Антиквизација – проблемот и суштината

Поимот на т.н. „антиквизација“, кој беше лансиран и штедро користен негде на почетокот на декадава во врска со контроверзниот проект „Скопје 2014“ сега повторно е пуштен во масовен оптек. Притоа, под антиквизација заговорниците на овој поим го подразбираат секое интегрирање на античка Македонија како дел од македонската етногенеза, со што дел од нив агресивно ја наметна и шизмата „или Словени или Антички Македонци“. Токму оваа „дилема“ покажува длабоко непознавање на европската историја и култура, и на проблемот и еволуцијата на идентитетот во историјата воопшто, и тоа заради следново: 1.) Националниот идентитет најчесто е амалгам од повеќе етнички и културни супстрати, кои во дадени околности и периоди меѓусебно се дополнуваат („и-и“ модел, инклузија) и(ли) исклучуваат („или-или“ модел, ексклузија). Примерите се многубројни, токму големите европски нации речито го засведочуваат тоа. Па, така, им ја поставува ли некој дилемата на Французите дали се Германи, Гали или Романи? Името Франција е германско, и потекнува од герман(и)ското племе на Франките, кое ја поробило тогашна веќе романизирана Галија и од кое потекнува и Карло Велики, за многумина таткото на европскиот запад; и ден-денес во Германија има област Франконија (Franken), од каде што потекнува етнонимот Франција.

Од друга страна, францускиот јазик ѝ припаѓа на групата на романиските јазици, поточно на подгрупата галороманиски јазици. Најпосле, според територијата што ја населуваат, често се идентификувале и со келтскиот (галскиот) супстрат, и денес мошне присутен и популарен во нивната (суп)култура – доволно е да си споменеме само на Астерикс и Обеликс или на популарните цигари Les Galoises. Слично на тоа Велика Британија носи келтско име, а во северозападна Франција и до ден-денес постои келтската област Бретања, каде што, патем, по втората светска војна демократска Франција врши еден тивок лингвоцид: од над 1.000.000 келтски говорители околу 1950 г. денес се сведени на околу 200.000, овој процес се одвива уште од Француската револуција под мотото „Во Франција има само Французи!“, а ги засега и другите етнички малцинства во етничко-историски крајно хетерогената Франција, како Окцитанците во Окцитанија/Прованса и Каталонците во југозападна Франција. Па сепак, Франција ги интегрирала во својот идентитет и романискиот (јазикот) и провансалскиот (книжевна традиција) и германискиот (име и историското наследство на франкиските Меровинзи и на Карло Велики) и келтскиот супстрат (пред сѐ преку идентификувањето со територијата и нејзините староседелци, романизираните Гали).

И Англија ги интегрирала и англосаксонскиот и англонорманскиот и – како што некои историчари го формулираат – англокелтскиот супстрат во својот идентитет. 2.) Многу повеќе може да се говори за „антиквизација“ токму во конструкцијата на идентитетот („inventing“; „imagined communities“, Б. Андерсон) на западноевропските народи, и тоа токму во средниот век, кога се оформуваат: безмалку и нема некој народ во Западна Европа, кој не се обидува да го фундира својот идентитет во антиката, обично идентификувајќи се со Рим, и тоа најчесто прикажувајќи се како наследници на легендарниот основач на Рим и пребеганик од Троја, јунакот на Вергилиевата „Енеида“, Енеј. Од 7 до 12 век настануваат низа хроники што го легитимираат тројанското потекло на Франките, Норманите, Бритонците, и на династиите што владееле со нив.

Така, Џефри од Монмаут, автор на една од најавторитетните средновековни „истории“, „Historia regnum Britanniae“ (12 в.) ги претставува раносредновековните Бритонци (Britones) како потомци на Брут, правнук на Енеј и наследници на Келтот (!) Константин. Германскиот „Спев за Ано“ (11 в.) говори за „тројанските Франки“ – патем, и античките Македонци не се изоставени овде; па така, во 21-то пеење читаме дека Саксонците потекнуваат од војската на Александар! Французите до 16 в. се сметале себеси за Тројанци итн. Најтрајно и најспецифично овој феномен на „романизација“ се манифестира во германската средновековна држава, која формално не ни носи германски етноним, туку се именува себеси како Свето Римско Царство (до 1806 г.), секако, со територијално-хегемонски претензии кон територијата и наследството на автентичното Римско Царство (Nota bene: паралелите со „македонизмот“ и неговата мотивација кај Грција и особено кај Бугарија од втората половина на 19 в. па до денес се повеќе од очигледни!). Дури кон крајот на 15 в. (1471) се појавува додавката „на германската нација“, и тоа во контекст на милитантната крстоносна реторика на тогашните папи насочена против продорот на Турците во Европа, која во таа насока имала цел да ги поттикне Германците да се идентификуваат со воинствените стари Германи („natio Germanica“) опишани од Тацит.

Самиот етноним „deutsch“ (латински „t(h)eutonicus“, мк. германски; треба да се прави разлика меѓу германски (народ) и германиски (група народи), спореди: словенечки – словенски), долго време не се користи во Германија за самоименување, туку е користен од ним соседните народи, дури од 11 в. полека почнуваат да го усвојуваат и самите Германци. Па сепак на ниту еден разумен историчар не му паѓа на памет да тврди дека нема германски народ во средниот век или дека германската нација ја измислиле папите од политички интерес! 3.) Најпосле, општо е познато дека антиката важи како еден од трите носечки супстрати на европскиот културно-цивилизациски идентитет (заедно со христијанството и просветителството). Во 18 и 19 в. антиката е повторно во сечии усти, но ако во средниот век тежиштето на античката треска лежеше на Рим („романизација“) и беше поврзано со затемелување на идентитетот на младите западноевропски нации, сега тежиштето се поместува пред сѐ на античка Грција (поимана честопати како pars pro toto за антиката, т.е. за целиот источномедитерански простор; сфаќање супсумирано во т.н. хеленизам на Дројзен, на кој му претходи романтичната и во голема мера некритичка конструкција на антиката како епоха кај Хегел и во филхеленизмот уште од времето на ренесансата) и е во врска со културниот идентитет на Европа: уметност, литература, филозофија („грцизација“).

Од овој мошне краток преглед произлегува дека овој поим е користен или со големо незнаење за (западно)европската историја – иронично, од вехементни заговорници токму на некаква „европеизација“, на „европски/западни вредности“ итн., а во голема мера универзитетски професори, кои, за циркусот да биде уште поголем, им припаѓаат на хуманистичките и општествените науки – или со злонамерна тенденциозност од разни самоповикани „експерти“, кои со своето агресивно незнаење го узурпираат и го контаминираат јавниот простор штедро поддржани од некомпетентни и неодговорни медиумски сервиси.

(М-р Филип Клетников, медиевалист)