Македонија питом или див запад

Во моментов клучно прашање е дали какво било намалување на казните поврзани со оружјето ќе ги намали злоупотребите или, напротив, дополнително ќе мотивира некои од граѓаните да испукаат еден шаржер за душа кога ќе им текне, оти ова
задоволство сега ќе ги чини нешто помалку

Во време кога земјава се соочува со редица можни недостатоци, блокада во евроинтеграциите, рекордно ниво на корупција во сите сфери, лош здравствен, судски и образовен систем, исцрпена економија, еколошки помор на шумите, водите и почвите, Владата, покрај сите други незавршени работи, се реши да ублажува дел од казнените одредби во Законот за оружје, како тоа да е најприоритетно во моментов.
Можеби и ќе беше, ако до секое село во земјава имаше пат, водовод и канализација, ако сите градови беа гасифицирани, ако македонските компании отвораа свои филијали во странство, ако во секое населено место имаше здравствени домови, ако на водечки функции се избираа компетентни и стручни луѓе наместо партиски полтрони, ако на пописот се гледаше како на досадна статистичка операција, ако меѓусебно етнички не се жигосувавме, едноставно ако бевме поцивилизирано општество.
Казната како мерка има цел да дисциплинира некој поединец, но и да го демотивира во иднина да не прави постапки што можат да бидат опасни.
Добро е кога се намалуваат казните, но во некои одредени сфери како, на пример Законот за оружје, дискутабилно е колку ваквото намалување на казните ќе биде ефикасно или не. Затоа што тоа е многу специфична категорија на која многупати во минатото, но и ден-денес се прават непотребни попусти за што цената се плаќа со човечки животи.

Додека државата сета контрола (и со право) ја насочува кон компаниите што работат со продажба на оружје и муниција, речиси и воопшто да не ја контролира употребата на оружје од индивидуалци, кои секојдневно пукаат на разни веселби, но и заради задоволување на личното его. Понекоја симболична пријава не е доволна.
Нема патник намерник што не прошетал низ Западна Македонија без да не ги забележи изрешетаните сообраќајни знаци што се користат како стрелачки цели, што е само потврда дека пука кој каде стигне и кога ќе стигне.
Не треба да се заборави ниту случајот со младата скопјанка, која пред петнаесеттина години го загуби животот од заскитан куршум на прославата на Нова година на скопскиот плоштад, а речиси и да нема ден во кој во полициските билтени нема да се најде извештај за заскитани куршуми што завршиле во нечиј двор, нечија дневна соба или, уште полошо, во нечие тело.
За непријавените инциденти со огнено оружје и раните третирани во нелегални здравствени ординации воопшто и да не зборуваме. Уште помалку за нелегалното оружје што го нема во полициската евиденција, а масовно се користи.
Кога ќе се погледнат сите овие работи, јавноста со право се прашува зошто полицијата толку многу се растрча да казнува граѓани што не носат маски, што не поминале на пешачки, за некој неисправен трепкач на возилото, а слабо ги открива и казнува пукачите, кои, освен задоволување на некоја чудна страст и мерење на машкоста, немаат друго објаснување за своите постапки.
Некој ќе каже оти помалите казни имаат некаква хумана димензија – тоа е точно, но не во општества како нашето, каде што демонстрацијата на сила за некого сѐ уште е „критериум“ за постигнување некаква цел. Затоа и не треба да чуди што голем дел од интелектуалната елита си ги спакува куферите и си замина од земјава, не можејќи повеќе да се соочува со излитената фраза „знаеш ли кој сум јас?“. Среќна околност (ако воопшто може да се нарече среќна) е што владее пандемија и границите се затворени, инаку егзодусот на население од земјава уште повеќе ќе продолжеше.
Како и да е, во моментов клучно прашање е дали какво било намалување на казните поврзани со оружјето ќе ги намали злоупотребите или, напротив, дополнително ќе мотивира некои од граѓаните да испукаат еден шаржер за душа кога ќе им текне, оти ова задоволство сега ќе ги чини нешто помалку.

Ако се има предвид дека во одредени делови на земјата контролата на оружјето е едноставно невозможна, тогаш повеќе од јасно е дека со полабава казнена политика нема ништо да се подобри, туку само дополнително ќе се влоши.
Некој ќе праша како може да се реши овој проблем?
Прво, да се воведат многу построги критериуми за издавање дозволи за оружје. Не може толку многу граѓани да имаат оружје во државата, небаре сме див запад. Ако потребата за оружје е заради лична заштита, тогаш зошто постојат полицијата и агенциите за обезбедување, чија основна дејност е токму тоа, заштита на животите и имотите на граѓаните?
Второ, личните каприци и лекувањето комплекси со пукање можат да се лекуваат и на професионални легални стрелишта. Секој може да си плати и да пука колку што сака, без да загрозува нечија безбедност.
Трето, има многу генерации што уште од мали нозе се задојуваат со култот кон оружјето. За сите тие треба една континуирана образовна кампања преку која постојано ќе се посочува на негативните последици од употребата на оружје. И не само на младата туку и на постарата генерација, која очигледно повеќе учела од вестерн-филмовите отколку од пацифицистичките мудрости.
Ако на тоа се придодаде и влијанието на филмската и индустријата со компјутерски игри во кои насилството и употребата на оружје е примарна, тогаш јасно е каде сè треба да се интервенира.
Откако ќе се средат сите овие работи, дури тогаш може да се размислува за некакво ублажување на казните. Впрочем, што е важно колкави се казните, ако никој не прави прекршок?

Ако сакаме да бидеме „питом“ запад, тогаш оружјето е најдобро да си остане кај полицијата и војската (и кај понекој ловџија), а кога веќе го има и кај поединци, тогаш контролата и самосвеста имаат значајна улога.
Многу деца настрадаа играјќи си со пиштолите на своите татковци, многу семејства останаа завиени во црно само поради еден момент на неодговорност.
Казната можеби нема да спречи, ама барем за момент некого ќе замисли пред да го стисне чкрапалото. Тој момент на промисла е пресуден. Потоа може да биде доцна.