Скромната намирница наречена компир има важна улога во развојот на човештвото. Се нарекува подземен резервоар на енергија бидејќи изобилува со скроб и обезбедува доволно енергија и нутритивни компоненти за организмот, особено за време на глад и сиромаштија. Многупати во текот на историјата го спасувал човештвото од глад за време на војни и им го подобрувал животот на многу сиромашни луѓе. Ова растение први почнале да го одгледуваат Индијанците во Перу пред повеќе од 4.000 години, а во Европа е донесен кон крајот на 16 век. Името потекнува од баварскиот збор „грунтбир“ што во превод значи „круша од земја“.

Постојат различни видови: млад, црвен, жолт, бел и подоцнежен (со повеќе скроб, погоден за пире и за приготвување тесто). Овој зеленчук претставува една од најхранливите билки во светот. Тврдењето дека компирот дебелее воопшто не е точно, напротив, истражувањата покажуваат дека компирот има токму спротивен ефект, брзо предизвикува ситост, а има малку калории. Се разбира, станува збор за печен или за варен компир. Пржените компири не само што не се здрави, туку и ја зголемуваат телесната тежина поради големото количество маснотии што го содржат.


За што сѐ може да се искористи

Анемија
Компирот е одличен извор на железо и на фолна киселина, кои се од суштинско значење во формирањето црвени крвни зрнца. Од оваа причина, сокот од компири може да се користи при лекување анемија.

Артритис
Компирот содржи минерали, калиум и органска сол, кои имаат антивоспалителни својства. Исечете парче компир (со лушпа) и ставете го во чаша со вода. Сокот консумирајте го наутро пред појадок.

Кожа
Компирот претставува прва помош кога станува збор за изгореници, црвенило или чешање. Без разлика дали на вашата кожа ќе ставите необработен компир или сок од компир, ефектот ќе биде ист.

Гастритис
Сокот од компир најчесто се користи за ублажување на симптомите што се јавуваат кај гастритисот, бидејќи ефикасно ја намалува киселината во стомакот. Доколку страдате од гастритис, пијте по половина чаша сок од компир (3 до 4 пати во денот) во времетраење од еден месец.

Висок крвен притисок
Компирот е извор на калиум, кој помага во намалувањето како и во регулирањето на високиот крвен притисок.

Болки во зглобовите
Сокот од компир е одличен за намалување на болките во зглобовите, главоболката и болките предизвикани од артритис.

Намалување на килограмите
Често слушаме дека компирите здебелуваат. Тоа е мит. Најчесто ги приготвуваме во масло, па затоа тие содржат многу калории. Но варениот компир не само што ја подобрува функцијата на дигестивниот систем, туку и ви помага во борбата против килограмите.


Зошто е толку здрав?

Компирот содржи железо што организмот го апсорбира во многу поголемо количество од железото што се состои во кој било друг зеленчук. Содржи повеќе калиум од бананата.
Има многу помалку калории од лебот, оризот и од тестенините.
Компирот содржи големо количество растителни влакна и здрави јагленохидрати.
Содржи витамин Б, фосфор и магнезиум.
Неколку компири дневно на организмот му ја даваат потребната дневна доза од витамин Ц.
Содржи флавоноиди што штитат од болести на дишните патишта, болести на срцето и крвните садови и рак.
Може да се користи и како облога за главоболка и висока температура (се ставаат кругови свеж компир на челото) и болки од ревматизам (се ставаат кругови од варен компир на болното место).


Сок за здравје

Сокот од компир е природен лек што може да го подобри функционирањето на дигестивниот систем и да ги ублажи болките во стомакот и во желудникот. За приготвување на сокот се препорачува млад компир што ја намалува киселината во желудникот.
Најпрво компирите треба да ги излупите и убаво да ги измиете. Немојте да користите компири што се презрели или, пак, компири што имаат црни точки, бидејќи содржат токсини, кои му штетат на вашето здравје.
Сокот од компир не е вкусен, па затоа ви препорачуваме да додадете некое овошје по ваш избор.