Фото: Игор Бансколиев

Претставниците на туристичката гранка бараат побрзо донесување на измените на Законот за туристичка дејност со кои се надеваат дека ќе се стави ред во дејноста и на граѓаните ќе им се нудат сигурни патувања. Тие очекуваат дека летово ќе имаат законско решение што ќе биде во интерес и на граѓаните и на туристичките агенции и на туроператорите.

Од Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија изразија задоволство што повеќето од предлозите од туристичката фела се прифатени и вградени во законот. Останува да се допрецизира дали ќе се оди со опцијата банкарска гаранција или осигурување на аранжманот.
– Банкарската гаранција е многу важна за да може да ги заштитиме патниците во случај на непредвидени ситуации, тие да се вратат безбедно назад. Некои од предлагачите бараат да се осигури аранжманот и во тој случај одговорностите ги презема осигурителната компанија. Во овој момент не знаеме што ќе се избере, но во секој случај ова е позитивна работа за сите патници што заминуваат надвор од државата, за да бидат безбедни – истакна заменик-претседателот на здружението, Славе Сирачески.

За туристичката фела важно е и условите за патување да бидат третирани со подзаконски акт, а не како што е досега во рамките на законот.
– Ако немаме дефинирани општи услови на патување, кои ќе соодветствуваат со условите за патување што се договорени во светски рамки, оставаме простор многу често да има основа за поднесување претставки или казни за кои реално агенциите или организаторите на патувањето не се виновни бидејќи условите за патување се ставени во закон, а измената на закон е процедура што трае подолго време. За нас е значајно општите услови да бидат третирани со подзаконски акт, кој ќе биде во надлежност на министерот и ќе се менува многу побрзо – истакна Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Македонија.
Со законските измени се разграничуваат две категории – туроператори, кои се организатори на патувањето и туристички агенции, кои ги продаваат аранжманите. Новина е и тоа што лиценцата за работа ќе се издава за две или три години, а не како досега без ограничување.

Од Стопанската комора на Македонија најавуваат дека ќе бараат и регулирање на организирањето на екскурзиите во основните и во средните училишта во согласност со Законот за туризам.
Во првите четири месеци од годинава имало 232.530 туристи. Вкупниот број на туристите е зголемен за 2,4 отсто, но овој процент е помал во однос на истиот период лани. Бројот на странските туристи е пораснат само за еден процент, а бројот на домашните туристи за 5,4 проценти.