Посредници и наследници

Изминатите искуства од преговарачкиот маратон за името со Грција и предвидувањата за трајната вонредна состојба во која многу лесно би можеле да заглават преговорите за идентитетските и историските прашања со Бугарија, до непремостливост ги стеснија очекувањата за скора евроинтеграциска иднина на Македонија. Ако притоа и изборот на посредник падне на некој лик, кој апсолутно ништо не го мотивира да ги тргне бариерите од евроинтеграцискиот пат на Македонија, како што, според голем број оцени, беше во случајот со Нимиц, тогаш не само евроинтеграцискиот туку и секој друг пат на земјава ќе биде понеизвесен, дури и од глобалниот пат за излез од кризата предизвикана од пандемијава

Начелниот став на Европската Унија, според кој, билатералните односи не можат да бидат причина за блокади, повторно се судри и ја загуби битката со инаетот на еден од соседите на Македонија, со што, по сѐ изгледа, таа ќе продолжи да живее во агонијата на лажни ветувања и постојани компромиси. За возврат, на Македонија и сега ѝ се нудат посредништва во решавањето на спорот околу идентитетските и историските прашања, кој го отвори Бугарија веднаш по трауматичното затворање на проблемот со уставното име што го испровоцира Грција. Да, токму така! Откога Атина се дрзна со понудата да посредува помеѓу Македонија и Бугарија, својата подготвеност да ја одиграат истата улога, повеќе или помалку отворено, почнаа да ја изразуваат и другите центри, а последната понуда дошла од Австрија, откога тамошната министерка за Европа и Уставот, Каролине Едштадлер, според пренесеното, изразила таква подготвеност на завчерашните средби со македонскиот државен врв во Скопје. Великодушно, нема што. Особено кога се знае колку „посредување“ и колку време беа потребни за да се затвори проблемот со Грција.
За потсетување, преговорите за името со Грција се водеа под покровителство на ОН од 1993 година. Во меѓувреме, во 1995 година беше потпишана Привремената спогодба, а посредникот, специјален пратеник на ООН, беше Сајрус Венс, кого во 1999 година го замени Метју Нимиц. Тој беше присутен на потпишувањето на Договорот од Преспа, на 17 јуни 2018 година и токму на денот на потпишувањето го прослави својот 79-ти роденден. Македонија тогаш „прослави“ 13 години од добивањето кандидатски статус во Европската Унија и 25 години од започнувањето на процесот за приклучување кон НАТО. Две години потоа, Македонија стана членка на НАТО, но нејзината евроинтеграција сѐ уште е во заложништво, само овој пат наместо во Грција, во Бугарија.

Толку за ефикасноста на механизмите на меѓународната заедница олицетворена во ООН, НАТО и во Европската Унија. Имајќи ги предвид сите овие факти, не треба да се биде премногу умен за да се заклучи оти споменатите понуди за посредништва, всушност, се најави за продолжена агонија. И за нови, можеби уште потрауматични, отстапки. И за некои нови нимици.
Освен тоа, изминатава пандемиска година покажа колку кревки можат да бидат сите планови и проекции дури и кога, условно речено, меѓународната заедница ќе се обедини и кога нејзините помоќни членки, барем декларативно и барем накратко, ќе ги тргнат настрана сопствените интереси. Изминатава година ги стави во прв план здравствените, економските и социјалните проблеми, така што политичките теми како што се проблемите во меѓусоседските односи не се ниту инспиративни ниту профитабилни во доволна мера за да мотивираат некого на нивно побрзо решавање. Излезот од оваа глобална состојба, според сите очекувања, ќе биде долг и тежок, а истражувањата покажаа и дека поради економската криза ќе се продлабочат тензиите и во сите други области, при што како најранливи се посочуваат меѓународните односи и меѓусоседските релации.

Не треба да се биде премногу умен за да се заклучи оти споменатите понуди за посредништва, всушност, се најави за продолжена агонија. И за нови, можеби уште потрауматични, отстапки. За некои нови нимици. Освен тоа, изминатава пандемиска година покажа колку кревки можат да бидат сите планови и проекции дури и кога, условно речено, меѓународната заедница ќе се обедини и кога нејзините помоќни членки, барем декларативно и барем накратко, ќе ги тргнат настрана сопствените интереси. Изминатава година ги стави во прв план здравствените, економските и социјалните проблеми, така што политичките теми како што се проблемите во меѓусоседските односи не се ниту инспиративни ниту профитабилни во доволна мера за да мотивираат некого на нивно побрзо решавање

Вонредната состојба, која по сѐ изгледа уште долго ќе трае, веќе ги сведе на минимум директните средби на преговарачите, а длабоко компромитираните канали за комуникација не овозможуваат нивната таканаречена дипломатска умешност целосно да дојде до израз и нивните намери да се реализираат.
Изминатите искуства од преговарачкиот маратон за името со Грција и предвидувањата за трајната вонредна состојба во која многу лесно би можеле да заглават преговорите за идентитетските и историските прашања со Бугарија, до непремостливост ги стеснија очекувањата за скора евроинтеграциска иднина на Македонија. Ако притоа и изборот на посредник падне на некој лик, кој апсолутно ништо не го мотивира да ги тргне бариерите од евроинтеграцискиот пат на Македонија, како што, според голем број оцени, беше во случајот со Нимиц, тогаш не само евроинтеграцискиот туку и секој друг пат на земјава ќе биде понеизвесен, дури и од глобалниот пат за излез од кризата предизвикана од пандемијава. Македонија има, можеби не завиден, како поголемите држави, но сепак, каков-таков дипломатски потенцијал, кој моментално е впрегнат или во теснопартиските интереси или донекаде и оправдано е распрегнат во незаинтересираноста и пасивноста. Ако тој веќе потклекна пред дневната политика и ја пропушти шансата да биде мобилизиран или докрај да се искаже во текот на големата дипломатска војна со Грција, сега е најдобро време тој потенцијал да се разбуди и да не дозволи некој друг, дури и ако навистина биде наметнат како посредник, да ги диктира динамиката, содржината и формата во преговорите со Бугарија.

[email protected]