Во земјава изутрината влезе семејството со новороденчето, има уште седум граѓани кои се во активна евакуација од Украина, се мобилизираме, ќе пратиме и транспортни комбиња. Последната бројка е 77 наши државјани, со нив има и членови на семејства кои се Украинци, за кои имаме преземено обврска за евакуација. Околностите стануваат сѐ потешки, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во изјава за ТВ 24, Османи кажа дека дал предлог на Влада за прием на бегалци, за ослободување од обврската за ПЦР-тестови и оти се предвидени сите чекори за да има непречено прифаќање бегалци од Украина.

Тој додава дека тенденцијата е бегалците да се движат кон Полска и Романија, во Грција и Хрватска веќе пристигнале бегалци, а кај нас се уште нема.

За поддршката што ѝ ја даваме на Украина, рече дека Македонија застанува во заштита на меѓунаордното право и принципите на почитување на суверенитетот и територијалниот интегрит на државите.

– Ние сме членка на НАТО и тоа менува сѐ. Тоа е квалитативно суштинска разлика. Првпат почувствувавме како е да си дел од Алијансата. Ги повикувавме порано граѓаните да ја напуштат Украина затоа што имавме информации, НАТО гарантира безбедност. Напад врз наша територија ќе е напад врз сите 29 членки. Членството во НАТО носи и обврски. Имаме обврска да ја заштитиме територијата на НАТО – истакнува Османи.

Вели дека никој не е против рускиот народ, туку против агресивната политика на нивната влада.

– Нема народ кој прави агресија, тоа обично е влада која го заведува својот народ, мора да имаме јасен став околу руската влада. Со поддршката на Украина ја поддржуваме нашата држава, правото секоја држава сама да си ги одбира приоритетите – вели Османи.

Шефот на дипломатијата смета дека исмејувањето на државни претставници и институции за време на руската агресија во Украина е вид на хибридна закана.

– Кога ги дефиниравме хибридните закани, една од хибридните закани дефиниравме дека е исмејување на институциите. Кога вели МНР напуштете една држава, вие мора да верувате во тоа. Несвесно граѓаните влегуваат во такви инструменти на наштетување на државата, затоа бараме многу внимателност во овој дел – рече Османи.

Министерот додава дека ваквиот феномен делумно го разбира и дека постојат објективни причини за тоа, меѓу кои и фрустарциите од долгото чекање за започнување преговори со ЕУ.

– Има одредени објективни елементи како што е чувство на измаменост од ЕУ кое се манифестира како антизападна политика. Тоа е емоција која ја ослабува довербата на граѓаните во институциите. Ние се обидуваме максимално да ги направиме институциите поотпорни и по однос на напад на дигиталната инфраструктура и по однос на овие хибридни закани – рече Османи.

Говорејќи за проширувањето на ЕУ во конетекст на актуелната ситуација со Украина, тој рече деа дека Западен Балкан е слаба точка на ЕУ и дупка во нејзиното тело и оти сега е момент тоа да се смени.

– Проширувањето на ЕУ е пред се безбедносна политика и важна безбедносна компонента. Се надеваме дека ЕУ ќе смогне сили и ќе направи веднаш брзи чекори, а најлесниот пат е веднаш да почне преговори со Северна Македонија. ЕУ мора да ја смени динамиката во регионот. Од четирите отворени прашања во регионоот, БиХ, Косово, РСМ и Албанија, со започнувањето на преговорите со Скопје и Тирана ќе реши веднаш две и тоа ќе помогне за затворање и на другите две, истакна Османи.

Тој посочи дека продолжува процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и се надева дека и Софија ќе го сфати моментот дека проширувањето на ЕУ е дел од безбедносната политика. Очекува да продолжи и ангажманот на САД за надминување на проблемот.