Патриоти аматери и патриоти професионалци

Низ текот на годините на политичката сцена во Република Македонија продефилираа најразлични видови функционери, од кои сите до еден се претставуваа како патриоти и државници. Секој од нив на свој начин остави белег или лузна врз државата, иако имаше и такви со двојни државјанства и сомнително национално чувство, оскудни стручни знаења и квалификации, лажни морални вредности итн. Но најголемата мана на повеќето од нив е што беа патриоти аматери. Што би рекле глумците, натуршчик-статисти. Искористени за одредена епизодна улога и потоа отфрлени. И затоа ја доведоа државата дотаму каде што е сега

Ете и тоа се случи. Во рок од една недела Македонија доби ново име, донесе Закон за употреба на јазиците без потпис од претседателот на државата, по истото македонско сценарио, со пребегани пратеници, преживеа и владата на Ципрас и веќе нема дилеми дека кога Западот нешто ќе науми тоа и го остварува. На еден или на друг начин. На Балканот така било отсекогаш така е и сега. Некој однадвор ги мести фигурите и ги влече потезите. Има ли сѐ уште некој дилеми за тоа? Не верувам!
Почнувајќи од распадот на СФРЈ, па Дејтонскиот договор, бомбардирањето на СР Југославија, бегалска криза и прогласување на косовската држава, војната во Македонија од 2001-та, рамковниот договор, Пржино, Преспански договор итн. Сѐ се тоа претходно добро осмислени лабораториски проекти со точно поставени цели што треба да се постигнат. Во тој правец секако е и последниот мегапроект за Преспанскиот договор, скициран и најавен уште пред неколку години кога Меркел првпат спомена што е компромис – кога двете страни демек биле еднакво незадоволни. Потоа домашните подизведувачи се потрудија нејзината тогашна дефиниција и вистински да ја оправдаат.

Планот имаше неколку кодни називи во Македонија и се спроведуваше прво како име за НАТО, па потоа како глас за амнестија, но со истата цел наше зачленување во Северноатлантската алијанса. Во Грција истиот проект се водеше под слоганот глас за останување на власт, односно слепа послушност кон директивите на Западот заради економската условеност и зависност на Атина.

Не смее да се заборави дека Грција и понатаму е во длабока економска криза и е силно зависна од европските пари и кредити, особено од Германија. На тој начин меѓународната заедница и големите светски играчи ги имаа во раце и Македонија и Грција и не им беше тешко да го издејствуваат она што го наумиле, на начин што најмногу им одговара. Дали тоа се коси со принципите на правната држава, меѓународното право, начелата на демократијата, се виде дека воопшто, ама воопшто, никому не му е гајле.

Сега кога завесата е спуштена може само да се констатира дека во филмот, преименување на Македонија, секој од политичките чинители имаше своја зададена улога што требаше да ја одигра. Така некои испаднаа силни реформисти и Европејци, кои гледаат само напред додека други глумеа разочарани патриоти, даваа некаков наводен отпор или несогласување. Но во принцип и едните и другите се согласија да бидат дел од однапред наместен натпревар, со однапред познат резултат. Тоа што народот не се вклопи во ваквото сценарио е само колатерална штета на големите планери, кои никогаш и не воделе сметка за народот туку единствено и само за своите цели и интереси. И вака поставената дијагноза се однесува еднакво и за Македонија и за Грција.

Дури замислете и пораките и потезите на власта и опозицијата во двете земји се слични ако не и идентични. Собраниското мнозинство потребно за протуркување на Преспанскиот договор беше обезбедено на ист начин со пребегување на пратеници. Реториката на власта и потписниците на договорот е слична и во двете земји. Дури и однесувањето на опозицијата е безмалку идентично и со истите тези и жаргони. Разликата е единствено што во Грција премиерот Ципрас бара ТВ-дуел со лидерот на опозицијата Мицотакис по прашањето на Преспанскиот договор, додека кај нас обратно Мицкоски бара ТВ-соочување со премиерот Заев.

На моменти целата ситуација личи на траги комедија во стилот село гори баба се чешла. Опозицијата и во двете земји алудира на национална катастрофа, губење на идентитетот, на културното и историско наследство, но прво нешто што бара се избори?! Еднаш одамна уште пред и да се подготвуваше Преспанскиот договор напишав дека опозицијата и тука и таму ќе биде пресреќна доколку некој друг го реши проблемот наместо нив. Што сега се покажа како точно и во двете земји. Глумењето загриженост и разочараност е толку проѕирно и аматерски, што е видливо и од авион. Единствено што ја интересира опозицијата е власта, односно избори. На Балканот традиционален и универзален лек за сите проблеми се избори. По можност предвремени.

Иако по секои избори ниту проблемите се надминувале, ниту економијата пораснала, ниту белата чума се искоренила. Затоа за еднаш засекогаш да ги надминеме овие детски болести, на граѓаните едно да им се ветува пред избори а потоа друго да се спроведува, можеби сега е вистинското време да ја промениме старата методологија и да преминеме на нова. А тоа значи да користиме испробан и докажан принцип при селекција на кандидатите кои ги избираме. Како на пример оној на ЦИА.
Американската централноразузнувачка агенција деновиве објави оглас за пополнување на своите редови со еден јасно утврден и неопходен критериум, кој мора да го исполнуваат потенцијаните кандидати. Имено, ЦИА бара влијателни патриоти професионалци со различно потекло и со животно искуство. Успешните кандидати треба да им служат на САД во спроведување на мисијата на агенцијата како прва линија на одбрана на нацијата, се вели во огласот.

И сега си велам ете каде лежи зајакот. Значи се бараат патриоти професионалци, а не патриоти аматери, квазипатриоти, патриоти среброљупци, патриоти тендераши, аболирани или амнестирани патриоти итн. Низ текот на годините на политичката сцена во Република Македонија продефилираа најразлични видови функционери, од кои сите до еден се претставуваа како патриоти и државници. Секој од нив на свој начин остави белег или лузна врз државата, иако имаше и такви со двојни државјанства и сомнително национално чувство, оскудни стручни знаења и квалификации, лажни морални вредности итн. Но најголемата мана на повеќето од нив е што беа патриоти аматери. Што би рекле глумците, натуршчик-статисти. Искористени за одредена епизодна улога и потоа отфрлени.

И затоа ја доведоа државата дотаму каде што е сега.
А како всушност се станува патриот професионалец. Треба ли школа или обука за тоа? Одговорот на ова прашање веројатно најдобро го знае ЦИА. Затоа и со години па и децении однапред ги осмислува и разработува сите можни сценарија за случувањата во светот.

Иако одговорот на прашањето што значи патриот професионалец го знае и огромното мнозинство чесни, правдољубиви и родољубиви македонски граѓани од сите националности, кои искрено и без условување си ја сакаат својата татковина и се подготвени да бидат првата линија на одбрана на нацијата.
Само, за жал, таквите ретко добиваат шанса да се покажат зошто никој не ги селектира или на партиските огласи за нив нема место. И затоа што аматерите не поднесуваат професионализам, бидејќи не можат да виреат во таква средина и опкружување. Но бидејќи 2019-та е и политички важна изборна година, но и економски пресудна година ајде еднаш засекогаш да расчистиме со аматеризмот и да му дадеме шанса на професионализмот.

Во сите сегменти, но пред сѐ во економија, па далеку потоа политика, но никако да не ги забораваме, судството, образованието, здравството… Единствено така нема да има неразјаснети бегства на осудени или осомничени лица, неразбирливи и погубни економски потези и политики, проблематични правни одлуки и законски одредби и конечно можеби професионалците патриоти ќе дефинираат што значи поимот „nationality“, за да не се подбиваат другите на наша сметка.