Што претставува „хајперлуп“? Тоа е нов вид воз што во моментов го создаваат голем број компании, кој би им овозможил на патниците да патуваат со брзина од 1.126 километри на час. Се базира на концепт-системот за брз транзит наречен ВХСТ, кој е предложен во 1972 година. Принципот на кој работи системот е во комбинација на магнетизам и транзитни цевки со низок притисок. Концептот за „хајперлуп“ е развиен од оригиналните идеи на ВХСТ, а ги има задржано и идеите за пренос преку транзитни цевки и платформи. Концептот може да се споредува со системот за вакуумски цевки во зграда што се користат за поместување документи од едно место до друго место. „Хајперлуп“ се предлага како алтернатива на краткометражните воздушни патувања, каде што системот ќе биде многу побрз од постојните авионски и железнички мрежи, а наедно и многу почист.

Целта на возот „хајперлуп“ не е да се вози најбрзо што може бидејќи неговата максимална брзина не е идеална за патување. Патниците би се бореле со гравитациските сили особено при свијоците и не би им било пријатно патувањето. Еден од најголемиот проблем за сите нешта што се движат е триењето. „Хајперлуп“ предлага движењето да е замена на традиционалните тркала со употреба на воздушни платформи, преку електромагнетната левитација. На овој начин триењето нема да претставува проблем, кој постои кај традиционалните возови што се движат на шини. Сличен е начинот на кој возовите „маглев“ од Јапонија можат да постигнат супербрзини од 500 километри на час. „Хајперлуп“ користи пасивна магнетна левитација што значи дека магнетите се наоѓаат на возовите и работат со алуминиумска пруга.

Актуелниот активен воз „маглев“ користи патеки со бакарни навои, што претставува скапа инвестиција. „Хајперлупот“ оди едно ниво погоре преку патување на цевки со низок притисок, кој ќе овозможи поголеми брзини при транспортот. Возот ќе биде изграден во тунели во кои дел од воздухот би бил испуштен за да се намали притисокот. На ваков начин би се овозможило помал отпор на триење против платформата што се движи низ тунелот и со тоа би се овозможила поголема енергетска ефикасност, што е пожелно за кој било транзитен систем.

Оригиналниот ВХСТ-концепт предлага користење вакуум, но создавањето и одржувањето вакуум во тунел што ќе има станици претставува проблем. Станиците би требало да се толку добро направени што би го издржале вакуумот и секоја пукнатина би можела потенцијално да го направи целиот систем бескорисен. Затоа хајперлуп-идејата се насочува кон намалување на воздушниот притисок. Тоа може полесно да се овозможи преку интервално поставени воздушни пумпи. Постојат сугестии што велат дека треба да се постават соларни панели на горниот дел од тунелите што би создале доволно електрична енергија за да го подигнат системот. Исто така, овој систем би можел да се изгради и за подземни патувања.

Сè уште нема конкретен датум кога би очекувале да го видиме хајперлуп-возот, туку само информацијата дека ќе биде создаден. На пробната патека од еден километар изградена од „Спејс екс“ е извршено првото успешно тестирање на возот. За првото испитување е користена една патничка платформа од 8,7 метри. Платформата патувала по должината на тест-патеката од 500 метри и достигнала брзина од 192 километри на час. Се планира предлог-план за изградба на пат според овој концепт, помеѓу Лос Анџелес и Сан Франциско од 354 километри, кој би чинел околу 6 милијарди долари во изградбата. Предлог-планот се базира на модел само за патници, додека оној што може да транспортира возила би изнесувал 7,5 милијарди долари. Овој дополнителен трошок ќе биде достоен за тоа, бидејќи повеќе луѓе би можеле да го користат системот нудејќи потенцијално поголеми приноси. Шервин Пишевар коосновач и претседател на „Вирџин Хајперлуп Оне“, има цел да ги префрли патниците и товарот преку брзи платформи, кои во споредба со повеќето авиони и возови се помали и се дизајнирани да тргнуваат на секои 10 секунди. Тој неодамна изјави за дека „хајперлуп“ ќе биде оперативен некаде до 2020 година.