Цената на биткоинот достигна рекордно висока вредност лани на 16 декември и оттогаш уште повеќе расте. Како резултат на корона-кризата и потрагата по стабилен капитал, криптовалутата забележа скок во вредноста откако се јави првичниот шок од кризата со вирусот на почетокот од 2020 година. Во 2019 година, децентрализираната валута достигна вредност од околу 13.000 долари во период кога „Фејсбук“ соопшти дека ќе формира своја криптовалута наречена либра што одигра улога во повторната актуализација на биткоинот по долг период на стагнација.
На крајот на 2017 и почетокот на 2018 година, биткоинот доживеа неверојатен бум со тоа што тогаш неговата вредност изнесуваше над 15.000 долари, но интересот за криптовалутата спласна кога потоа се намали нејзината вредност. Лани во мај, првпат по четири години, биткоинот се соочи со таканаречено „половично намалување“, со тоа што наградата за копање на криптовалутата двојно се намали и го отежни неговото „производство“. Ова се појави откако беа ископани 210.000 биткоини. Вкупниот број на биткоините е ограничен на 21 милион.