На 13.2.2019 год. конечно се случи тоа што поголемиот дел Македонци не го сакаа, а го кажаа на референдумот на 30.9.218 година. Уставното име на Република Македонија замина во историјата, се преименува во Република Северна Македонија. Експресно се сменија таблите на граничните премини каде што таблите се напишани на три јазици, вклучувајќи го и албанскиот. Промената на името на државата и другите промени се направија врз основа на договорот со Грција (читај усвоеното барање на Грција). Со усвоените барања се смени името на државата, се откажавме од античка Македонија, се откажавме од македонските малцинства што живеат во Грција и во Бугарија. Ќе се менуваат македонската историја и култура, македонските учебници, на спомениците од античко време ќе се ставаат таблички со натписи дека тие се од елинската култура, на зградите од државните органи ќе се поставуваат табли со Р. Северна Македонија, но и двојазични, ќе се менуваат сите лични документи на сите како на идните родени така и на умрените, и сето тоа на трошок на граѓаните.

За спроведување на сите промени ќе има меѓудржавни комисии, кои ќе го надгледуваат тоа, едноставно дозволивме во суверена држава „тутор“ да ни биде Грција. Со тоа усвоено барање на Грција го легализиравме самите со наша согласност Букурешкиот договор, со кој беше поделена Македонија, потоа ја погазивме пресудата од Хаг, каде што јасно е кажано дека РМ не ја прекршила Привремената спогодба туку Грција. Понижувачки е што ги известиме ОН дека државите треба да нѐ признаат под новото име, но не само новите држави туку и околу 140 држави што нѐ признале под уставното име Република Македонија, а меѓу кои се и најголемите како САД, Кина и Русија.

Со Законот за двојазичност во Македонија е воведена и двојазичност, односно албанскиот јазик ќе се користи на целокупната територија на Македонија и онаму каде што не живеат Албанци, што претставува апсурд. Со тоа на мнозинството му е направена мајоризација од малцинството, а притоа злоупотребувајќи ги правата и положбата во државните органи. Селективноста и нееднаквоста завладеаја. ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ заедно беа на власт 11 години. Сведоци сме на водење судски постапки за сомненија за извршени криминали на функционери на ВМРО-ДПМНЕ, но не и за функционери на ДУИ или како тие да не правеле криминал.

Повторени се неколку судски постапки за сторители на кривични дела Албанци („Сопот“, „Монструм“), некои се ослободени како да биле невино осудени, за што државата ќе им плати и надомест, некои веројатно ќе бидат ослободени, такви постапки не гледаме за Македонци. Едностраноста во прилог на албанската заедници се гледа и со последната распределба на парични средства во Министерството за култура, на македонските фолклорни здруженија им биле доделени 2.700.000,00 ден., а на албанските фолклорни здруженија им биле доделени 4.700.000,00 ден. Излегува дека Македонците се малцинство во сопствената земја. Македонија е формирана во 1944 год. со АСНОМ и за неа во НОБ загинале 40.000 Македонци и понекои од другите националности за потоа АСНОМ да биде изедначен во Уставот со рамковниот договор. Со донесениот закон за двојазичност, Македонија ќе стане нефункционална држава, со тенденција за ревидирање, федерализација и распад. Во унитарна држава каде што има голем број националности како службен јазик, според меѓународните конвенции, во државните институции се користи јазикот на мнозинството, земете ги примерите со САД, Австралија, Франција, Германија, но и државите од соседството, единствен е англискиот, односно францускиот, германскиот јазик во тие држави.

Ако само малку се анализира како се дојде до овие промени во Македонија (договорот со Бугарија, Грција, Законот за двојазичност), ќе се констатира дека тоа е направено спротивно на волјата на мнозинскиот македонски народ, спротивно на Уставот и законите во нашата држава, а е направено од мала група Македонци со група Албанци поддржани од странците што имаат свои интереси.

Сите проблеми од усвоеното барање со Грција, договорот со Бугарија и Законот за двојазичност, македонскиот народ и другите граѓани дополнително ќе ги видат и почувствуваат на сопствен грб. Со тие активности што ги направи македонската влада се обесчестија и понижиjа Македонците и македонската држава со единствена цел – влез во НАТО и во ЕУ, кое и така подоцна ќе се случеше, но на горд начин, како што и му прилега на секој народ. Но тоа не треба да ги разочарува македонскиот народ и другите граѓани што си ја сакаат Македонија онаква што каква им ја направиле нивните дедовци и татковци, напротив видоа како актуелната власт ја води државата и треба да се сплотат и да бидат единствени (опозициските партии, патриотските здруженија, интелигенцијата во земјата и надвор) и заеднички на наредни избори, било претседателски или парламентарни, да изберат чесни, домаќини, претставници што ќе ја направат Македонија економски и политички развиена држава, респектирана од странците и сакана од сите домашни граѓани.

Петко Бурлијовски, Битола