Во политиката никогаш ништо не е сигурно

Александар Кожев, еден од најголемите толкувачи на Хегел и Маркс во 20 век, велеше дека историјата во вистинската смисла на зборот заврши со Битката на Јена во 1806 година и преку оваа битка авангардата на човештвото во суштина ги достигна својата граница и цел – крајот на историската еволуција на човекот. Бидејќи по споменатата битка се случија значајни историски појави, како што се Октомвриската револуција и двете светски војни, беше запрашан како ги објаснува овие крвави настани, одговорот на Кожев беше едноставен: „Ништо, обединување на провинциите“. Кожев веруваше дека судирите помеѓу моќните држави, како што беше Студената војна помеѓу САД и Советскиот Сојуз, наликуваат на воените спротивставувања од јапонскиот период познат како сенгоку џидај. Оваа ера се одликуваше со постојана војна на сите против сите, кога стотина генерали постојано се бореа за превласта во земјата. Ерата заврши кога трпеливиот Ијасу Токугава успеа да ги порази сите и ја обедини Јапонија.
Кога Кожев вели дека се случува обединување на провинциите, всушност верува дека сите нации и држави во светот, еден ден ќе се најдат под власта на еден моќен политички организам, кој го именува како универзална и хомогена држава. Воените и политичките судири помеѓу Русија и САД во 20 век, Кожев ги изедначуваше со војните помеѓу јапонските генерали и велеше дека, слично како што Токугава ја обедини Јапонија, некоја голема и моќна држава ќе победи и ќе го обедини човештвото.
Тезата на Кожев за крајот на историјата и хомогената држава беше видоизменета (читај злоупотребена) од Френсис Фукујама, кој во 1989 година го обзнани „крајот“ на историјата со „победа“ на либералната демократија и капитализмот. Но Кожев никогаш не веруваше дека капитализмот ќе триумфира и се водеше од хегелијанскиот принцип – теза, антитеза и синтеза, односно дека ќе дојде до синтеза помеѓу капитализмот и социјализмот, нешто што многу наликува на скандинавскиот систем. Но турбулентните меѓународни појави во првите децении на 21 век ја побија тезата за крајот на историјата и денес светот уште повеќе наликува на феудална Јапонија, кога многубројните самурајски кланови војуваа помеѓу себе. Во овој контекст, треба да го разбереме новиот сојуз помеѓу САД, Обединетото Кралство и Австралија, кој има цел да го ограничи влијанието на Кина, недоразбирањата помеѓу Кина – Индија, Руско-американскиот антагонизам…

Каде е Македонија во оваа приказна? Како нација и држава треба да узнаеме дека живееме во хаотичен свет и не можеме постојано да зависиме од одреден политички субјект, бидејќи не знаеме кој ќе победи во шаховската партија и можеме да бидеме жртвувани како пион за да преживее кралот.
Но што можеме да сториме? Одговорот лежи токму во веќе споменатиот период сенгоку џидај. Додека моќните генерали Шинген Такеда, Кеншин Уесуги, Тојотоми Хидејоши, Ода Нобунага, Хидејоши Тојотоми и Ијасу Токугава војуваа за власта, помалите кланови се обидуваа да преживеат. Бидејќи секоја одлука беше егзистенцијална и можеше да доведе до уништување на сопствениот клан, беше потребно внимателно тактизирање.
Вака постапи и итрецот Масајуки, кој владееше со незначајниот клан Санада. Во почетокот ја признаваше власта на Шинген, но кога кланот Такеда беше уништен од Ода Нобунага и Ијасу Токугава, веднаш поита да го признае Нобунага како свој господар. Меѓутоа во политиката владеат законите на квантната физика и настаните се одвиваат хаотично. Сосема неочекувано, Ода Нобунага беше убиен и повторно настанаа битки што можеа да го проголтаат кланот Санада. Оваа положба го поттикна Масајуки многу внимателно да ги избере своите идни чекори, а неговото решение се состоеше од искористувањето на антагонизмот помеѓу моќните кланови. Кога неговата територија беше нападната од моќниот Уџимаса (водачот на кланот Хоџо), Масајуки веднаш склучи сојуз со Ијасу Токугава, но набргу клановите Токугава и Хоџо склучија примирје и Санада беа оставени на милост и немилост на Уџимаса. Новото ненадејно случување не го обеспокои Масајуки и со лукавство успеа да го убеди водачот на кланот Уесуги да му помогне. Кога Уџимаса слушнал за пристигнувањето на легендарната војска на Уесуги, веднаш наредил да се повлечат неговите сили од територијата на Масајуки. Со овој чин, кланот Санада повторно преживеа.

Како што се доближуваше крајот на сенгоку џидај, Масајуки го губеше просторот за маневрирање и беше принуден да ја признае доминацијата на Хидејоши Тојотоми. Меѓутоа тука не завршува приказната за Масајуки Санада. Тој беше свесен дека во политиката никогаш ништо не е сигурно и го одигра својот најгенијален политички потег. Положбата во Јапонија велеше дека хаосот е завршен и Хидејоши е господар на ситуацијата. Сосема природно би било Масајуки целосно да се приклони кон Хидејоши, но лисецот си остана лисец до самиот крај. Масајуки склучи политички сојуз со кланот Токугава и го испрати Нобујуки (најстариот син и наследник) кај Ијасу. Истовремено, својот помал син Јукимура го испрати во дворот на Хидејоши Тојотоми. Главната задача на неговите синови беше да се спријателат Ијасу и Хидејоши, бидејќи Масајуки не веруваше дека војната е завршена.
Токму тоа се случи кога Хидејоши Тојотоми умре во 1598 година. Повторно започнаа воените и политичките прегрупирањата во Јапонија и самурајските клановите избираа сојузништва помеѓу Тојотоми и Токугава. Меѓутоа ова не важеше и за кланот Санада бидејќи синовите на Масајуки се наоѓаа и во едниот и во другиот табор. Кога во 1615 година започна одлучувачката битка кај Осака, двајцата браќа се наоѓаа на спротивните страни, но тоа немаше важност бидејќи кој и да победеше во битката, кланот Санада ќе преживееше. Пред портите на Осака победи армијата на Ијасу Токугава, а Нобујуки, кој беше на неговата страна, како сојузник, беше награден од новиот шогун.
Во текот на сенгоку џидај многу моќни кланови беа уништени, но благодарение на итрините на Масајуки, денес членовите на кланот Санада сѐ уште се движат низ улиците на Токио.
Мора да разбереме дека ниту настапи крајот на историјата, ниту пак светот е униполарен, како што некој настојува да ни го прикаже. Затоа, потребни ни се државнички вештини и лукавства доколку сакаме да преживееме.

Дарко Ѓурчиновски