Асимилациите на Македонците во Грција и во Бугарија по 1913 година и нивниот однос кон нив до денес се голема поука и за нас Македонците во Република Македонија. Таа асимилација била грозна и болна и сѐ уште е! Грција за време на Граѓанската војна изврши и геноцид врз Македонците во егејскиот дел на Македонија. Меѓународната до денешен ден го нема осудено тоа! Упорна и долготрајна е таквата грчка индоктринација. Пандил Костурски, историчар, во 1992 година ќе напише: Индоктринацијата е противење на минатото и на иднината на македонската држава. Пред осум децении, веднаш по поделбата на Македонија (1913 год.) на четири дела, природно се постави прашањето што со народот. Тогаш е постигнат (молчешкум) договор: Нема Македонци – античките умреа, а сегашните се Словени. Таа индоктринација е поопасна и потешко отстранлива одошто „туѓа“ војска и „туѓи“ симболи.

Македонската наука по осамостојувањето на Р Македонија првпат почна самостојно и слободно да ги проучува и презентира, со научни факти и материјални докази, својата историја, култура и потекло и почна да ги разобличува комшиските фалсификати. Јас им верувам на нашите научници, како и на усните и пишаните преданија од нашите претходници.

Македонија е нашата вечна идеја и таа не може да се уништи. Договорот од Преспа од 17.6.2018 год., стокмен во триаголникот САД – ЕУ – Грција, ја има целта: Македонија сама да се самоуништи! Само со тоа може да се уништи македонската идеја и да се исполни сонот за големата лага на Грците. Името Северна Грција го брише името Јужна Македонија. Ако не постои Јужна Македонија, логично е да не постои и Северна Македонија. Тоа е само меѓучекор за бришење и на Северна Македонија, а со тоа и остварување на грчките цели. Грчка стапица!

Промената на името Република Македонија ќе ја растресе секоја пора на македонското живеење, идентитет, опстанок – ќе ја разнебити! Сега се прокламираат само промените на големите параметри на идната држава, но тој договор, подоцна, ќе навлезе во промена и на малите вистини на животот, големи за човекот – што живот значат. Македонецот треба да седи на стол со остри клинци до своето умирање. Грција ни продава лага, а со нашето неприфаќање на Преспанскиот договор, Грција може да изгуби само лага и ништо повеќе. Зар за таа лага ние треба да го изгубиме името на нашата држава, македонскиот идентитет!? Тоа е неумно. Тоа е предавство во специјална војна без пукнат куршум, окупација и станување протекторат на грчката држава! Денес, таквата продажба на највредното на Република Македонија и на Македонците, неовластено, ја вршат: Собранието, Владата и Уставниот суд на Република Македонија.

За верификација на Преспанскиот договор, Грците ќе гласаат со две дигнати раце – тие не губат ништо, а Македонија губи сѐ. Со овој договор се остварува нивната вековна цел – уништување, геноцид со самобришење на Македонците како народ. Овие „страшни“ реакции во Грција против овој договор се само фарса на грчката лага за да се постигне целта. За големата лага треба и Грција нешто да „жртвува“ пред својот народ и државите што ја поддржуваат, играјќи ја претставата „грчка трагедија“.
Нашиот академик Гане Тодоровски во 1990 година ќе запише: Македонецот мора да најде во себе сила да ја скрати ерозивната стихија настрвена кон неговото исчезнување. Стојан Георгиев, претседател на ОМО „Илинден“ од Пиринска Македонија, во 1990 година, ќе рече: „…Само во СРМ можеш слободно и без страв да речеш ЈАС СУМ МАКЕДОНЕЦ. Да ги цениме и надградуваме овие мисли“.

Народни македонски пратеници, на гласањето притиснете го црвеното копче и слејте се со волјата на македонскиот народ. Со тоа ќе потврдите дека сте чеда на овој народ. Во македонската историја и вие ќе бидете забележани како македонски патриоти, а со тоа ќе се гордеат и вашите потомци. Сега е времето и меѓународната констелација за да се стори тоа. Македонија не се откажала од асоцијација кон ЕУ и НАТО, но тоа сакаме да биде достојно и со крената глава, не со сменето име, не понижена и докрај обезличена и обезвреднета. Сакаме членство со заемен интерес. Во ова време кога се бара определеност за воена припадност или влијание кон Исток или Запад, Македонија им е добредојдена и со името Република Македонија!

Албанија е примена во НАТО иако има „нерешени прашања“ со Р Грција. Грција не стави блокада на нејзиниот прием поради геостратегиските интереси на НАТО, но Грција ќе ја има како адут ЕУ за да ги исполни своите барања, со уцени кон Албанија, кога таа ќе ја започне својата асоцијација кон ЕУ. Грчка тактика како и со Република Македонија. Но стратегиските потреби на Западот денес се поголеми од грчката голема лага.

Сојузите и сојузниците се менуваат – татковината е вечна. Упорноста и мудроста носат победа за Република Македонија и Македонците.

д-р Драган Попоски, лекар во пензија