Чекалници за инвеститори

Сегашни и поранешни искуства покажуваат дека некогаш ни децении не се доволни за разгледување или прифаќање некои инвестиции во најава или правење одредени измени на постојните урбанистички планови дури и на локации каде што за тоа не би требало да има пречки

Дојдов во Битола со намера да изградам сопствен деловен објект и конечно да не бидам потстанар во просториите што моментно ги користиме. Години барав да ми се одобри градежна парцела за изградба на таков објект. Бев подготвен, покрај деловните простории, за моите вработени во рамките на деловниот простор да изградам и фитнес-сала, базен, ресторан, кои ќе ги користат моите вработени. Но, за жал, ништо од тоа.

Сега кренав раце од таквите мои замисли и одлучив да купам веќе изграден објект, кој беше на јавна продажба, и ќе се обидам мојот бизнис да го префрлам во тој објект, кој ќе ме чини доста поевтино. Но, сепак, не сум задоволен, бидејќи мојата идеја беше сосема друга, коментира познат битолски инвеститор, кој долги години живее во странство и се занимава со информатичка технологија. Во неговата компанија работат стотина вработени и е една од најуспешните не само во Битола туку и во регионот.
Иако не сосема иста, слична приказна раскажува и друг домашен инвеститор, кој цели десет години чека да се усвои неговото барање за измена на деталниот урбанистички план, за да може да ја заокружи својата инвестиција.
На администрацијата очигледно не ѝ се брза и предметот веќе со децении седи во некоја фиока во општината и чека на усвојување.
Вакви или слични приказни има десетици.

Во таа насока, генерално, за подобрувања на бизнис-климата во државата и поголем економски развој и раст се неопходни и многу поголема организираност, координираност, стручност и ефикасност на сите чинители што придонесуваат за тоа,
вклучувајќи ги и локалните власти

Упатените тврдат дека само во Битола моментно во старата индустриска зона, каде што претходно работеа голем број фабрики: фабрика за фрижидери, „Битолатекс“, „Прогрес“, свиларницата „Илинден“, Шеќераната, „Транскоп“, „Жито Битола’, а кои заминаа во стечај и им се продадени на голем број нови сопственици, поради постојните урбанистички планови инвеститорите, кои ги купија објектите или парцелите, не можат да ги реализираат своите инвестициски планови. Тие тврдат дека најчесто нивните барања за измени на постојните детални урбанистички планови чекаат на усвојување поради неажурноста на администрацијата со години, па и децении. Поради ваквата бавност и неажурност некои од инвеститорите се откажуваат од своите замисли и чекаат подобри времиња.
Постојните урбанистички планови, кои се правени во времето на т.н. социјализам и кога во старата „индустриска зона“ се знаеше кој простор или објект чиј е и до каде опфаќа, сега се главна пречка за реализација на инвестициските замисли на инвеститорите, кои, секако, доколку се реализираат, ќе донесат и нови вработувања и развој на економијата.

Но поради ваквата статус кво ситуација трпат сите. Инвеститорите не можат да ги реализираат своите замисли и инвестициски планови, а и општината не може да собере средства од комуналии и други давачки. Тоа што особено ги иритира инвеститорите, не само домашните туку и странските, е бавноста на администрацијата, која не е приспособена на новите услови и која постојано, според нив, измислува причини за одолжување на барањата, или нивно нерешавање. Некои таквата „неажурност“ на администрацијата ја „оправдуваат“ поради стравот на надлежните да не направат некоја грешка, па подоцна да одговараат пред законот, а има и такви што тврдат дека „проектите“ не се одобруваат поради лукративни причини. Има и такви што тврдат дека главната причина за нерешавање на проектите е поради некомпетентноста на тие што одлучуваат на општинско ниво. Но токму ваквите состојби во Битола, но и во другите општини во државата, придонесуваат инвеститорите да нѐ заобиколуваат, што, секако, не придонесува во напорите и заложбите за подобрување на економските перформанси на државата. За надминување на ваквите состојби на неизвесност и бесконечно чекање, веројатно како пример може да послужат искуствата од други држави.

Да не одиме подалеку, доволно е да се фрли поглед само во соседството.
На времето, познатиот градоначалник на „Јагодина“ во СР Србија, Драган Марковиќ-Палма, јавно порачуваше дека доколку во тој град дојде некој инвеститор да вложи средства во некоја инвестиција, тој ќе добие одговор за неговиот проект најдоцна за еден ден.

Кај нас, за жал, некогаш ни децении не се доволни за разгледување или прифаќање некои инвестиции во најава или правење одредени измени на постојните урбанистички планови дури и на локации каде што за тоа не би требало да има пречки. Во таа насока, генерално, за подобрувања на бизнис-климата во државата и поголем економски развој и раст се неопходни и многу поголема организираност, координираност, стручност и ефикасност на сите чинители што придонесуваат за тоа, вклучувајќи ги и локалните власти.

Фото: Игор Бансколиев