Изгледа дека Европската Унија во последно време најдобро функционира кога треба да се пишуваат нонпејпери. Штом ќе се појави некаков проблем, веднаш се пушта некој неофицијален документ, се тестира расположението, се опипува пулсот, се пуштаат пробни балони, се чека кој ќе реагира, кој ќе поддржи, а кој ќе се побуни. И така е постојано, од еден нонпејпер до друг, од една иницијатива до друга, така што оваа денешна Европа сè повеќе личи на експериментална лабораторија во која постојано се испробуваат нови рецепти, само никако да се најде вистинскиот. А рецептот одамна постои, ама нема кој да го прочита за да ја потсети Унијата на идејата врз која своевремено беше создадена, како заедница на рамноправни држави и народи, обединети околу заеднички интереси. Оваа сегашна Европа е со фалинка во рецептот, без убав мирис и вкус, обичен бучкуруш од кој никој не сака да срка.
Арно ама, гледајќи го она што се случува низ повеќето европски градови, станува очигледно дека забревтаниот европскиот воз јури во погрешна насока, па сега дел од земјите членки сакаат повторно да ги преземат командите, пред „ЕУ-композицијата“ да ги однесе во непосакувана насока, заедно со патниците во него. И кога сето ова вака сликовито ќе го опишеме, можеби и ќе стане појасно зошто со овој нонпејпер сè погласно се бара враќање на одлучувањето во националните престолнини наместо слепо прифаќање политики скроени во Брисел, чии последици на крајот ги плаќаат обичните луѓе.
Имено, ако националните влади треба само да ги спроведуваат одлуките што некој друг ги носи, која е здравата логика воопшто да се одржуваат избори и да се трошат пари во секоја земја? Зошто впрочем граѓаните гласаат за различни политички програми, слушаат разни ветувања и визии, ако на крајот, без оглед кој ќе победи, политиката ќе ја диктира некој што тие ниту го избрале ниту можат директно да го сменат? Мислам, која е поентата? На крајот од краиштата, фер ќе биде ЕУ да им каже на земјите кандидати, дечки правиме федерација, одлуките ќе се носат на централно ниво и ако ви се допаѓа, повелете, ако не, терајте си како што ќе одлучат вашите граѓани. Тоа е фер.
Токму затоа на најновиот италијански нонпејпер не треба да се гледа само како на уште еден документ што ќе заврши во бриселските фиоки, исто онака како што заврши одлуката за прекинување на практиката за летно и зимско сметање на времето. Ууупс, ќе морам да се извинам до читателите, сепак ЕУ експресно ја спроведе одлуката за капачињата на пластичните шишиња. Сега Европа е почиста, од капачиња.
Шегата настрана, со овој нонпејпер Рим всушност отвора многу посериозно прашање што веќе подолго време си го поставуваат Европејците околу тоа кој треба да ја води Европската Унија, националните влади што добиле доверба од своите граѓани или европските институции што се наполнети со луѓе што не добиле никаков мандат од граѓаните, а сепак постепено преземаат сè повеќе надлежности и носат одлуки во име на граѓаните. Италија во моментот има забелешки околу функционирањето на европската дипломатија, но тоа е само увертира кон она што следува, една поширока внатрешна реформа на Унијата.
Впрочем, растечкото влијание на суверенистичките политички сили во Франција и Германија е токму поради напуштањето на фундаментите на новата Европа. Сега се случува судир на две различни визии и концепти за иднината на Европа. Едната гледа спас во уште поголема централизација, а другата предупредува дека токму таквата централизација може дополнително да ја ослаби Унијата. Никој не знае каков ќе биде исходот на таа битка, но сите се подготвуваат да ја задржат контролата бидејќи дилемата е каква Европска Унија ќе остане и како тие подобро да се снајдат во новонастанатата ситуација. Затоа се важни националните политики.
Европското заедништво никогаш не требаше да значи бришење на националните особености, ниту претворање на државите во административни единици на некаква европска супердржава. Силата на Европа беше токму во различностите, во можноста народите со различни истории, култури и интереси да најдат заеднички јазик и постојано да даваат додадена вредност. Но заеднички јазик не се наоѓа така што еден зборува, а сите други молчат и постапуваат онака како што ќе им се каже.
Дополнителен проблем е што оваа расправа се води во време кога европските граѓани имаат сè помалку трпение за политички експерименти. Од Франција до Белгија, од Италија до Шпанија и Португалија, незадоволството од животниот стандард, високите цени, станбената криза и економската неизвесност веќе се прелеа на улиците. Затоа дебатата за суверенитетот не е само прашање на национална гордост туку пред сè прашање на демократија. Ако граѓаните не можат преку изборите да влијаат врз политиките што непосредно го определуваат нивниот живот, тогаш демократскиот процес постепено ја губи својата суштина.
Европа секако има потреба од заеднички политики, особено во време на големи геополитички предизвици. Но силна Европа не мора нужно да значи слабеење на националните држави. Напротив, можеби токму силните национални демократии, кои доброволно и рамноправно соработуваат, се најдобрата гаранција за стабилна и функционална унија.
И сега, кога веќе европските држави толку гласно зборуваат за сопствениот суверенитет, не може во целата приказна да ја заборавиме нашата Македонија. Имено, додека членките се борат да не изгубат ниту дел од своите национални надлежности, од нас со децении се бараат отстапки што директно задираат во прашањата на државноста и националниот идентитет. Го сменивме знамето, го сменивме уставното име, а сега повторно сме исправени пред барања за уставни измени како услов за продолжување на европскиот пат. Едноставно кажано, ЕУ буквално го брише нашиот суверенитет и налага нешта што за ниту една земја членка не би биле прифатливи. Човек просто да се зачуди како суверенитетот е толку важен за оние што веќе се во Европската Унија, а толку лесно станува предмет на условувања кога станува збор за оние што сакаат да влезат во неа?
Сиве овие години на вечно чекање Македонија не бараше да биде исклучок од европските правила, ниту да има повеќе права од другите, туку само сакаше да пристапува како и сите други, врз основа на исполнувањето на Копенхашките критериуми. Впрочем, националниот суверенитет не е привилегија што се стекнува со членството во ЕУ, туку право што секоја држава го има и пред да стане нејзина членка.
Можеби затоа, наместо постојано да пишува нови нонпејпери и да пушта пробни балони, Европа конечно треба да одговори каква заедница сака да биде, дали заедница во која државите доброволно се обединуваат затоа што меѓусебно се почитуваат или заедница во која едни го бранат својот суверенитет, додека од други се очекува да се откажуваат од него. Работите се прости, ако европското единство треба да се гради врз почитување на националниот суверенитет, тогаш тоа почитување мора да важи за сите. И за оние што седат на масата во Брисел и за оние што со децении чекаат да седнат на неа.































