Како ќе се справи Европа со санкциите врз Русија

Руската воена операција во Украина ја истакна потребата Европа конечно да инвестира повеќе во својата одбрана и безбедност. Ваквите агресивни дејства ја наложуваат потребата за воведување многу строги санкции за кои ќе бидат потребни нови политички механизми за да им се помогне на членките на Европската Унија да ја зачуваат солидарноста

Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да ја нападне Украина е драматичен повик за будење за Европа. Европската Унија (ЕУ) повеќе не може да биде пасивен играч во светските случувања. Таа мора да ја зајакне сопствената безбедносна структура во поширокиот контекст на НАТО. Соочени со воената операција на Путин, на Европа итно ѝ треба сличен механизам како фондот за обнова од пандемијата за финансирање инвестиции во нејзината долгорочна безбедност и да им помогне на членките да ги поднесат економските трошоци за воведување значајни санкции против Русија.
Потребните чекори за геополитички да се обезбеди Европа ќе бидат скапи и тие ќе бидат многу повеќе од само поддршка на застарените воени сили. Некои од трошоците ќе произлезат од ефектите од санкциите, а некое од потребата да се приспособат на новото геополитичко опкружување. Не сите членки на ЕУ имаат доволно фискален капацитет да ги апсорбираат овие трошоци. Некои (како Италија) имаат многу повисоки нивоа на јавен долг, а други (како Германија) се поизложени на повратните ефекти од санкциите. Згора на тоа, ниту една членка на ЕУ не може изводливо да продолжи со брза и целосна диверзификација надвор од рускиот гас. Како што се закани поранешниот руски претседател Димитриј Медведев, Европејците се соочуваат со изгледите за вртоглаво покачување на цените на бензинот. Со тоа што Украина и Русија заедно сочинуваат речиси 30 отсто од светскиот извоз на пченица, храната исто така ќе има свое влијание низ светот, а проблемот ќе биде дополнет со зголемувањето на цената на ѓубривата, чиј главен производител е Русија.
Негативните ризици за економијата ќе вклучат нови инфлациски притисоци покрај оние поврзани со повторното отворање на економиите по пандемијата. Соочена со стагфлација, Европската централна банка (ЕЦБ) може да почувствува поголем притисок да ја заостри монетарната политика. Ако е така, очекувањата за зголемување на стапките би можеле за возврат да принудат некои земји на фискално заострување, што би оневозможило значајни дополнителни трошоци за безбедноста.
Сепак, обединета Европа е потребна сега повеќе од кога било за да се задржат доволно строги санкции против Русија и да се ублажи краткорочната болка од руските контрасанкции. Со оглед на тоа што капацитетот на европските складишта за гас сè уште е 30 отсто и сè уште постои можност за добивање дополнителен течен природен гас (ЛНГ), Европа може да ја преживее зимата дури и со прекин на целиот проток на руски гас.

Но за да се справат со ова најлошо сценарио, европските земји ќе треба да покажат солидарност преку споделување на оскудните ресурси со оние на кои им е најпотребно и со проширување на финансиската поддршка од ЕУ на најпогодените земји. Потоа ќе бидат потребни уште две мерки за да се обезбеди долгорочна солидарност за енергетските прашања. Прво, земјите од ЕУ мора (конечно) да изградат гасни интерконекции, кои се потребни за да го направат енергетскиот пазар на ЕУ пофлексибилен и поотпорен на шокови. Второ, земјите од ЕУ мора да го претворат складирањето на гас во стратегиско средство. Од компаниите што поседуваат складишта треба да се бара да ги наполнат пред зимата, а земјите-членки на ЕУ треба да размислат за развој на регионален стратегиски систем за складирање гас.
Европа, исто така, треба да се подготви да ги пречека воените бегалци. Ќе биде потребен механизам за дистрибуција на потенцијални милиони бегалци во Унијата и за финансиска поддршка на земјите-домаќини. Еден можен план е Поддршката на ЕУ за ублажување на ризиците од невработеност во итен случај, која беше спроведена за време на пандемијата за да ги зајакне националните системи за социјално осигурување. Згора на тоа, западните компании и финансиски институции тешко погодени од ефектите на војната и новите санкции не смеат да трпат ликвидни кризи. Руската економија, најверојатно, ќе биде нагло исклучена од западните пазари, а украинската економија брзо ќе се влоши. Многу западни компании ќе бидат изложени на овие случувања и ќе им треба време и поддршка за повторно да ги фокусираат своите средства и деловни планови.
Одговорот на Европа овде треба да вклучи активирање нови исклучоци од државната помош според членовите 107 (3) и 109 од Договорот за функционирање на Европската Унија. Но не смее да застане тука. Директното суспендирање на рамката за државна помош може да произведе сценарио во кое богатите земји ќе можат да ги заштитат своите пазари многу повеќе отколку што можат посиромашните земји, поткопувајќи ја конкуренцијата на внатрешниот пазар. Затоа, на Европа ѝ е потребен капацитет за да се обезбеди еднаква поддршка на сите засегнати компании и финансиски институции. Конечно, не можеме да избегнуваме да ја обновиме застарената европска воена инфраструктура. Сите средства ќе се користат за реформирање и модернизација на националните единици што учествуваат во одбраната на ниво на ЕУ преку задачите на борбената група на ЕУ или на НАТО.

Фондот за обнова и отпорност на ковид-19 сега треба да се дополни со безбедносен капацитет за да се обезбеди финансиска поддршка за тешките мерки што ќе бидат потребни за да се одржи обединет фронт наспроти Русија. Покрај заемите за справување со краткорочни прашања како што е неликвидноста, треба да има заеднички трошења за финансирање на структурната адаптација на среден рок, особено за поддршка на трошоците за одбраната, преселувањето на бегалците и енергетската транзиција. Соодветно на тоа, фондот треба да се финансира со обврзници на ЕУ, кои треба да бидат прифатливи за купување од страна на ЕЦБ. Руско-украинската криза ќе бара преиспитување како европските земји ги распределуваат своите буџети и управуваат со клучните сектори, од кои некои се само слабо поврзани со одбраната и безбедноста. Оваа транзиција не е избор, туку неопходен одговор на тешките времиња.

Ана Паласио е хонорарна професорка на универзитетот „Џорџтаун“. Силвија Мерлер е хонорарна предавачка на школата за напредни меѓународни студии при универзитетот „Џонс Хопкинс“. Франческо Николи е професор по политичка економија на Универзитетот во Гент и соработник на универзитетот во Амстердам. Симоне Таљапјетра е истакнат соработник во експертската група „Бројгел“