Вистинските вредности се градат од најмала возраст

Популарната култура треба да биде дел од едукативниот процес, бидејќи децата треба токму во училиштето да научат да направат разлика меѓу вистинските и квазивредностите и да се запознаат со авторите што го задолжиле општеството со својот долгогодишен ангажман

Првата монографија за македонска рок-група неодамна ја здогледа светлината на денот. Станува збор за „’Мизар‘ – Откровенија 1981-2021“ што пасионирано ја подготви Тошо Филиповски, хроничар и чувар на македонската популарна музика. Ѕвездата на легендарната „Мизар“ свети цели 40 години благодарение на Горазд Чаповски, кој и ја запали со многу жар и идеализам. Тој не се откажа од македонскиот јазик во своите песни, зашто, како што вели, само ако пееш на мајчиниот јазик ќе бидеш свој и автентичен. Иако своевремено го цензурирале и омаловажувале дури и на Македонската телевизија и радио и не му ги пуштале песните, во целиот регион беше и сѐ уште е ценето име.
„Ние сме дел до поновата историја на Македонија, а наследството, корените и ехото на минатото ги има во нашата музика. Нашата долговечност можеби се должи на нашиот универзален стил на музика, еден вид музичко патување низ вековите, од модерните дисонантни гитари до црковни старословенски напеви на Кукузел, од модерната електроника до архаичните звуци на зурлите и тапаните“, вели Чаповски.
Монографијата е трајно сведоштво за ова значајно музичко патување на „Мизар“, за што треба да слушне пошироката јавност, но се наметнува прашањето зошто за оваа култна македонска група не се учи и во учебниците за основното образование. Зарем училиштата не се места каде што, меѓу другото, се гради една личност од најмала возраст, се стекнува основа за вреднување на вистинските вредности и за препознавање на лажните?
Кај нас децата од прво до петто одделение учат само за Тоше Проески. Во еден учебник по музичко е спомената и песната „На Велигден сум се заљубил“, чиј автор е Џина Папас-Џокси, но направена е грешка и пишува дека ја напишал Ламбе Алабаковски. Но тој само ја препеа песната, секако, со дозвола на Џокси.
Освен овие два примера, нема ни збор за други значајни имиња од македонскиот јавен живот во учебниците – уметници, глумци, пејачи на забавна и народна музика, музичари, спортисти… Но затоа, за жал, и на деца во градинка им се пушта српски турбофолк, а на националните телевизии тие уште од пелени се бомбардирани со увозен кич од соседството. И никому со години не му е грижа за тоа.
Во другите земји од регионот не е така. На примeр, децата во Србија, во учебниците, учат за Ѓорѓе Балашевиќ, Бајага, Бора Ѓорѓевиќ (Бора Чорба), Горан Бреговиќ… Таму популарната култура е дел од едукативниот процес, бидејќи, како што велат, децата треба токму во училиштето да научат да направат разлика меѓу вистинските и квазивредностите и да се запознаат со авторите што го задолжиле општеството со својот долгогодишен ангажман.

Ставот на авторите е дека училиштето треба да им се доближи на децата и константно да поттикнува дијалог и осознавање на различните жанрови на музиката. „Сакаме да ги запознаеме децата со великаните на нашата музичка сцена за кои можеби не слушнале, бидејќи во нивните домови не се слуша тој вид музика“, велат тие.
И во Хрватска се прават обиди за воведување на поп-културaта во училишните клупи како изборен предмет, како и во други нам блиски земји.
Во светот, децата во Велика Британија уште одамна учат за значењето на „Битлси“, а во САД за Боб Дилан, кој за својата поезија ја доби Нобеловата награда за литература.
Според социолозите, популарната или културата на масите e создадена кон средината на 19 век, како последица на урбанизацијата и развојот на индустријата, а добива на значење и масовност со појавата на телевизијата и со развојот на филмската и музичката индустрија, па веќе седумдесетина години е неразделен дел од животот на луѓето. Но тоа не значи дека со нејзината експанзија се омаловажува таканаречената „висока“ култура. Напротив, им се овозможува на луѓето да се искачат неколку скалила повисоко за да ги разберат нејзината вистинска улога и значење. Освен тоа, многу сегашни бисери на културата своевремено биле создадeни за народот, а не за елитата.
Токму затоа, иако и во оваа област многу доцниме, одговoрните во образованието треба да направат напори и македонските ученици од најрана возраст да учат за познати имиња од јавниот живот, кои со она што го направиле оставиле голема трага во македонското битисување и биле вистински амбасадори на својата земја.
На пример, на час по историја може да се пуштат инсерти од нашите култни филмови „Мис Стон“, „Републиката во пламен“, „Солунските атентатори“…., каде што не само што подобро ќе ги разберат историските случувања туку ќе можат да видат некои од најдобрите актерски остварувања на Петре Прличко, Илија Милчин, Ристо Шишков, Милица Стојанова… и многу други македонски глумци. На час по музичко учениците можат да ја слушаат антологиската песна „Зајди, зајди“ во изведба на нејзиниот автор Александар Сариевски, како и „Македонско девојче“ на Јонче Христовски или „Параходот…“ на Никола Бадев и „Заветна“ на „Пепи Бафтировски. За македонскиот фолклор да дознаат преку „Тешкото“ во изведба на националниот ансамбл „Танец“ или преку преработките на убавите народни бисер-песни на „Синтезис“.

Гордоста и чувството на национална припадност и на патриотизам кај децата се градат уште од најмала возраст. Само ако го сакаме, го почитуваме и го вреднуваме своето историско и културно наследство и другите ќе нѐ почитуваат и ценат

Треба да знаат кој бил Драган Ѓаконовски-Шпато и да слушнат како звучат првите песни снимени за Радио Скопје, но да се запознаат и со творештвото на Александар Џамбазов, Љубомир Бранѓолица, Славе Димитров, Кире Костов, Григор Копров… Да ги слушнат првите снимки на групите „Бис Без“ и „Триангл“, па сѐ до „Конкорд“, „Меморија“ „Леб и сол“, „Суперхикс“, „Мизар“…. Да знаат кои се Симон Трпчевски, Милка Ефтимова и Натка Пенушлиска и да знаат дека „Пред дождот“ на Милчо Манчевски е добитник на „златен лав“ во Венеција. За значењето на медот да учат гледајќи го филмот „Медена земја“ и патем да научат дека тој документарец освои стотина награди низ целиот свет и две номинации за „оскар“. Секако треба да знаат и кои се Дарко Панчев, Горан Пандев, Перо Антиќ, Стојанче Стоилов, Дејан Георгиевски… и други македонски спортски великани.
Гордоста и чувството на национална припадност и на патриотизам кај децата се градат уште од најмала возраст.
Затоа, навистина би било убаво и корисно, освен за Тоше Проески, кој треба да биде претставен од повеќе аспекти, не само како врвен пејач, туку и како хуманитарец и амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, во учебниците за основно образование да се учи и за други успешни Македонци, а тоа, пак, може да биде поттик за некои од овие момчиња и девојчиња правилно да се насочат и да ја изберат вистинската професија. И што е најважно од се, ќе знаат да ги препознаат вистинските вредности во сите области и да се гордеат со нив. Со нивните имиња да ги запознаваат своите пријатели од странство и да кажат дека, ете, тие се нивни современици.
Образовниот процес мора да ја врати својата вистинска улога и постојано, преку соодветни примери, да влијае на воспитувањето на децата. Тие добро и со симпатии ги прифаќаат познатите личности од сопственото опкружување, од чии успеси можат да научат дека само ако го сакаме, го почитуваме и го вреднуваме своето историско и културно наследство и другите ќе нѐ почитуваат и ценат.