Која инфлација е добра

Oдговарајќи на неодамнешната загриженост околу растечката инфлација, американските креатори на политики негираат постоење на каква било закана и инсистираат на тоа дека очекувањата се „добро поткрепени“. Тие тврдат дека сите скорешни ценовни скокови ќе се покажат како привремени, како и дека тие се резултат на еднократни стоковни дефицити, кои ќе бидат регулирани откако животот ќе се врати во нормала по завршувањето на пандемијата. Сепак, учесниците на пазарот и инвеститорите сѐ повеќе се опседнати со овој проблем, а експертите се екстремно поделени, нарекувајќи ги пејоративно „лебарки“ оние што не го делат нивното мислење. Ваквата реторика сугерира на потребата од повлекување чекор назад и сериозно размислување во однос на тоа што значи инфлација, а што дефлација. Сите инфлации и дефлации не се слични една на друга. Падот на цените (дефлација) што е предизвикан од технички напредок може да биде добар, како што е случајот со електричните мотори и хемиските бои на крајот на 19 век, или, пак, оној со компјутерите (и голем број други електронски производи за широка потрошувачка) во текот на изминативе 50 години. Ова не се промени на цените во стилот на оние што доведоа до Големата депресија и должничките кризи.
Истата особеност се однесува и кога зборуваме за инфлацијата. Може да постои „добар“ раст на цените, како во случаи кога пазарите имаат потреба од одреден сигнал за да излезат со некаква реакција.
Актуелниот бран од зголемени цени на компјутерските чипови е одраз на дефицитот во снабдување, што, пак, од друга страна, го намалува производството на автомобили, фрижидери и други слични производи што се базираат на овие компоненти. Но овој „чипагедон“ (кованица од чип и Армагедон, која го објаснува проблемот со недостиг од микрочипови) не значи крај на светот. Напротив, тој им испраќа јасни сигнали на производителите на чипови да го зголемат производството и да ја засилат понудата. Во овој случај, растот на цените има корисна улога, па така, во иднина да може да очекуваме пониска цена на чиповите. Размислете за сценарио во кое е потребна поинаква пазарна реакција. Денешново брзо закрепнување ја зголеми потребата од товарен транспорт, што, секако, ги зголемува цените на горивото и енергијата. Згора на тоа, недостигот од камионски возачи и уценувачката атака врз главниот гасовод на источното крајбрежје ги оставија празни бензинските пумпи. Но оваа енергетска „суша“ е резултат на привремени дефекти и не навестува реприза на нафтениот шок од 1970-тите.

Повисоките цени на бензинот ќе им сигнализираат на потрошувачите дека намалувањето на потрошувачката и зависноста од фосилни горива е нешто што е исплатливо. Ваквата порака убаво се вклопува во генералното прифаќање на фактот дека економијата треба да се дистанцира од интензивната употреба на јаглеродните извори на енергија. Од друга страна, треба да им дозволиме на цените да ја извршуваат својата адекватна функција – насочување на однесувањето на потрошувачите и на идните планови во однос на потрошувачката.
Овие современи феномени не го претставуваат оној вид инфлација што би бил пречка за економско заздравување. Повисоките цени на чиповите и горивата едноставно го рефлектираат она што производителите и потрошувачите треба да го сторат.
Историски гледано, честопати се случувало големите глобализациски забрзувања да бидат придружени со инфлациски бранови – секој поединечно ги терал политичарите и потрошувачите да ги бараат и да се повикуваат на виновниците. За време на 1850-тите и 1860-тите, порастот на цените беше толкуван со откритијата на злато или финансиските иновации што следуваа по развојот на новите видови банкарство. Во текот на 1970-тите вината ја носеше американската монетарна политика, а некои исто така укажуваа и на финансиските иновации (наплив на меѓународно банкарско кредитирање), како и на улогата на картелите во државите-производители.
Меѓутоа, факт е дека и во двата случаја, ценовните ефекти помогнаа да се иницираат промени во однесувањето, кои на крајот резултираа со зголемена ефикасност и пониски цени („добра дефлација“). Според тоа, би било полезно доколку на актуелното зголемување на цените се гледа како на пример за „добра инфлација“, кои претставуваат прв чекор во еден корисен и поволен процес. Ваквата промена во генералниот начин на размислување ќе бара напуштање на консензусот од 1990-тите и 2000-тите, кога, во потрага по стабилни цени, инфлацијата стана клучното оружје на централните банки. Низ светот, владите и централните банки зазедоа заеднички став дека пожелната стапка на инфлација треба да се движи помеѓу 2 и 2,5 отсто. Во согласност со ова, тие изразуваа загриженост секогаш кога стапката ќе се „помрднеше“ дури и само за неколку децимални поени нагоре или надолу. Обично причината беа хорор-приказните од минатото за лошата дефлација (Големата депресија) или лошата инфлација (како последица на светските војни од дваесеттиот век).

Ваквиот консензус во однос на монетарната политика беше прифатлив за стабилен свет, во кој со години не се случуваа радикални шокови. Еден од неговите главни поддржувачи, тогашниот гувернер на Банката на Англија, Мервин Кинг, даде добар опис на ерата со кратенката НАЈС – неинфлаторна континуирана експанзија. (најс – пријатен).
Но ние веќе не сме во пријатен свет, туку свет што бара драматични промени во однесувањето, а ценовниот механизам е најмоќниот инструмент што го имаме за комуникација во однос на тоа како компаниите и поединците би требало да реагираат. Оваа пандемија драматично го забрза усвојувањето информатички комуникациски технологии и така создаде потреба за поголеми инвестиции, што ќе ги олеснат новите глобални врски и ќе обезбедат ефикасност и непристрасност.
Потребно е цените да ги распоредиме на начин што е усогласен со нашите заеднички принципи и приоритети. Исто така, треба да смислиме други мерила што ќе ни помогнат во процената околу тоа со колкава ефикасност државите – наедно и целото глобално општество – реагираат на рестриктивните предизвици на денешницата.

Авторот е професор по историја и меѓународни односи на универзитетот „Принстон“ во САД и висок соработник во Центарот за иновации за меѓународно управување. Специјалист за германска економска историја и глобализација и е коавтор на делото „Еврото и битката на идеите“.