Најтешкото допрва доаѓа

Ако за Германија, како една од најсилните економии во светот, прогнозите се дека ја чека мрачно поглавје во економијата и енергетиката, тогаш за Македонија поглавјето би било, веројатно, неколкукратно поцрно. Затоа токму сега е време за барање решенија и стратегија за спас на економијата, на стопанството и на граѓаните. Не случајно нашиот народ вели – не се гои прасе пред Божиќ. Иако изгледа сѐ уште далеку, зимата ни е пред прагот. Во секоја смисла на зборот

Глобалните геополитички случувања и војната во Украина имаат негативно влијание врз глобалната економија, а пред сѐ врз економиите на ЕУ и на САД. САД и Европа веќе доживуваат рекордна инфлација во последните 40 години, што се заканува да прерасне во совршена економска бура. Турбуленциите, санкциите и нарушените синџири на снабдување со енергенти, како резултат на руско-украинскиот конфликт доведоа до дополнително зголемување на цените на нафтата и гасот низ светот, и како резултат на тоа, тоа влијаеше на порастот на цената на храната и основните добра. А цената што ќе ја платат обичните граѓани на Европа и на Македонија ќе биде несомнено огромна.
Германија, нашиот најголем трговски партнер и една од „економските локомотиви“ во светот, се соочува со сериозни предупредувачки сигнали за својата иднина. Уште пред неколку месеци стравувањата за економијата на земјата се соочени со ограничувањата во снабдувањето со руски гас. Светските економисти предупредуваат дека би можело Германија да отвори мрачно поглавје. Но кога тоа би ѝ се случило на една економска сила, што би било со една земја како нашата, која е многу мала и зависна. Какво поглавје нѐ чека нас? Ако за Германија, како една од најсилните економии во светот, прогнозите се дека ја чека мрачно поглавје во економијата и енергетиката, тогаш за Македонија поглавјето би било, веројатно, неколкукратно поцрно.

Најновата одлука на Германија е дека од 1 август целосно престанува да купува руски јаглен, додека нафта од Русија од 31 декември, што е голема промена во начинот на енергетското снабдување. За да ги надомести недостатоците и да се справи со енергетската криза, германската влада се подготвува да одобри уредба со која ќе им се даде зелено светло на комуналните претпријатиjа да активираат 10 мини-електроцентрали на јаглен и шест што работат на нафта. На уште 11 електроцентрали на јаглен, кои треба да бидат затворени во ноември, ќе им биде дозволено да продолжат да работат. Екологистите предупредија дека согорувањето јаглен и нафта ослободува повеќе јаглерод диоксид отколку електроцентралите на природен гас, што ги става во опасност климатските цели на Германија. Но Владата тврди дека краткорочното зголемување на емисиите ќе се компензира со нови мерки за забрзување на инсталирањето на обновлива енергија. Со други зборови, сѐ паѓа во втор план кога се во прашање економскиот опстанок и борбата за опстојување и преживување. А токму тоа се случува и ќе се случува во иднина во Европа и во светот. Борба за преживување и спас на економијата и стопанството. Во вакви околности, клучното прашање е што прави Македонија за да ги заштити енергетиката и економијата, со оглед на тоа што нашата земја е директно поврзана и зависна од Германија. Ако една светска економска сила има тешкотии да се справи со кризата, тогаш што нѐ чека нас.
Неконкурентната економија на Македонија целосно е зависна од случувањата на светската сцена и во иднина Македонија и нејзината економија ги чекаат тешки времиња. Македонија е целосно зависна од увозот на нафта и гас, пред сѐ, од Русија. Во Македонија веќе има двоцифрена инфлација, која, како што велат економските експерти, е поголема од 20 отсто, и ја чека тешка економска и енергетска зима.
Треба да се размислува и да се бара излез за енергетската криза, случувањата со Германија, но и генерално со Европа ни се најголем показател да започнеме да креираме сценарија како да ги спасиме економијата и енергетиката.

Кога се зборува за енергетика, мора да се напомене дека таа е стожерот на една држава и секогаш треба да се има јасно дефинирана долгорочна стратегија. Моменталната состојба е резултат на повеќе фактори што влијаат, меѓу кои најважни се производните капацитети и планирањето на производството на електричната енергија.
Македонската влада крои мерки за ублажување на енергетскиот удар, но прашањето е колку можеме да очекуваме намалување на ударот и дали Македонија има доволно количество енергија за претстојната зима, но и со кои цени. Она што загрижува е што ние немаме речиси никаква алтернатива за снабдувањето со гас, 100 отсто сме зависни од набавка на природен гас од Русија. Предвидувањето од енергетичарите е дека најлошото допрва ќе доаѓа.
Прашање е што може да се стори за состојбата да се направи колку-толку поподнослива, како да се превенира за да не се доведеме до ситуација на рестрикции и товарот со високите цени да не падне на грбот на граѓаните. Затоа е битно мерките да бидат добро осмислени уште сега врз предвидлива и реална основа наместо исклучиво од популистичка природа.
Алтернативите засега се само на хартија. Најбитната работа е дека државата мора сериозно да преземе мерки и дека доколку не го направи тоа веднаш и брзо може граѓаните да стравуваат дека следната зима ќе останат без греење.
Повеќегодишното недоволно инвестирање за одржување на енергетските објекти и неинвестирање за изградба на нови, доаѓа на наплата и се манифестира со намалено домашно производство на електрична енергија. Тоа, пак, резултира со исклучително голема чувствителност и зависност на енергетскиот сектор во земјата од турбуленциите во енергетиката во меѓународни рамки. А наедно, немаме и разработени решенија.

Имајќи ги предвид временскиот контекст, моменталните глобални економски текови и предизвици, при нецелосно закрепната економија и засилен притисок врз цените на енергентите на глобалните берзи, свесноста за предизвиците и флексибилноста на реагирање се клучни за нашиот капацитет за апсолвирање на кризите. Ние како земја ќе треба да се фокусираме максимално кон решавање на проблемот со енергетската криза, паралелно и со економската криза. Токму случувањата поврзани со Германија, како наш најголем економски партнер, треба да бидат уште посилен поттик за дејствување и барање решенија и стратегија. Не случајно нашиот народ вели – не се гои прасе пред Божиќ. Иако изгледа сѐ уште далеку, зимата ни е пред прагот. Во секоја смисла на зборот.