Фото: Твитер-профил на рускиот претседател

Има сè повеќе повици до поранешната германска канцеларка Ангела Меркел да се врати од пензија и да разговара со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на конфликтот во Украина, пишува британскиот дневен весник „Телеграф“.

Лидерот на руската истражувачка организација „Руски совет за меѓународни работи“, Андреј Кортунов, е последниот во низата што предложи Меркел да биде посредник во кризата.

– Мислам дека тоа треба да биде глас однадвор, личност што претседателот Путин ја почитува, на која ѝ има доверба и која може да изрази одредена емпатија и во исто време да побара промена на пристапот. Лично мислам дека може да биде Меркел бидејќи го знае украинскиот проблем, го потпиша Договорот од Минск и е еднакво почитувана и во двете земји и во Европа – нагласи Кортунов.

Сличен став претходно искажа и поранешниот италијански премиер Матео Ренци, кој смета дека Меркел е единствената што може да зборува и дека нејзиниот глас еднакво се слуша во Москва, Вашингтон и во другите главни градови.

Меркел сѐ уште не ги коментирала овие предлози.

Денеска е осми ден од оружениот конфликт во Украина и се очекува да се одржи нова рунда преговори меѓу Русија и Украина. Генералното собрание на ОН донесе резолуција со која се осудува руската агресија врз Украина. Херсон падна во рацете на руската армија, со што стана првиот голем украински град што се најде под руска контрола.