Сите наши напори се насочени кон зголемување на домашното производство на електрична енергија и засега не размислуваме за какви било рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, но секако дека одговорната потрошувачка од секого од нас може да помогне за оптимизација на побарувачката за енергија, потенцира првиот човек на АД ЕСМ

РАЗГОВОР СО ВАСКО КОВАЧЕВСКИ, ГЕНЕРАЛЕН ДИРЕКТОР НА АД ЕСМ

Деновиве вниманието на целокупната македонска јавност е свртено кон АД ЕСМ и РЕК „Битола“, која си го поставува прашањето дали зимава ќе има доволни количества електрична енергија за стопанството и за граѓаните. За овие и други актуелни прашања разговаравме со Васко Ковачевски, генерален директор на АД ЕСМ. Тој вели дека АД ЕСМ ги презема сите чекори за продолжување на континуираното производство на електрична енергија во текот на грејната сезона.
– Во нашиот најголем производствен капацитет, РЕК „Битола“, засилен е ископот на јаглен за потребите на стабилно обезбедување електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, а обезбедени се уште дополнителни 90.000 тони јаглен од Албанија за почеток на производство на струја за стопанството по подостапни цени. За таа намена, последниот јавен повик за набавка на 810.000 тони јаглен ќе биде отворен во текот на целата 2022 година за да се обезбеди сигурно снабдување на термоцентралата со јаглен. Нашите стручни лица во комбинатот неуморно работат на оспособување на трансформаторот на Блок 3, кој беше опожарен минатиот месец од висок напон, кој дојде преку електродистрибутивната мрежа на МЕПСО – нагласува Ковачевски.
Ковачевски се осврна и на причините поради кои државата се најде во ваква ситуација на недостиг од електрична енергија.

– Во согласност со Законот за енергетика, кој стапи во сила кон средината на 2018 година, АД ЕСМ како производител на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет во земјава е должен да му понуди електрична енергија на универзалниот снабдувач, во случајот „ЕВН хоум“, за граѓаните, односно домаќинствата, и за малите потрошувачи, односно субјекти што во последните две години имале помалку од 50 вработени и вкупен годишен приход помал од два милиони евра. Притоа, почнувајќи од 2019 година, па заклучно со 2025 година, во Законот е предвидено секоја година АД ЕСМ да му нуди на универзалниот снабдувач сѐ помало количество електрична енергија. Така, во 2019 година, АД ЕСМ беше должен да му понуди на „ЕВН хоум“ најмалку 80 отсто од вкупните годишни потреби, во 2020 година тој процент се намали на 75, годинава изнесуваше 70 проценти, а до 2025-та, секоја година процентот се намалува за 10 отсто и во 2025 година треба да изнесува најмалку 30 отсто од вкупните годишни потреби на снабдувачот. Остатокот од вкупните годишни потреби, универзалниот снабдувач може да го набави на слободниот пазар. Но, и покрај оваа законска обврска, АД ЕСМ сите изминати години, по препорака и во договор со Владата на Република Северна Македонија, понудуваше 100 проценти од потребите на универзалниот снабдувач, за универзалниот снабдувач да не го набавува остатокот од потребните количества струја на слободниот пазар, каде што цените на струјата се повисоки за разлика од произведената на АД ЕСМ – вели Ковачевски.

Тој уште нагласува дека АД ЕСМ е чувар на цената на струјата за граѓаните и малите потрошувачи. АД ЕСМ, во согласност со Законот за енергетика, не е должно да обезбедува електрична енергија за стопанството. Но со избувнувањето на енергетската криза во Европа и зголемувањето на цените на струјата на берзите, трговците со струја започнаа да ги раскинуваат договорите со субјектите на кои се обврзале дека ќе им обезбедат струја. Состојбата со цената на електричната енергија на светските берзи, која никој не можеше да ја предвиди, влијаеше врз доставувачите на струја во земјава, кои ги раскинаа договорите со своите клиенти и товарот за обезбедување електрична енергија и за нив се префрли на АД ЕСМ и преостанатите енергетски компании во земјава.
АД ЕСМ, и по план и програма за работа, предвидуваше работа со два блока во ноември и декември, но поради новонастанатата ситуација, ние веднаш презедовме чекори што ќе обезбедат стабилно производство на електрична енергија во количество што го бара електроенергетскиот систем на земјата. Распишавме јавни повици за набавка на јаглен за вклучување во погон на РЕК „Осломеј“, а по повеќе од една деценија, ќе се рестартира и ТЕЦ „Неготино“ за да се ублажи недостигот од струја во системот – потенцира Ковачевски.
Првиот човек на АД ЕСМ одговори и за тоа како се случи термоцентралите во Битола да останат без доволни количества јаглен на депонија.
– Погрешна е информацијата што подолго време се споделува во јавноста за состојбата на депонијата за јаглен во РЕК „Битола“. Најпрвин, јавноста мора да знае што значи терминот депонија за јаглен во РЕК „Битола“. Тоа е простор на кој се чуваат резерви од јаглен што термоцентралата би ги користела во услови кога не може да се врши континуиран ископ на јаглен во рудниците на РЕК „Битола“.

Со други зборови, термоцентралата работи континуирано и без проблеми, независно колкави количества јаглен има на депонија, ако ископот на јаглен во рудниците и дотурот до термоцентралата се одвиваат непречено. Освен тоа, колкави и да се количествата на јаглен на депонија, тие секојдневно се менуваат. Јаглен доаѓа од рудниците, се троши во процесот на производство, па доаѓа нов, и така во круг секој ден. Празник – делник, независно. Количества јаглен на депонија доаѓаат секој ден и секој ден дел од нив се троши за производство. Точно е дека обично летните и есенските месеци во РЕК „Битола“ се користат за трупање резерви на јаглен на депонијата, кои би значеле некаква гаранција дека производството нема да застане при непредвидени природни или други околности во рудниците на РЕК „Битола“ во зимските месеци. Притоа, мора да се има предвид дека рудниците на РЕК „Битола“ минатата, 2020 година во два наврата беа погодени од елементарни непогоди, кои оставија длабоки последици врз работењето на комбинатот. Багерите за ископ на јаглен беа надвор од функција долг временски период. СРс 630/1 беше надвор од функција седум дена, багерската единица СРс 630/2 не работеше 36 дена, а КУ 300 беше надвор од функција цели 54 дена – истакнува Ковачевски.
Првиот човек на АД ЕСМ вели дека со добра организација и со натчовечки напори на вработените во РЕК „Битола“, особено во рудниците, тој период на сервисирање и враќање во функција на багерските единици РЕК „Битола“ и АД ЕСМ го поминале без поголеми проблеми во секојдневното работење и производство на електрична енергија.

Ковачевски даде се осврна и на прашањето дали државата се најде во ваква ситуација и поради определбата на Владата за енергетската трансформација и производство на струја од обновливи извори на електрична енергија или нешто друго.
– Апсолутно не. Процесот на зголемување на учеството на обновливите извори на енергија во целокупното портфолио на АД ЕСМ е посебен процес, кој нема никаква допирна точка со актуелната состојба во енергетиката на глобално ниво. Владата на Република Северна Македонија и АД ЕСМ се одлучни во напорите да се реализираат проектите што ги најавивме, поради што државата е препознаена како лидер во регионот по напорите за преминување кон нискојаглеродна економија. АД ЕСМ има 1.450 MW инсталирана моќност во државни капацитети за производство на електрична енергија. Нивниот реален капацитет за производство е 1.200 MW, со оглед на амортизацијата низ децениите. Сакам да потенцирам дека во изминатите 10-12 години како реална енергетска инвестиција во АД ЕСМ беше реализиран единствено ветерниот парк Богданци, со моќност од 35 MW. А, само од 2019 година наваму ние имаме проекти пред пуштање во употреба, или во градба или интегрирани во системот од 140 MW. Тоа се когенеративната гасна електроцентрала КОГЕЛ, со моќност од 30 MW, фотонапонската електроцентрала „Осломеј 1“, со моќност од 10 MW, и ЈПП-фотонапонската електроцентрала од 100 MW. Паралелно, инвестиравме и инвестираме и во нашите традиционални капацитети за производство. Во РЕК „Битола“ беше направен ремонт на блоковите за првпат по осум години, иако тоа требало да се случи многу порано, набавен е значителен дел сопствена механизација за ископ на јаглен. Исто така, вложивме во своите хидропотенцијали. Што значи, државата плански инвестира и гради стратегија за енергетиката – вели Ковачевски.

Првиот човек на АД ЕСМ го прашавме и до каде се активностите за набавка на 900.000 тони јаглен за работа на трите блока на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“.
– Веќе споменав дека за РЕК „Осломеј“ постапката за набавка на 130.000 јаглен е завршена. На првиот повик за набавка на 900.000 тони јаглен, пак, за РЕК „Битола“ се обезбедија 90.000 тони, заради што е отворен нов јавен повик за набавка на преостанатите 810.000 тони и за набавка на дополнителни 170.000 за РЕК „Осломеј“. Овој пат понудите ќе се собираат до 31 декември 2022, преку отворен систем на набавки до исполнување на средствата. Минималните количества што може да се достават се 50.000 тони за РЕК „Битола“ и 20.000 тони за РЕК „Осломеј“. Квалитетот на јагленот ќе се тестира лабораториски за да се види дали ја има минималната калорична вредност. Покрај тоа, критериум за избор ќе бидат и цената и големината на понудените количества. Понудувачите ќе треба да доставуваат и пробни количества, за да се види како ќе реагираат котлите и опремата – потенцира Ковачевски.
Првиот човек на АД ЕСМ се осврна и на тоа како ќе биде транспортиран јагленот од Албанија, дали со товарни возила преку посебни коридори или со железница.
– Во согласност со сите анализи што ги направивме и ние како компанија и ресорните министерства во Владата на Република Северна Македонија, изгледно е дека транспортот на јагленот до РЕК „Битола“ ќе биде преку железница, а до РЕК „Осломеј“ со товарни возила. Со РЕК „Осломеј“ веќе имаме искуство во оваа активност, така што не очекувам никакви проблеми. Што се однесува до РЕК „Битола“, „Македонски железници – инфраструктура“ веќе преземаат чекори за сервисирање и ставање во функција на железничката мрежа што и во минатото служела за дотур на стоки. Се надевам дека успешно ќе ги завршиме сите подготовки за првите количества јаглен за РЕК „Битола“ што ги очекуваме на почетокот на следната година – истакна Ковачевски.

За тоа колку ќе биде надвор од погон Блокот 3, првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски, нагласува дека стручни лица од РЕК „Битола“, заедно со свои колеги од МЕПСО и ЕВН, како и стручњаци од техничките факултети во Битола и Скопје, секојдневно работат на оспособување на трансформаторот на Блок 3, кој беше оштетен во пожар на почетокот на ноември, поради што постројката е надвор од функција речиси еден месец. Како што потенцира Ковачевски, во тек е итна постапка за набавка на делови за трансформаторот. Во интерес на АД ЕСМ и на државата во целост е постројката да биде што побрзо ставена во функција и очекува тоа да се случи на почетокот на следната година.
За тоа колку скапо ќе го плати Македонија недостигот од електрична енергија, тој вели дека со прогласувањето на енергетската криза во земјава, Владата им стави на располагање на енергетските компании 65 милиони евра за што поуспешно справување со новонастанатата ситуација.
– Многу е важно оваа состојба да не ја гледаме изолирано, како да се случува само во земјава, туку глобално. Недостигот од електрична енергија е присутен речиси во сите европски земји, а зголемената побарувачка ги крена цените на висина што никој не ја очекуваше. Република Албанија, на пример, само годинава за увоз на струја потрошила над 200 милиони евра. Во Германија се најавуваат рестрикции во снабдувањето со електрична енергија. Од таа перспектива гледано, ние успешно се справуваме со енергетската криза засега. Го стартуваме РЕК „Осломеј“, во погон го ставаме и ТЕЦ „Неготино“. Се надевам наскоро во функција ќе биде и Блокот 3 на РЕК „Битола“. Сите наши напори се насочени кон зголемување на домашното производство на електрична енергија и засега не размислуваме за какви било рестрикции во снабдувањето со електрична енергија, но секако дека одговорната потрошувачка од секого од нас може да помогне во оптимизација на побарувачката за енергија – потенцира во разговорот за „Нова Македонија“ првиот човек на АД ЕСМ, Васко Ковачевски.