Што се разбираат Данци од летање авиони

Каква врска има новоизбраниот шеф на ЈО ГОКК со контролата на летање? Може ли тој да се нафати да врши дејност давање услуги во воздухопловна навигација? Или, пак, некој од контролата на летање да биде јавен обвинител? Веројатно може, ако го поседува магичното пусулче… Да, да членска книшка… Шегата настрана, многу прашања се отворија во последно време, за кои не ни очекуваме одговор. Како што не очекуваме ниту одговор дали има некој во државава што ќе им стави крај на ваквите апсурдни постапки. Толку ли се слатки фотелјата и „мирот во куќата“, што дури и трагикомични ситуации се премолчуваат и се замижува, како што прават малите деца кога мислат дека никој не ги гледа ако тие ги затворат очите

Знаете ли кој е Мартин Саздов? Убеден сум дека ги знаете наизуст имињата на сите политички функционери во земјава, како на централно, така и на локално ниво, но името на ова момче од Свети Николе до неодамна ретко кој го знаеше, освен припадниците на помладата генерација, и тоа оние тесно специјализираните за е-спорт. Да ве потсетам, неодамна медиумите објавија дека професионалниот е-спорт играч, младиот Македонец Мартин Саздов-Сакса, со својот тим „Тундра еспортс“, го освои трофејот на Светското првенство во познатата игра „Дота 2“, чиј награден фонд изнесува 19 милиони долари. Тимот на нашиот Саздов за титулата доби 8,5 милиони долари. Мартин Саздов е првиот Македонец што се натпреварувал на официјалните светски првенства на „Дота“, а интересно е што тој со два метри и три сантиметри беше највисокиот играч што се натпреварува во оваа категорија на е-спорт.
Ете, го имаме најдобриот професионалец во овој спорт на новото време, спорт што добива сѐ повеќе приврзаници и сѐ поголема популарност. Но токму тој факт ја исфрла на површина суровата вистина дека ние многу малку знаеме за нашите луѓе, особено ако тие прават нешто убаво, нешто корисно, позитивно за Македонија, го пронесуваат нејзиното име низ светот.
Но затоа, пак, опседнати сме од политичките елити, од изјавите на политичарите, па дури и да ни испорачуваат празни фрази и зборови… кој што рекол, а што друг му одговорил, кој кого надмудрил, каде згрешил или направил гаф – низата нема крај. Нас нѐ интересира само кој кого ќе надмудри, кој кого ќе „намести“ или ќе го фати во грешка.
Жално е дека не сфаќаме дека животот не започнува и завршува со изјавите на нашите политичари, од кои повеќе од половината се комплетно залутани во оваа сфера, во која ниту се снаоѓаат ниту пак прават нешто корисно за нас и нашата држава. А тука не мислам на класичната поделба на позиција и опозиција, туку едноставно и во двата табора има луѓе што би било подобро да си останеле дома кога им нуделе некаква функција. Арно ама, пуста лакомост, пусти мерак.
Таквата ситуација раѓа навистина незрели решенија. Тамам кога ќе помислиме дека сме дошле до дното, нашите мудри политичари и функционери својски се потрудуваат да нѐ разубедат. Едноставно ни потенцираат дека и од дното има подолу.
Нема да одам подалеку, само би се навратил на она на што укажуваат синдикалните претставници на контролорите на летање и здружението на контролори на летање за состојбите во М-НАВ. За понеупатените, АД М-НАВ е акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловна навигација. Имено, според синдикалците, менаџментот сака да го поништи огласот за контролори на летање, зашто од 270 пријавени, положиле само 12 кандидати, меѓу кои не се нивните, а ни пријавените деца на функционери од ДУИ. Според достапните информации, меѓу квалификуваните се и тројца Албанци со врвни резултати, но тие, според менаџментот, не се вистинските што треба да влезат, велат од Синдикатот на контролори на летање. Инаку, треба да се истакне дека тестирањата и селекцијата ги правел лиценциран тренинг-центар од Данска.
Но нам очигледно не ни требаат тестирања и долготрајни обуки и процедури како што налагаат светските правила за контролата на летање. Како што не ни требаат ниту за изборот на најзначајното обвинителско место во државата, како што видовме пред некој ден. Наместо високопрофесионално си-ви, со капитални решени предмети на своја страна, со еден куп дипломи, обуки, усовршувања, предлог-план за работа и проекции за обвинителството за кое се кандидира, ние добивме прв човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција кој не почувствува потреба да се појави во јавноста пред изборот, да ја презентира својата програма, едноставно игнорирајќи ја каква-таквата процедура, ако ништо друго барем да видевме како изгледа.

Наместо тоа, видовме човек што имаше сосема пристојни одговори веднаш по изборот, но, за жал, повеќето од нив паднаа во вода кога медиумите почнаа да објавуваат фотографии во кои е прикажана неговата блискост со првите луѓе на ДУИ, за кои првично изјави дека не ги знае. Каква ќе биде довербата на јавноста во човекот што уште веднаш самиот се доквалификува со погрешните одговори, останува да се види. Ако е нешто корисно од сето ова, тоа е најавата, полугласна, дека наводно државата ќе ја разгледа уште еднаш процедурата за избор на оваа функција, па можеби нешто навистина ќе се смени во иднина. Но прашањата и за оваа ситуација остануваат да лебдат во воздухот.
Многу прашања за кои не ни очекуваме одговор. Како што не очекуваме ниту одговор дали има некој во државава што ќе им стави крај на ваквите апсурдни постапки. Толку ли се слатки фотелјата и „мирот во куќата“, што дури и вакви трагикомични ситуации ќе се премолчуваат и ќе се замижува, како што прават малите деца кога мислат дека никој не ги гледа ако тие ги затворат очите.