Каков претседател на државата ни треба?

Време е претседателот на државата да ја наметне својата личност, на која ќе ѝ се верува, која ќе обединува, а не која ќе дели, која постојано ќе се бори за интересите на граѓаните без разлика дали тие биле Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, за почитување на Уставот и законите, за праведно и демократско општество, во кое ќе успеваат способните, трудољубивите, успешните, праведните, талентираните…

На 24 април во Македонија ќе се одржат седмите по ред претседателски избори. Годинашните избори се специфични по тоа што се одржуваат две недели пред парламентарните избори, така што евентуалниот втор круг од претседателските ќе се совпадне со оние на народните избраници. Имајќи предвид дека кај нас според Уставот претседателот на државата има безмалку церемонијална функција, а Владата е таа што ја крои судбината на народот и државата, годинашните претседателски избори во извесна смисла се чини како да се во сенка на парламентарните и за нив многу не зборуваат ни партиите ни обичните граѓани.
Но тоа не значи дека тие не се важни. Напротив, и тоа како се важни, бидејќи претседателот е тој што и по Уставот и по улогата што ја има, сепак е прв човек во државата, кој се избира на непосредни избори и кој ја претставува државата во земјата и во светот. И затоа не само што е битно туку и многу е значајно каков претседател ќе избереме.
И токму овој период, во предвечерието на објавувањето на кандидатурите на кандидатите што ќе сакаат да станат претседател на Македонија е најдобар момент да дадеме одговор на прашањето каков кандидат за претседател на Македонија ѝ треба и кој од актуелните политичари во Македонија има најголеми шанси да стане (старо) нов претседател на државата.
Македонија во изминатите над три децении имала неколку претседатели. Секој од нив останал забележан по тоа што го сработил или пропуштил да го сработи за време на својот претседателски мандат. Граѓаните добро го знаат тоа и тие си имаат своја оцена за тоа.
Иако пред секои избори се убедувала јавноста дека на Македонија не ѝ треба само претседател туку и државник, кој ќе ги застапува интересите на сите граѓани на државата, сепак најчесто при одлуката на партиите за која и каква личност да се определат се одлучувале да изберат или партиска личност или пак блиска до партијата што го предлагала. Партиите опиени од својата партиска суета најчесто се одлучувале да имаат кандидат што ќе биде нивен слеп послушник, кој беспоговорно ќе ги слуша сугестиите и советите на лидерот на партијата или неговото најтесно раководство. Иако вообичаено речиси сите избори во Македонија, па и претседателските се прогласувале за историски, овој пат нема таква атмосфера во јавноста, дека претстојните претседателски избори во април ќе бидат историски. Напротив, може да се рече дека граѓаните без некоја посебна еуфорија ги очекуваат изборите. Очигледно е дека поради сите досегашни неисполнети желби и очекувања од страна на политичките партии и претседатели, граѓаните на Македонија безмалку се деполитизираа.

Кандидатот за претседател на Македонија, без разлика дали сам ќе се кандидира или зад неговата кандидатура ќе застане некоја од големите партии и коалиции, мора да биде свесен дека и покрај ограничените уставни овластувања мора во својот мандат да ги вложи целата своја личност, харизма, знаење и умеење како да се избори за враќање на достоинството на државата.
Слепо верувајќи им на сугестиите и поуките на странците, Македонија безмалку се обезличи во настојувањето да влезе во ЕУ. По секоја исполнета отстапка следуваа нови барања и така во круг сите изминати над три децении. Затоа следниот претседател на Македонија, пред сѐ и над сѐ, треба да биде комплетна личност, која покрај образование ќе има и знаење и капацитет и доблесни човечки квалитети што ќе бидат препознатливи не само кај гласачите туку во државата и надвор од неа, во светот.
На Македонија ѝ треба храбра личност, која постојано во преден план ќе ги има интересите на државата, а не која ќе сака да ужива во благодатите што ги носи таа функција. На Македонија ѝ треба кредибилен претседател, кој навистина ќе биде татко на нацијата. Нејзе не ѝ треба само добар политичар. На Македонија ѝ треба државник, кој ќе умее и ќе знае да ги брани интересите на државата и народот на меѓународната сцена. Новиот претседател мора да настојува најпрво на соседите, па потоа и на Европа и на светот да им каже зошто оваа држава треба што поскоро да биде рамноправна членка во европското семејство.
Времето кога државата ја споредуваа со космодиск измина.
Време е претседателот на државата да ја наметне својата личност, на која ќе ѝ се верува, која ќе обединува, а не која ќе дели, која постојано ќе се бори за интересите на граѓаните без разлика дали тие биле Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, за почитување на Уставот и законите, за праведно и демократско општество, во кое ќе успеваат способните, трудољубивите, успешните, праведните, талентираните…

На Македонија ѝ треба претседател што ќе знае да ги цени и да ги почитува заложбите и делата на сите оние што ги втемелиле своите животи во темелите на државата.
Македонија не е и никогаш не била, како што рече во една пригода еден поранешен претседател на државата, племе што (не) заслужува да има држава.
За оваа држава одамна Бадинтер рече дека ги исполнува сите услови да стане дел од европското семејство. Но фрустрациите на некои од соседите и нашето неединство и политичко слепило нѐ доведоа во ситуацијата во која што сме и сѐ уште како жртвите на „водачот“ на српскиот писател Радое Домановиќ лутаме движејќи се кон бездната во која доколку не смениме нешто во однесувањето сите можеме да пропаднеме.
Во темелите на Македонија се вградени илјадници млади животи, кои водени од идејата за своја сопствена, независна и самостојна држава храбро го кренаа својот глас за слобода и независност. Секој претседател, без разлика кој ќе биде, треба да го знае тоа и да го има на ум.