Тишината ни ги дупна ушните тапанчиња

Збунети се граѓаните, правниците, легалистите, збунета е цела меѓународна заедница што владеењето на правото го смета за основа на функционирање на секоја правна демократска држава. Не се збунети само политичарите и оние од меѓународната заедница, а и домашните политичари, кои политиката, а не правото, (не законите и Уставот), ја ставаат на највисокиот пиедестал на (дис)функционирањето

И покрај тоа што референдумот заврши онака како што заврши, со неисполнет на првиот од двата услова за тој да биде успешен, се чини дека тоа не беше доволен аргумент што јасно и гласно беше искажан од релевантна државна и надлежна институција на Република Македонија, (односно од ДИК), па голем број странски политичари во свое име, па дури и некои од нив во својство на своите европски и евроатлантски функции што ги носат, излегоа со честитки за успешност на референдумот?! Па сега се поставува легитимно прашањето: „Со нивната постапка ги дерогираат ли нашите државни институции и ги прават ништовни со своите одлуки или, пак, го игнорираат правниот систем на нашата држава, наметнувајќи свои критериуми и одлуки за тоа што е право, правдина или владеење на правото за кое тие ’апсолутно се залагаат’?“ Збунети се граѓаните, правниците, легалистите, збунета е цела меѓународна заедница што владеењето на правото го смета за основа на функционирањето на секоја правна демократска држава. Не се збунети само политичарите и оние од меѓународната заедница, а и домашните политичари што политиката, а не правото, законите и Уставот, ја ставаат на највисокиот пиедестал на (дис)функционирањето.

Имено, со порака се огласи еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, кој истакна дека гласовите „за“ на референдумот се значајни и со тоа му се дава поддршка на договорот од Преспа. Тој рече дека со значајното „да“ има широка поддршка за Преспанскиот договор и евроатлантската иднина на земјата. Тој дури и истакна дека очекува сите политички лидери да ја почитуваат оваа одлука и истата таа да ја спроведат.

Со поздрав и честитка за референдумскиот резултат се јавија и Соединетите Американски Држави, од каде што истакнаа дека граѓаните изразиле поддршка за членство во НАТО и во ЕУ со прифаќање на договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција.

Со честитки за успешен референдум и поздрав на гласот „за“ се огласи и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој ги повика сите лидери и партии да се ангажираат и конструктивно и одговорно да ја зграпчат оваа историска одлука.
Уште во вечерните часови со честитки се јави поранешниот посредник на ЕУ во преговорите за Договорот од Пржино, Питер Ванхауте, кој на својот фејсбук-профил им честиташе на мнозинството граѓани што го поддржаа договорот од Преспа на референдумот. Тој дури и ја повика Владата да се ангажира во решавање на многуте проблеми во земјата, алудирајќи на подобрување на економијата, здравството, образовниот систем и владеењето на правото.

А нашите, пак, политичари од спротивставените табори се посебна приказна. Тие секако се прогласуваат за победници. И двете страни. Тие обете победиле. Нема губитници?! А каде е народот, каде се граѓаните? Сето ова потсетува на една анегдота за Олимписките игри на кои се натпреварувале Русите и Американците. Русите победиле, а Американците завршиле втори. Но, нивните медиуми успесите на претставниците на Олимписките игри ги прикажале секој од свој агол. Па, така, руските медиуми пишувале дека победиле, а оти Американците завршиле последни, додека американските медиуми, пак, напишале дека завршиле втори, а Русите се претпоследни. Ете, тоа е кај нас.

И политичарите перципираат низ нивната наштелувана диоптрија, а и медиумите ги поддржуваат и им ја потврдуваат сликата на „победничката“ диоптрија. А всушност обете страни се „губитници“. Што ќе рече еден мој стар пријател, сѐ е до перцепцијата…
За волја на вистината, еве како стојат работите… Низ призмата на легалитет. И никако инаку. Затоа што правото и државата се неразделни категории. Ако го немате едното, другото секако го немате…

Според Законот за референдум, односно, според членот 30, став еден од законот: „Одлуките на референдумот на државно ниво се сметаат за усвоени ако за нив гласале мнозинството од вкупниот број граѓани кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список, освен во случаите кога за одделни прашања со Уставот и со овој закон поинаку не е утврдено“.
Досега, референдумскиот резултат според Државната изборна комисија изгледа вака: на гласање излегле 661.393 граѓани, односно одзивот е 36,87 проценти, додека вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список е 1.806.336 гласачи. Од досега обработените 98,61 процент од избирачките места, „за“ гласале 91,48 проценти, или 605.016 граѓани, додека против се изјасниле 5,64 проценти или 37.312 граѓани. Неважечки биле 2,88 проценти.

Во согласност со тоа, јасно е дека цензусот што го налага законот не е исполнет.
Оттука се поставува прашањето, дали пораките на сите странци треба да се земат предвид, кои јасно водат кон непочитување на сопствениот закон за референдум, кој, пак, вели дека без цензус или без да излезат половина плус еден од запишаните гласачи во Избирачкиот список, референдумот е неуспешен.

И покрај тоа што цело време слушаме пораки за подобрување на владеењето на правото и почитување на законските рамки, постојано сме под лупа за тоа како и на кој начин ги спроведуваме и почитуваме законите, сега имаме јасна алузија за прекршување на истите тие со тоа што сите повикуваат на почитување на волјата на граѓаните, која била мнозинска на референдумот?! Бидејќи референдумот е неуспешен, станува јасно дека всушност мнозинската волја на народот е фактот што тие го игнорираа референдумот, односно референдумското прашање. Тоа е доволна порака и за домашните, но и за странските политичари и организации.

Каде е тука народот на Македонија, дали некој го слуша неговиот глас? Еден писател многу сликовито би го опишал овој феномен со неговата позната реплика: „Тишината ми ги дупна ушните тапанчиња“.

А странците… Ех тие од меѓународната… Си има и за тоа една наша народна приказна… Попот, кој јадел мрсно за време на големи пости… И покрај тоа што пред верниците се мрсел и слатко си го јадел месото, тој на верниците им велел: „Не гледај ме што правам, слушај ме што зборувам“.