Поретко се случува авторот уште со своето дебитантско дело да стапи на литературната сцена во оформен, зрел и стамен литерарен идентитет. Таков е случајот со Олга М. Петкова, чиј роман „Ателјето на Монмартр“ се појави неодамна во издание на „Култура“. Младата авторка, која има завршено и магистрирано на економски науки во Виена, а сега живее во Љубљана, решила професионално, како слободен уметник, целосно да ѝ се посвети на литературата. Резултатот на таа нејзина одлука во вид и на парадокс е и нејзиното литературно деби со роман, кој ни открива талентирана и интелектуално љубопитна личност од која допрва треба да се очекуваат уште поголеми резултати. На над триста страници младата авторка ни ја раскажува егзистенцијалната приказна на Наталија, Русинка, која од родниот Санкт Петербург доаѓа да студира книжевност во Париз. Но покрај со литературата тука таа ќе се сретне и со сликарството, вљубувајќи се во младиот сликар Андре, кој има ателје на Монмартр, едно од култните места на француското и светското сликарство и уметничка боемија. Но таа љубов нема да трае долго. Ќе биде прекината на изложбата на Андре во Виена, каде што Наталија го запознава богатиот Маркуз, примајќи го од него венчалниот прстен, кој на крајот од романот сепак ќе му го врати. Таквиот романескен крај е и вид поширока метафора дека во животот не се вклопува и спојува идеално сè и дека тој е полн со непредвидливи егзистенцијални меандри на искушенија. Имено, низ тие меандри и се одвива, тече нарацијата во романот на Олга М. Петкова.

Особено е важно да се нагласи дека Олга М. Петкова супериорно и со завидна наративна леснотија ја раскажува својата романескна приказна. Нејзината синтакса е јасна, кристализирана и континуална. Станува збор за еден сугестивен, јасно дефиниран стил, кој е склон кон широки дигресии и лиризација на темата. Притоа авторката нема проблем ни со композицијата на романот, да ги поврзе вешто нишките тематски изохипси и да ги сложи камчињата на неговата мозаична култура, притоа внимавајќи со суптилна мера и на психологијата на ликовите. Пред нас со романот „Ателјето на Монмартр“ е авторка што заслужува да се прочита и поздрави како пријатен литерарен настан, ново име на хоризонтот на современата македонска литература.

Ефтим Клетников