Фото: „Јуниорски евросонг“

Во Та Кали, Малта

  • Победничката песна на Наре Керобјан носи наслов „Bоо!“ („Буу!“), а станува збор за разиграна и енергична композиција што зборува за стравовите со кои се соочуваме и за храброста што ја пронаоѓаме кога ќе решиме да ги надминеме наместо да се криеме од нив

Наре Керобјан од Ерменија е победничка на годинашното 24. издание на „Јуниорскиот евросонг“, кој во саботата се одржа во конгресниот центар МФЦЦ во областа Та Кали во островската држава Малта.
Наре потекнува од Ереван, главниот град на Ерменија. Уште од мала се занимава со пеење, танцување и со сценски настапи. Има искуство со мјузикли, телевизиски емисии и со музички проекти во својата земја.
Особено е интересен патот до нејзината победа на „Јуниорскиот евросонг“. Имено, таа четири пати учествувала во ерменскиот избор за претставник на ова натпреварување и дури при четвртиот обид успеала да ја добие можноста да ја претставува својата земја на големата европска сцена.

Трета победа за Ерменија

Победничката песна на Наре носи наслов „Bоо!“ („Буу!“), а станува збор за разиграна и енергична композиција што зборува за стравовите со кои се соочуваме и за храброста што ја пронаоѓаме кога ќе решиме да ги надминеме наместо да се криеме од нив.
Според објаснувањето на самата Наре, преку смеа, танц и фантазија, дури и најтемните сенки можат да ја изгубат својата моќ и да станат дел од играта. Песната порачува дека храброста не значи никогаш да не се плашиме, туку да продолжиме да чекориме напред, да танцуваме и да блескаме и покрај стравот. Музиката за победничката песна ја напиша Лилит Навасардијан, а текстот е на Григор Ќокчјан, двајца автори што и претходно создавале композиции за евровизиските натпреварувања.
Интересно е што по гласањето на жирито, Наре беше на третото место. Но со гласовите од публиката успеа да се искачи на врвот и да ја освои победата. Таа доби 103 поени од жирито и 99 од онлајн гласањето.
Со ова Ерменија ја забележа својата трета победа на „Јуниорскиот евросонг“. Претходно, земјата победи во 2010 година со Владимир Арзуманјан и песната „Mama“ („Мама“), а потоа и во 2021 година со Малена и „Qami Qami“ („Ками, Ками“).
Годинава, на второто место се пласираше претставникот на Шпанија, Лукас Паулано, а трет е Алек од Франција.

„Идната јас“ oд Македонија ја развесели фестивалската сцена

Боите на Македонија беа бранети од Ана Стојаноска од Струга, под реден број 12. Таа настапи со песната „Идната јас“, за која музиката и аранжманот ги создаде Николче Мицевски, а текстот е на Илчо Нечовски. Kaj Ана од рана возраст е забележан нејзиниот голем музички талент, а за себе вели дека сака да пее и дека преку музиката најдобро се изразува. И покрај шушкањата дека е меѓу фаворитите и покрај успешниот настап, нашата Ана беше последна на листата според бодовите од жирито и од публиката. Сепак, тоа не ја разочара нашата претставничка бидејќи доживеа прекрасно искуство во Малта и создаде пријателства со деца од многу европски земји.
Надеж, другарство, музика, детство, први љубови и заедништво беа зборовите и пораките што годинашните учесници ги испратија од големата сцена. Годинава настапија шеснаесет учесници од Холандија, Кипар, Португалија, Црна Гора, Сан Марино, Франција, Полска, Ерменија, Малта, Италија, Украина, Македонија, Ирска, Албанија, Грузија и од Шпанија.
Македонските гледачи имаа можност да ја следат „Јуниорската евровизија“ преку пренос во живо што го направи Македонската радио-телевизија, коментиран од водителите Зорица Николовска и Ване Маркоски. Публиката можеше и бесплатно да гласа за својот фаворит и да испрати поддршка за нашата претставничка. Гласачите имаа можност да направат избор од три композиции од вкупно шеснаесет и да го дадат својот глас за нив.

По завршувањето на гласањето, а пред соопштувањето на резултатите на големата сцена, заеднички настапија сите годинашни изведувачи со свој музичко-сценски перформанс.
Иако минатата година земја победничка беше Франција, државата се откажа од организацијата на овој настан, но испрати свој учесник на годинашното издание, кој успеа да биде меѓу тројцата учесници со најмногу бодови од стручното жири и од публиката.
Земјата домаќин Малта е мала и густо населена островска држава, која ја сочинува архипелаг во средината на Средоземно Море. Со површина од 316 квадратни метри, таа е најмалата држава членка на Европската Унија.
Музиката ја има моќта да ги разбуди најубавите чувства во нас, а и овој пат „Јуниорскиот евросонг“ преку прекрасната енергија меѓу учесниците го докажа тоа.

Фото: „Јуниорски евросонг“