присутна на Летните олимписки игри во 1900 и во 1904 година, но само како демонстрациски спорт, без трка за медали (многу години подоцна, сепак, беа доделени признанијата). Веќе со основањето на ФИФА се јавуваа идеите за посебен меѓународен турнир. Но, првиот обид, со идеја и веќе обезбеден пехар, беше комплетно промашување, а требаше да се одигра во 1906 година во Швајцарија.
За ЛОИ 1908 во Лондон ФИФА се избори конечно фудбалот да стане олимписки спорт, но тоа беше само аматерски турнир, кој уште не беше сфаќан сериозно. Така беше и за ЛОИ 1912 во Стокхолм. Двете злата ги освои Англија, а ФИФА успеа да издејствува ЛОИ во иднина да бидат сметани за светски првенства за аматери.
Во меѓувреме, токму поради аматерскиот статус на олимписките репрезентации, во 1909 година бил одржан првиот меѓународен турнир на професионални тимови, како зачеток на интернационализацијата. Истата година фудбалот, преку ФИФА, добива глобално значење, откако првите неевропски земји се зачленуваат во Светската куќа на фудбалот (Јужна Африка во 1909 година, Аргентина и Чиле во 1912-та, САД во 1913 година…).
Но дури по Првата светска војна, на Летните олимписки игри во Антверпен во 1920 година фудбалот официјално излезе од „локалните“ рамки. Тогаш беа одиграни првите официјални натпревари помеѓу репрезентации од различни континенти (Италија се сретна со Египет). Олимписките игри во тоа време станаа своевидни светски првенства, со Уругвај како победник на следните две изданија, во 1924 и во 1928 година.
И покрај постојаните проблеми на релација аматери и професионалци, големата популарност на фудбалот на олимписките игри (финалиња со просек од над 36.000 гледачи) ја мотивираа ФИФА уште посилно да ја турка идејата за свој, независен фудбалски турнир. Така, на 26 мај 1928 година во Амстердам, конгресот на ФИФА, под претседателство на Французинот Жил Риме, изгласа новиот турнир да почне да се игра од 1930 година и да биде отворен за сите земји-членки на ФИФА и за сите фудбалери, аматери и професионалци.
На следниот конгрес, на 18 мај 1929 година, во Барселона беше решено домаќин на првиот Светски куп да биде Уругвај. Изборот на Уругвај беше логичен за ФИФА. Уругвај во тоа време беше најсилната фудбалска нација (двоен олимписки првак), а во 1930 година земјата одбележуваше стогодишнина од независноста. Иако веста за тоа дека Уругвај е домаќин беше поздравена од сите фудбалски земји, европските држави беа резервирани поради фактот дека требаше да го препловуваат Атлантски Океан.
Патувањето беше долго, здодевно и скапо, па во јуни 1930 година бродови отпловија од Европа, но со себе носеа само четири селекции – Белгија, Југославија, Франција и Романија. Првото Светско првенство, играно без квалификации, само со покана, привлече 13 репрезентации, вклучувајќи и седум од Јужна Америка и две од Северна Америка. Се играше фудбал на највисоко ниво, а мечевите ги следеа над 30.000 гледачи во просек. Тотален успех. А олимпискиот фудбал доби силен удар, па не се појави на ЛОИ 1932, што значеше дефинитивна победа на ФИФА и нејзината идеја.
Така, за 24 години, од фијаското со првиот обид за меѓународен турнир во 1906 година, фудбалот застана цврсто на светската сцена и оттогаш не се симнува од врвот во светот на спортот и го има неприкосновениот статус на најголем единечен спортски настан во модерниот свет.