Никогаш зима во земјата на надежта!

Кој и да победи, нема да му биде лесно. Но, како што велат старите, никогаш нема да има мраз/студ во земјата каде што има надеж и чиј народ се надева и надевајќи се посветено работи и се бори да се остварат неговите надежи и стремежи

Пред неколку дена ја испративме старата 2023 година и ја дочекавме новата 2024 година. Искрено речено, старата 2023 година, освен на мал број среќници, на најголемиот број луѓе што живеат на оваа планета Земја не им донесе многу радост и среќа.
Иако можеби ќе звучи премногу претенциозно, сепак мислам дека минатата 2023 година не му донесе многу добро ни на човештвото што живее на планетата Земја. Војна помеѓу Русија и Украина, Израел и Палестина, многу разурнати градови, илјадници жртви, исто толку раселени лица, стотици илјади повредени и осакатени цивили, економска и енергетска криза, инфлација, раст на цените до небо…, слики на кои живите им завидуваа на мртвите.
Во такво секојдневие ја преживеавме минатата 2023 година, која најголемиот број од нас ќе посакаат што побрзо да ја заборават. И сега кога ја преживеавме и ја испративме старата 2023 година, убеден сум дека секој од нас си го поставува прашањето што нѐ очекува во новата 2024 година, која ги троши веќе првите денови.
Иако граѓаните на Македонија во различно расположение ја испратија старата 2023 година и ја дочекаа новата година, сепак сигурен сум дека новата 2024 година најголемиот број од граѓаните ја пречекаа со желба да им донесе здравје, лична среќа, благосостојба и мир. Тие четири желби доминираа вечерта на 31 декември, кога показалките на часовникот означија точно 12 часот и кога зачекоривме во новата 2024 година. Тие желби доминираа речиси и во сите (пред)новогодишни анкети, во кои граѓаните ги искажуваа своите желби и посакувања за тоа што очекуваат во новата 2024 година.
А за остварување на тие желби не се потребни ни многу пари, ниту пак скапи кредити од ММФ или задолжување во Светската банка. Иако политичарите, кои во најголем дел се креатори на нашите животни судбини, секојдневно се трудат да нѐ (раз)убедат дека тие, како Дедо Мраз, во новата година ќе ни ги исполнат сите наши желби, сепак во тоа не само што народот повеќе не верува туку и тие самите не веруваат.
Во време кога живееме по логиката на филозофската мисла на англискиот филозоф Томас Хобс, дека човек на човека му е волк, не ни преостанува ништо друго туку самите да се потрудиме да си ги исполниме своите лични и семејни желби и посакувања. Помина времето кога требаше некој друг или државата да се грижат да ни ги исполнуваат нашите желби. Тоа време е далеку зад нас.

Потребно е и ние да почнеме самите да се менуваме, пред сѐ како што во една пригода рече писателот Венко Андоновски – да станеме добри луѓе.
Потребно е и ние самите да станеме креатори на своите судбини. Потребно е повеќе и попосветено да работиме, да се трудиме да бидеме поработливи, похумани, подобри луѓе, кои нема да ги бараат виновниците за состојбата во која се наоѓаат кај другите, туку пред сѐ во себеси.
Но ако како обични смртници не сме во ситуација да ги менуваме работите или да влијаеме на промените, сепак имаме право барем да ги искажеме нашите желби, надежи и очекувања во новата година.
Во оваа 2024 година нѐ очекуваат претседателски и парламентарни избори. Изборите сами по себе ќе донесат промени, но пред истите тие да се случат би било добро ние како граѓани да ги „фактурираме“ промените што очекуваме и посакуваме да се случат, а за кои мислам не ни е нужна помошта од меѓународната заедница, бидејќи истата таа веќе ја имаме. Мислам дека е веќе време Македонија да стане правна и праведна држава, во која ќе се почитуваат правото и законите, во која секој граѓанин што ќе се соочи со правдата ќе знае дека ќе му се суди и пресуди според законот и прописите и дека никој од странките во правораздавањето нема да биде ни привилегиран, ни маргинализиран.
Кај нас времето покажа дека владеењето на правото во Македонија не им е потребно само на граѓаните, туку иронијата да биде поголема им е потребно и на самите вработени во правосудството, кои на свои плеќи ја почувствуваа неправдата што има беше нанесена. Задоцнета правда е најголема неправда, велат правниците. А кај нас како да стана правило неправдите брзо да доаѓаат, а потоа со децении да (не) се исправуваат.

Поради таквите состојби, а пред сѐ поради тоа што ѝ се случи на Македонија со измените на Кривичниот законик, кога голем број „тешки“ предмети застареа и во голема мера ќе ја олеснат државната каса и кога голем број обвинети поради застареност на предметите беа ослободени од обвинение, потоа поради случувањата во Судскиот совет, Врховниот суд, веќе никој не верува во македонското судство.
Секоја неправда боли, а боли и тоа што ни се случува во македонското здравство во кое сѐ помалку веруваат како болните така и здравите луѓе. Случувањата во битолската болница и смртта на малата Јана Христовска и штотуку роденото новороденче ги шокираа не само родителите туку и целата македонска јавност. Тие два случаја уште повеќе ја зголемија недовербата не само кон битолското туку и кон македонското здравство. Но тоа што уште повеќе ја згрози јавноста се неефикасните здравствени институции, кои со месеци ги утврдуваа причините за нивната смрт, па не можејќи да ги (до)чекаат резултатите од обдукцијата родителите на Јана ја напуштија државата.
И покрај сите заложби и обиди на многубројните министри, барем засега не успеавме да го реформираме здравството и да направиме атмосфера во која кога болниот ќе стигне во болница ќе знае дека ќе биде згрижен и излекуван, без притоа да се фаќаат врски и пријателства за подобар медицински третман, на каков што како осигуреник има право.
Кај нас, иако не само што има право туку со закон секoј граѓанин е обврзан да учи во основно и средно образование, кое е задолжително, сепак и учениците ги плаќаат грешките и импровизациите во образовниот процес. Поради честите „реформи“ во образованието, одењето на училиште не само за учениците туку во најголем дел и за учителите, наставниците и професорите стана проблем и измачување.
И кога би ги набројувале сите слабости и проблеми со кои се соочувавме само во изминатата година, тогаш би ни требало многу простор. Убеден сум дека голем дел од нив им се познати и на тие што треба да ги решаваат. Но, за жал, не само што не ги решаваат туку во голема мера тие ги продлабочуваат. Тоа е така затоа што кај нас политичарите решаваат сѐ. А кога тие решаваат, најчесто резултатите се такви какви што се.
Со надеж дека во 2024 година ќе се случат промени на подобро не ни преостанува ништо друго, освен да се надеваме. А старите рекле дека надежта последна умира.
Пред нас е изборна година. Предизборните копја многу бргу ќе почнат да се кршат и кај нас. Но кој и да победи на претстојните парламентарни избори, во новиот циклус ќе влезе со сериозен товар што треба да го износи. Ние овде наведовме само дел од тој товар. Кој и да победи, нема да му биде лесно. Но, како што велат старите, никогаш нема да има мраз/студ во земјата каде што има надеж и чиј народ се надева и надевајќи се посветено работи и се бори да се остварат неговите надежи и стремежи.