Дали ковид-сертификатите на ЕУ им го спасија летото на Европејците

Дигиталните сертификати првично беа воведени како алатка за да се спаси летната сезона во Европа, но сега, кога таа заврши, треба да се запрашаме дали навистина беше успешна

Веќе сме запознаени со европскиот ковид-сертификат и неговиот кјуар-код што дава доказ дека лицето што го поседува е вакцинирано, има негативен тест или закрепнало од ковид-19. Иако некои членки исто така ги усвоија сертификатите на Европската Унија (ЕУ) за да одобрат пристап до рестораните и до државните установи, тие првично беа наменети за да им овозможат на граѓаните слободно да патуваат во рамките на блокот во текот на летото и да останат безбедни. Од истата причина, тие беа наменети да го спасат европскиот туристички сектор. На едно скорашно парламентарно сослушување, еврокомесарот за внатрешен пазар, Тиери Бретон, порача дека во 2020 година прогнозите за туристичкиот сектор биле мрачни и оти токму тоа создавало најмногу главоболки таа година. Товарот што го нанесе ковид-19 врз туризмот може да се забележи само од бројките за ноќевања во сместувачките капацитети. Годишните процени на „Евростат“ покажуваат драстичен пад по една деценија растечки бројки, откако пандемијата ја погоди Европа.
Во март 2020 година, избувнувањето на пандемијата, почетокот на карантините во повеќето европски земји и патните рестрикции резултираа со остар пад во ноќевањата во европските туристички сместувачки капацитети, што е за 61 отсто помалку за разлика од март 2019 година. Според Европската комисија, вакцинацијата и воведувањето дигитален ковид-сертификат помогнаа состојбата да се промени на подобро. Бретон беше многу оптимистичен за неодамнешната летна сезона, велејќи дека „покрај тешката состојба, летото оваа година беше подобро од очекуваното“. Тој истакна дека предлогот на Европската комисија за дигитални ковид-сертификати во февруари годинава бил главен фактор за големиот пресврт.

Иако новопредложениот вакцинациски сертификат не треба да се смета за втор пасош, алатката на Европската комисија замислена да го олесни ограничувањето на слободното движење и да ја спаси летната сезона сè уште предизвикува загриженост, што се движи од дискриминаторски аспекти до медицинска важност. Европскиот дигитален ковид-сертификат беше предложен како начин да го олесни патувањето низ блокот и да се избегне конфузијата меѓу членките во однос на патните рестрикции. Откако беше постигнат политички компромис по итна постапка, првите европски дигитални ковид-сертификати беа генерирани и потврдени до јули. Седум членки (Бугарија, Чешка, Данска, Германија, Грција, Хрватска и Полска) се вклучија во процесот и почнаа да ги издаваат првите европски сертификати речиси еден месец пред 1 јули. До 27 август беа издадени над 350 милиони ковид-сертификати, како што објави Комисијата на Твитер. Бретон неодамна изјави дека три од четири држави што постигнале најдобри резултати во туризмот се земјите што го вовеле дигиталниот сертификат во јуни, веднаш штом биле во можност, и додаде дека токму таквиот документ му помогнал на туризмот во рамките на ЕУ, особено во јули и во август.
Иако месечните податоци на „Евростат“ за ноќевањата во туристичко-сместувачките капацитети сè уште не се достапни за август, споредбата на бројките од 2019 и 2020 година за мај, јуни и јули покажува знаци на враќање на интересот за патување. Сепак, податоците од јули годинава, кога беше воведен сертификатот, покажуваат нагло зголемување на ноќевањата во туристичките објекти во споредба со 2020 година. Разликата е уште помала отколку за мај или јуни, споредено меѓу 2021 и 2020 година.

Некои земји велат дека ја гледаат користа од сертификатот. Портпаролот на хрватското министерство за туризам и спорт нагласи за „Еурактив“ дека „благодарение на стандардизацијата на патните процеси во рамките на ЕУ, вклучувајќи ги процедурите за европските ковид-сертификати, патувањата во голема мера се одвивале без никакви тешкотии, без оглед на епидемиолошката состојба во одделни земји. Додека Хрватска беше задоволна од сертификатот, извештајот на француската Национална федерација на институционални туристички организации, која направи прва процена на трендовите за годинашната туристичка сезона, покажа дека многу региони во Франција забележале оти воведувањето на здравствената пропусница во јули всушност предизвикало забавување на посетеноста во затворените објекти, поради тоа што се создало одредено чувство на одбивност кај клиентите.
Летото заврши, но ковид-сертификатите остануваат да важат. Додека вирусот мутира, и на сертификатот ќе му требаат некои приспособувања. Во тек се технички дискусии за тоа како треба да се постапи со третата доза на вакцините против ковид-19. Ова не ги загрижува само европските земји туку и третите држави, кои исто така се заинтересирани да се вклучат во европскиот систем за дигитален ковид-сертификат. Досега се поврзани девет земји што не се во ЕУ, како Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Швајцарија, Ватикан, Сан Марино, Македонија, Турција и Украина, потврди портпаролот на Комисијата.