Лагата што стана вистина, а вистината – лага

Во последно време сведоци сме дека кај нас во настојувањето да се придобие (до)вербата на граѓаните и јавноста, борбата за докажување на вистината, или најблаго речено лагата, како да стана национален спорт. Речиси секој ден јавноста во Македонија е бомбардирана со вистини и лаги, кои, за жал или за среќа, едвај преживуваат едно изгрејсонце. Некои дури ни толку, туку само до првата наредна прес-конференција или соопштение за медиумите.
И така секој ден, речиси без прекин. Кај нас со децении вистината станува лага, а лагата вистина. А кога состојбата е таква, тешко може да се докаже што е лага, а што е вистина.
Подготвувајќи се да пишувам на оваа тема, се потсетив на еден од текстовите што во серија ги пишуваше за „Битолски весник“ познатиот прилепски новинар Атанас Тасевски, со наслов „Тебе лага, мене вистина“. На прашањето што е тоа „тебе лага, мене вистина“, одговори со приказната што ја слушнал од неговиот дедо.
Едно време си живеел еден налбант, божествен лудак или јуродив, кој на секое претенциозно нагласување на вистината дрско одговарал: Јалан! – демек, лага е.
Еднаш во ковачницата му дошол еден јабанџија да му го поткове коњот. И, додека ковачот јуродив си ја вршел работата, од блиската џамија се зачул мујезинот, кој учел езан (молитва). Јуродивиот ковач, како од топ извикал: „Пу, јалан!“ (Лага е!) Избезумен, јабанџијата го укорил, велејќи му: „Ако е лага, дедер, ти кажи ја вистината“.
Ковачот се качил на наковалната и ја запеал молитвата со неверојатен глас. И наеднаш наковалната се истопила под неговите нозе. Јабанџијата, гледајќи го тоа, паднал поколенум пред ковачот, ословувајќи го со „пророк“ и „светец“. На тоа ковачот повторно рекол: Јалан! Лага е! Фрапираниот туѓинец го прашал: „Како лага? Та наковалната се истопи!“ На тоа јуродивиот му одговорил: „Да беше вистина, немаше да се истопи наковалната. Ќе се истопев јас“. Тебе лага, мене вистина.
Е така ја гледал битката на лагата и вистината јунакот на Атанас Тасевски.
Во последно време кај нас сѐ повеќе вистината ја губи битката со лагата. Човек тешко може да препознае што е лага, а што е вистина. А зошто е тоа така?

Затоа што сѐ помалку има луѓе што ја зборуваат и кажуваат вистината, а од ден на ден сѐ поголем е бројот на тие што се обидуваат со лаги, манипулации и измами да ја придобијат довербата на народот, кој веќе стана имун на сѐ и некритично ги прифаќа вистините како лаги, а лагите како вистини. А кога ќе се изгубат разумот и довербата кај народот и јавноста, тогаш мали се шансите која било вистина да се прифати како таква. Напротив, за обичните луѓе и најголемата вистина станува лага.
Нас цели 30 години од македонската независност постојано ни се повторува судбината на налбатот и јабанџијата од серијата текстови на новинарот Атанас Тасевски, „Тебе лага, мене вистина“.
Таа желба за докажување на вистината, а за жигосување на лагата беше причина повеќе јас, како 16-годишно дете, во далечната 1971 година да почнам да се интересирам за новинарството и повеќе од половина век да останам во оваа професија. Иако во голем број случаи сум успеал да се изборам за вистината и да ги докажам лагите и манипулациите на некои поединци, во голем број случаи, сепак, мислам дека кај нас сѐ уште вистината не ја има добиено битката со лагата. Во таа битка за докажување на вистината, да бидам искрен, не се снајдоа многу ни новинарите и медиумите. Напротив, убеден сум дека тие многу повеќе од обичните граѓани заглавија во таа битка, која сѐ уште се надевам дека не е докрај изгубена.
Во т.н. едноумие граѓаните најчесто спасот од неправдите што им се правеа го бараа кај новинарите и медиумите. Впрочем, тогаш новинарите беа на цена и не случајно беа наречени седма сила. По секоја неправда што ќе ја доживееја, граѓаните спасот го бараа со објавување на нивната мака и неправда во весник, радио или на телевизија. И она што е уште позначајно, по секоја таква објавена сторија или приказна следуваа реакција и санкции како од јавноста, така и од институциите.
Денес, кога секој што има фејсбук-профил и паметен телефон стана новинар и јавноста буквално од минута на минута е бомбардирана со разни измислици, разни афери, криминали, малверзации… ретко или само во мал број случаи има реакција од јавноста или институциите за санкционирање на злоупотребите. Обично коментарите се сведуваат на негирање и контраобвинување дека таквите текстови се порачани и платени од политичките противници или луѓето од бизнисот што имаат финансиска и политичка моќ. И во таа битка не се избираат ни средства ни начини.

Во зависност од партиската припадност, политичката или роднинската блискост, традиционалните медиуми се доведуваат во ситуација на гола издржливост и постојана финансиска зависност, а се помагаат одредени инстант медиуми, кои наводно се на браникот на вистината и борбата против злоупотребите.
За жал, во таа битка за докажување на вистината значајна улога покрај некои домашни поединци и институции имаат и некои меѓународни организации, кои во Македонија формираат или обилно помагаат медиуми во докажувањето на вистината и наводната борба против злоупотребите и лагата, кои пак за тоа користат значајни странски финансиски средства.
Во последно време под патронатство на некои земји или „невладини“ меѓународни организации се формираат дури меѓународни конзорциуми на истражувачки новинари, кои под превезот на разни проекти на јавноста ѝ сервираат истражувачки стории за криминали како кај нас во Македонија, така и во странство.
(Раз)убедувајќи ја јавноста дека само тие се борат против криминалот и злоупотребите и за вистината, честопати во таквите „истражувачки“ медиуми се обработуваат разни проекти за лица, фирми, институции што се предмет на етикетирање и опсервирање на домашните и неретко странските служби.
Во „анализите“ и „истражувачките стории“ на таквите медиуми честопати од страна на некои „храбри новинари“ клиентелистички се објавуваат порачани и скапо платени истражувачки текстови што биле редактирани од некои домашни или странски служби, сѐ со цел да дискредитираат успешни луѓе или компании и да им се отвори патот до успехот на тие што ги порачале или платиле „истражувачките текстови или анализи“.
На таквата болест, за жал, не се имуни ни некои т.н. инстант медиуми, кои во Македонија во последно време никнуваат како печурки по дожд.
Затоа, наместо како налбатот и јабанџијата на новинарот Атанас Тасевски од Прилеп, да се прашуваме што е лага, а што е вистина, со ова прашање треба да се занимаваат институциите во државата што се за тоа платени. Тие можат најбрзо и најлесно да докажат што е лага, а што е вистина.
А тие ќе можат да го направат тоа само кога политиката ќе ги тргне рацете подалеку од нив и кога во државниот и административен апарат ќе работаат исклучиво стручни, професионални, едуцирани, способни и пред сѐ непартиски луѓе.
Во спротивно, постојано ќе ни се повторуваат приказната и прашањето на налбатот и јабанџијата од серијата „Што е лага, што е вистина“ и никогаш нема да го добиеме вистинскиот одговор.