Ќе ја преживее ли демократијата дигиталната ера?

За да ги заштитат нивните демократии и да го вратат статусот на светско ниво, западните земји мора да покажат свест и политичка волја да се соочат со предизвиците. Многу од тие предизвици потекнуваат или се влошени од дигиталните технологии

Долги години САД и Западот беа пример за либерално-демократски просперитет што поголем дел од светот сакаше да го примени. Но во последно време на површина почнаа да се појавуваат слабостите во западните политички системи. Падот на Западот не е неизбежен. Но за да ги заштитат своите демократии и да го вратат статусот во светот, западните земји мора да покажат дека се свесни и имаат политичка волја за да се справат со своите слабости.
Лидерите треба да започнат со решавање некои непосредни и итни предизвици, почнувајќи од недостигот од доверба во институциите, особено оние што се однесуваат на управувањето и на изборите. Како што можат да посведочат постсоветските држави, игнорирањето на сомнежите за интегритетот на изборните процеси, без разлика дали се основани или не, може да има сериозни краткорочни и долгорочни последици. Нивните прашања во врска со некои аспекти на изборниот процес ќе се дискутираат и решат пред следните национални избори. Демонстрирањето способност за решавањето на таквите прашања би биле ефикасен чекор во спротивставувањето на обидите за нарушување на кредибилитетот на изборите во иднина.
Друг предизвик е решавањето на нефункционалната политичка поларизација. Постои голема разлика помеѓу политичката опозиција и политичката саботажа. Одговорните политичари ги претставуваат интересите и барањата на нивните избирачи, но и соработуваат со своите противници. Обидот да се уништат оние што не се согласуваат со тековните политики е навреда за демократијата. Но дури и обидот да се спречат сите иницијативи или законски предлози од противниците е рецепт за уривање на демократијата.

Соочувањето со поларизацијата ќе бара од западните земји да се справат со третиот предизвик, а тоа се границите на слободата на изразување. Буквално секој препознава дека некои форми на изразување се доволно опасни за да е потребно да се воведе некакво ограничување. Но без јасни линии, засновани на широк консензус, ќе има неизбежни конфликти, кои може да ги ослабат посакуваните резултати.
Западните лидери исто така мора да размислат за посуштински промени во нивните политички системи за да ги заштитат од нови или зголемени закани поврзани со дигиталната технологија. Неодамнешниот популистички бран на Западот и на други места во светот покажува зошто се потребни такви промени. Иако популизмот не е нов, интернет и, особено, социјалните медиуми овозможуваат лесен проток на дезинформации и ширење непромислени ветувања.
Јавната критика и проверката на фактите, па дури и отстранувањето кориснички сметки од социјалните медиуми не успеаја да ја ограничат способноста на популистичките политичари да ги заробат срцата и умовите на гласачите. Комисија или постојана работна група за информации од јавен карактер може да биде поуспешна во тој поглед. Нејзината цел не би била да ги обликува наративите според некој посебен интерес или светоглед, туку да ја поддржи вистината на ист начин како што владите го штитат јавното здравје. Може да биде креирана од политичари, но нејзините членови треба да бидат номинирани од невладини институции со најголема доверба во јавноста низ целиот политички спектар. Членовите може да бидат препорачани и проверени од релевантни конгресни комитети и да имаат определени мандати.

Западните земји можеби ќе треба да ги преиспитаат своите системи за застапување на интересите на гласачите. Долги години политичките партии, заедно со официјалните и неофицијалните лоби-групи, ја извршуваа оваа функција. Слободен и доверлив печат, одговорни радиодифузни медиуми, експертски групи и професионални здруженија, исто така, одиграа важна улога, преку пренесувањето на работата на владата за гласачката јавност. Овој систем повеќе не работи со полн капацитет. Дигиталните медиуми ја поткопаа улогата на традиционалните медиуми. Заедниците на интернет ги нарушија релативната сила и важноста на посебните интересни групи, додека, на моменти, погрешно ги претставуваа нивните ставови.
Тешко е прашањето како да се реформираат политичките институции на демократијата, така што различните интересни групи се вклучени во донесувањето одлуки на начини што ја одразуваат нивната важност во општеството и обезбедуваат глас за ранливите малцинства. Освен ако западните земји не се спротивстават на тоа целосно, нивните системи секако ќе се трансформираат, но малку веројатно на начин што ќе има најголема корист.
Во овој контекст, западните демократии мора да се заштитат од потенцијални нелегитимни приграбувања на моќта. Јавноста исто така има должност да помогне во заштитата на демократиите од авторитарните амбиции на лидерите. Заземањето јавен став за политичко прашање значи одбрана на институционалните основи на демократијата, што вклучува отфрлање на дезинформациите и „лажните вести“ од секаков вид.
Повторно поставување на границите на она што демократијата и секоја личност во демократијата треба или не треба да го дозволат ќе биде уште потешко во ерата кога огромна моќ имаат само неколку компании и платформи, со оглед на нивната способност да соберат и анализираат огромни количества податоци. Но само таквиот хиерархиски пристап ќе ги ублажи заканите за демократијата што Западот ги доживеа во последниве години.

Авторот е претседател на руската обединета демократска партија Јаблоко