Што по вакцината?

Постои поширок консензус дека една или повеќе вакцини против ковид-19 ќе станат достапни во одреден момент на почетокот на 2021 година. За една година, многу луѓе во САД и во некои други земји ќе бидат вакцинирани. За некои детски болести развојот на вакцина беше одлучувачки фактор. Но овој пат може да биде поразлично во случајот со ковид-19, бидејќи дистрибуцијата може да биде бавна, а ефективноста да се намали со текот на времето или обете варијанти да одиграат улога.
Во тој случај, потребата за тестирање на луѓето за индивидуална безбедност и за спречување на епидемиите ќе биде и натаму присутна. Долгорочниот проблем со тестирањето е веќе очигледен, односно дека висока е цената на тестот. Во системите за здравствена заштита каде што се доделуваат оскудни медицински ресурси на основа на надоместок за услуга, како што е во САД, ова значи дека многу луѓе не можат да си дозволат да се тестираат. Покрај напредокот кон вакцината, тестирањето за вируси треба да стане многу поевтино за да стане достапно за секого, без оглед на личните приходи.
Во моментов, меѓу нетестираните во САД спаѓаат повеќето деца што одат во јавни основни и средни училишта, како и наставници и други што работат во тие училишта. Тие исто така вклучуваат милиони постари луѓе, вклучувајќи ги и оние што живеат во социјални станови. Овој недостиг од пристап до тестирање е генерално економско и морално прашање, кое ќе остане неодговорено.

Економскиот проблем е концентриран околу училиштата. Ако семејствата и наставниците се загрижени што се случува кога децата одат на училиште, тешко е на старите патеки да се врати економијата, како и работните места и приходите. Разликите во образованието, кои се веќе воочливи, ќе продолжат да се зголемуваат. Некои деца никогаш нема да ги достигнат вештините за читање и математика што сега им недостигаат. Ова, веројатно, ќе ги намали нивните приходи во текот на животот.
Во основните и во средните училишта во САД има приближно 57 милиони деца, кои живеат во 34 милиони домаќинства (од кои речиси 24 милиони имаат двајца родители, а десет милиони имаат еден). Има близу четири милиони наставници и повеќе од еден милион воспитувачи. Постојаниот неуспех да се обезбеди тестирање за вирусот во училиштата директно влијае на околу една третина од населението.
Доколку ефикасната вакцина стане широко достапна, училиштата најверојатно ќе бараат децата да бидат вакцинирани. Но може да има исклучоци од верски или здравствени причини, како што сега постојат и за други вакцини. Здравствените информации се доверливи, па затоа не се знае кој има примено вакцини. Тестовите за откривање жив вирус сега не се толку непријатни (ПЦР-тест) и можат да обезбедат значително уверување, како и можност за откривање и спречување епидемии.

Поради официјално занемарување и недејствување, 40 отсто од смртните случаи поврзани со ковид-19 во САД досега се случиле во старечки домови, каде што има сериозно болни пациенти, а повеќето се на возраст над 60 години. Сега, овие објектите имаат повеќе ресурси за контрола на инфекции, достапно е тестирањето, а се инсистира вакво нешто да не се повтори.
Но не смееме да заборавиме на други лица од ранливите категории, вклучувајќи ги и оние во малцинските заедници и оние што живеат во згрижувачки домови. Многу стари лица се во одредена форма на самонаметната изолација од март и максимално ги избегнуваат контактите со други лица. Според досегашните информации, наметнатата изолација и осаменоста земаат страшен данок, го забрзуваат стареењето и ги зголемуваа можните шанси за развивање деменција.
Решение на проблемот може да биде новата технологија за тестирање, како што се комплетите за домашна еднократна употреба. Сè уште има прашања за тоа колку ќе бидат прецизни овие тестови, колку лажно негативни и лажно позитиви треба да очекуваме и кога ќе бидат масовно дистрибуирани. Но главното прашање е колку време ќе биде потребно да се воспостават и да профункционираат синџирите на снабдување потребни за поддршка на производството и дистрибуцијата на стотици милиони вакви тестови месечно.

Другиот ветувачки развој е комбинирано тестирање. Лабораториските тестови за ковид-19 варираат со цени во зависност од регионалниот пазар. Но бројките изгледаат многу поразлично ако ги разгледувате трошоците според фазите во процесот на тестирање. Комбинирањето десет или 20 примероци во една пластична епрувета може значително да ги намали трошоците, бидејќи се заштедува на скапите реагенси потребни за да се извршат лабораториските тестови.
Што треба да направиме за да ги намалиме трошоците по тест на лице до пет долари или уште помалку? Треба да се воведе конкуренција. Како што повеќе лаборатории ќе нудат комбинирано тестирање, така цените ќе паѓаат. Барем еднаш, капитализмот и пазарната конкуренција ќе можат да им помогнат на луѓето на кои им е најпотребно. Кога ќе овозможиме ова да стане достапно за сите, тогаш ќе го победиме ковид-19.

Авторот е поранешен главен економист во ММФ, а актуелно е професор на школата за менаџмент „Слоун“ на универзитетот МИТ и копретседавач на политичката алијанса за ковид-19.