Вечерва, во 19 часот, во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“, во Музејот на градот, Скопје ќе се отвори самостојната изложба на Родољуб Анастасов, „Човек и простор“. Ќе бидат изложени триесетина дела од еден од најпознатите и најобемни циклуси од творештвото на Анастасов, изработени во различни техники – пастел на хартија, масло на платно, акварел, комбинирана техника и сл.
– Циклусот на кој Анастасов му е посветен најдолг период е „Човек и простор“, тој на него работи од 1978 до 2008 година. Тоа е циклус за осаменоста на субјектот во урбаниот простор и воопшто во светот во кој некој се наоѓа надвор од прозорецот. Луѓето во оваа голема серија дела се силуети што се наоѓаат во некаков свет, предел или град со кој не се во реален контакт. Тежиштата на односите и пораките постојано поседуваат некоја неодреденост што се движи меѓу дистанцата на уметникот и светот околу него или во други случаи на отуѓеноста, алиенацијата на урбанизираниот човек, а можно е дека во тие глетки може да се почувствува некој поглед на идеологијата што луѓето ги доживува како толпа – вели Лазо Плавевски за опусот.
Според Александар Богоевиќ, централниот настан во сликарството на Родољуб Анастасов е човекот, а сите изложени слики се искази за видовите на неговото присуство во урбаните средини, градовите од бетон и челик, индустриските хали.
– Меѓутоа, на погрешна страна би нѐ одвело толкувањето на насликаните простори во смисла на нивно дискредитирање, зашто постојаниот судир меѓу природата и интервенцијата на човекот во неа се сведува врз неговото постоење, ако ги насочиме видувањата до некои елементарни корени на таквото однесување на човекот вообличено е само елементарното чувство на човековото присуство, драматиката на преживувањето, динамиката на животот, неизвесноста – вели Богоевиќ.
Анастасов е поранешен професор по сликарство на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Дипломирал на Академија за ликовна уметност во Белград. Пет години бил член на меѓународната група „Јуниј“. За неговото творештво се објавени две монографии.