Моторот на Европа на удар на теории на заговор

Иако движењето „Кверденкер“ во Германија не може да се смета за десничарско, неговите паралели со американското „Кју анон“ покажуваат дека се зголемуваат шансите за радикализација. Единствениот ефикасен начин да се спречи ваквиот тренд е да се даде соодветен одговор на загриженоста и отуѓувањето што се предизвикани од него

Лани на 1 август околу 30.000 луѓе се собраа во Берлин за да протестираат против воведувањето карантински мерки против ковид-19. Иако настанот, организиран од движењето „Кверденкер“ (оние што размислуваат поинаку) со седиште во Штутгарт, пркосеше на забраната за јавни собири, на крајот помина релативно мирно. Тоа не беше така со следните протести против карантините што се одржаа во главниот град на 29 август истата година. Протестот со над 38.000 учесници, кој се одржа откако административниот суд во Берлин ја отфрли полициската забрана за протестите, течеше мирно, но една одделна група од 450-500 демонстранти, повеќето од екстремната десница, се обидоа да упаднат во Рајхстагот. Нападот не беше ниту толку насилен ниту добро испланиран како нападот на американскиот Конгрес во Вашингтон што се случи на 6 јануари годинава, поттикнат од американските теоретичари на заговори и движењето „Кју анон“. Рајхстагот првпат по нацистичката ера беше нападнат што не остава добар впечаток за Германија.
Во изминатиот период, „Кверденкер“ аплицираше за дозвола да организира протести за околу 25.000 луѓе што градот го одби со образложение дека движењето постојано ги прекршувало правилата во пандемија. На крајот беше дозволен протест со автомобили, кој всушност излезе дека е трик.

Група од околу 7.000 симпатизери на „Кверденкер“ почнаа да маршираат од разни делови на градот со наводна цел да се соберат пред Бранденбуршката порта и Рајхстагот, а наедно не носеа маски, им пркосеа на хигиенските мерки и уживаа во играта на мачка и глушец со полицијата.
Софтверскиот инженер Михаел Балвег лани во април го започна движењето „Кверденкер“ за да го промовира укинувањето на карантините против ковид-19. Според Балвег и неговите следбеници, мерките за заштита на јавното здравје за време на пандемијата ги кршат уставните права на Германците, вклучувајќи го и тоа за слободен собир. Ова не е неточно, но владиниот став е дека овие прекршувања се оправдани поради сериозноста на заканата што ја претставува ковид-19. Приврзаниците на движењето не се убедени во ваквиот став и ја обвинуваат Владата дека ја користи пандемијата за да воведе диктатура. Во едно скорашно соопштение на „Кверденкер“ беше наведено дека Владата ја користи пандемијата за да создаде „состојба на постојан надзор“ и да им даде нови овластувања на полицијата и граничарите „за дополнително да ги ограничат човековите права во Европа“. Покрај тоа, како што тврдат од движењето, Владата ги принудила луѓето „да ги загубат работните места, да работат прекувремено, да се откажат од платите и да си го уништат здравјето“, а исто така ги уништила иднините шанси на младите со ограничувањето на образованието. Со тоа што најголема загриженост изрази за државниот надзор и економската нееднаквост, движењето драстично ја прошири својата поддржувачка база со антиваксери, анархисти, слободарци, десничари и езотерични групи.

Балвег ги негира блискоста и поврзаноста со екстремисти и тврди дека таквите перцепции се резултат на погрешното или пристрасното информирање во медиумите. Но една сеопфатна студија за движењето што ја спроведе социологот Оливер Нахтвеј и неговиот тим на Универзитетот во Базел го покажува спротивното. Студијата откри дека движењата се хетерогени и составени од неколку различни општествени групи, кои ги обединува чувството на отуѓеност од политичките институции, партиите и главните медиуми. Според студијата, ваквата отуѓеност ги изложува овие движења на теории на заговор. Како што истакнуваат Нахтвеј и неговиот тим, „Кверденкер“ е длабоко слободарско движење, а неговите следбеници веруваат во алтернативната медицина, како и во холистичкото и спиритуално размислување што се поврзува со недовербата во модерната медицина и наука. Иако движењето не може да се смета за десничарско, Нахтвеј и неговите колеги предупредуваат дека се зголемуваат шансите за негова радикализација. Десничарската партија Алтернатива за Германија (АФД) веќе изрази поддршка за него.
Прашањето што сега се поставува е како треба да реагира Германија. Некои бараат „Кверденкер“ да се забрани и да се прогласат за незаконски неговите 59 разграноци. Но Владата нема апетит за таков потег што може лошо да се одрази и да предизвика понасилни и незаконски протести. Дури и движењето да згасне, отуѓувањето и недовербата во властите што го поттикнаа нема толку лесно да исчезнат.
Германската влада, како и другите затоа што ова не е само германски феномен, треба да се стремат да ги решат токму овие главни причини. Длабоката трансформација ја поттикнува загриженоста и може да направи луѓето да се чувствуваат, според зборовите на истакнатата професорка по социологија Арли Хохшилд, како „странци во сопствената земја“. Политичките „претприемачи“ како Балвег или поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повикуваат на ваквите чувства за да добијат лична поддршка или за некоја нивна кауза.

Лекцијата е едноставна колку што е предизвикувачка. Владите мора внимателно да слушаат, да сфатат што ги загрижува луѓето и да ги идентификуваат актуелните и потенцијалните лидери на протести пред тие да се вклучат, дебатираат или да се обидат да ја убедуваат јавноста во некои луди теории на заговор. Со текот на времето, ваквиот пристап може да ги намали шансите за појава на дестабилизирачки екстремистички и популистички движења или барем да го намали ризикот од насилство. Во меѓувреме, овие групи ќе останат да бидат закана за општеството и по демократијата.

Хелмут К. Анхајер е професор по социологија на школата за управување „Херти“ во Берлин и хонорарен професор по социјална заштита на школата за јавни политики „Ласкин“ на УКЛА.