Кој го окупира меѓународното право на Балканот

Според Хаг, операцијата на НАТО би се извела со користење на малите европски воени сили, попознати како ЕУФОР, кои сега треба да се засилат со дополнителни трупи на Алијансата и да се распоредат на стратегиските и важни области за нив во земјата. Британскиот политичар во својот коментар за состојбите на Балканот прави паралела со регионот на Блискиот Исток и забележува дека ова ќе биде и можност да не се повторат „неволјите“ од колапсот на Западот во Авганистан

Ничеовата теза за животот како „вечно враќање на истото“, и овој пат, само во една опскурна верзија, повторно тропа на портата на Балканот. За жал. Дури и кога локалните актери не говорат за конфликти, за национални или за верски судири и војни во својот балкански регион, има „дежурни странски политичари“ што одвреме-навреме ќе излезат во јавноста да потпалат оган и да се заканат со предизвикување воени судири меѓу балканските племиња, наместо тоа да го направат регионалните балкански главатари.
Токму една ваква изјава, која неминовно ги врати сеќавањата на крвавите судири од 1990-тите, неодамна регистрира светската јавност, а беше изречена од страна на висок државник и претставник на една од најмоќните војски во НАТО.
Станува збор за Вилијам Хаг, поранешен државен секретар за надворешни работи на Велика Британија, кој ги подгреа страстите на Балканот велејќи дека НАТО-трупите треба што поскоро да се распоредат во Босна и Херцеговина, поточно во областа Брчко и аеродромот во Тузла, за да се спречат украинско сценарио во земјата и немири во регионот.

Овој поранешен висок британски државник во колумна за лондонскиот весник „Тајмс“ додава и дека ова воено распоредување на НАТО на Балканот ќе означи и почеток на Западот „да им погледне директно во очи“ на Русија и на нејзиниот претседател Владимир Путин.
Според Хаг, операцијата на НАТО би се извела со користење на малите европски воени сили, попознати како ЕУФОР, кои сега треба да се засилат со дополнителни трупи на Алијансата и да се распоредат на стратегиските и важни области за нив во земјата. Британскиот политичар во својот коментар за состојбите на Балканот прави паралела со регионот на Блискиот Исток и забележува дека ова ќе биде и можност да не се повторат „неволјите“ од колапсот на Западот во Авганистан.
Ваквата изјава е далеку од случајна, особено поради историјата на споменатата личност, калибарот и својството, но уште повеќе поради фактот дека Британија е членка на НАТО. Зар не е тоа флагрантно искажување намера за агресија?! Или, пак, уште повеќе, да не личи на окупација?! Или и овој пат меѓународното право се отфрла во аут, а интересите на дел од меѓународната стануваат меѓународен приоритет? Ама кому повторно и којзнае по кој пат му се потребни прегазување и понижување на меѓународното право? Зар тоа веќе не е рамката за државите и народите во светот да ги остваруваат универзалните демократски права на битисување, почитување, опстојување, соживот, соработка и сеопшт просперитет?

Меѓународното право не е тесто за некој да го обликува како сака, да го меси според сопствено толкување и желби. Тоа задолжително треба да се почитува и спроведува, затоа што последиците може да бидат, всушност веќе се – несогледливи. Очигледно, сите можеме да посведочиме дека „тргнала лавината“. А по некој „историски обичај“, лавината ја предизвикуваат големите светски сили

Што од горенаведеното не им одговара на некои емисари поединци од големите сили, па ќе се употреби НАТО за да покажува „мускули што се закануваат со окупација“ на една суверена држава?
Ваквата намера нема да помине низ филтрите на меѓународното право, а ќе остане како фалш-исцедок што е во функција на волјата на посилните и на аргументите на силата. Тоа се толкува како закана што сериозно ги загрижува граѓаните не само на БиХ туку и на целиот регион и светот. Да не заборавиме дека во регионов сѐ уште се свежи сеќавањата на 1999 година, кога бевме сведоци како НАТО на најбрутален начин го прекрши меѓународното право со бомбардирањето на СР Југославија. И не само тоа, дури и ден-денес постојат сомневања дека во регионов и натаму се прекршуваат резолуциите на ООН – храмот на меѓународната правда и политика.
Меѓународното право не е тесто за некој да го обликува како сака, да го меси според сопствено толкување и желби. Тоа задолжително треба да се почитува и спроведува, затоа што последиците може да бидат, всушност веќе се – несогледливи. Очигледно сите можеме да посведочиме дека „тргнала лавината“. А по некој „историски обичај“, лавината ја предизвикуваат големите светски сили.
Затоа и загрижува фактот дека во ЕУ, како и во НАТО, според ваквите изјави, најверојатно има „темни и одметнати центри на моќ“, кои сакаат да исцртаат нови граници на Балканот. Очигледно балканската територија, како воен, но и како „мирнодопски“ плен, онаква каква што е сега, е недоволна и таа секогаш треба да се шири во интерес на гореспоменатите центри, надвор од легалните и легитимните, а на штета на граѓаните од балканските земји.
Сосема на крајот, гимнастика за малите сиви мозочни клетки: и Македонија е полноправна воена членка на НАТО од пред некој ден. Значи ли тоа дека нашата пешадиска единица сега ќе биде ангажирана како окупатор на Босна и Херцеговина за да се исполни „пророштвото“ на британскиот политичар? Да се надеваме дека нема. Да се надеваме дека и овој пат повторно некој од страна нема да ни „зачинува“ во чинијата и тенџерето од кое сркаме сите ние.

[email protected]