Аманетот на Рацин

Големиот Рацин има кажано: „Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата. Да му го земеш јазикот, тоа значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот национален персоналитет“. Типографот Ласко Џyровски минатата недела го објави својот најнов фонт Рацин, инспириран токму од ракописот на Рацин, и ја облагороди македонската кирилица со еден фонт полн историја, емоции, симболика. Во него одекнуваат безвремените стихови на Рацин, кои се наше непроценливо, неспоредливо културно богатство. „Нова Македонија“, пак, е првиот медиум што ќе пишува со ракописот на Рацин

Битноста да се пишува на македонска кирилица, да се размислува на македонски јазик, да се твори, битисува, не губи актуелност низ времето и вековите. Дури напротив. Во сегашно време, кога однадвор се атакува и се прават обиди за негација на посебноста на македонскиот јазик, уште поголема обврска е да се одбранат македонскиот јазик и писмо од сите такви подметнувања и напади.
Македонската кирилица е еден од нашите најголеми брендови со кои треба да се гордееме и треба внимателно да ја чуваме и своевремено да ја модернизираме. Она што последно ги истакна важноста и уникатноста на нашето писмо е типографот Ласко Џyровски, кој минатата недела го објави својот најнов фонт Рацин, инспириран токму од ракописот на Рацин, и ја облагороди македонската кирилица со еден фонт полн историја, емоции, симболика. Во него одекнуваат безвремените стихови на Рацин, кои се наше непроценливо, неспоредливо културно богатство.
Во ниту еден збор, ниту еден карактер не го собира значењето на овој епохален проект. Ретко кој останува недопрен и рамнодушен на ваквите подвизи, затоа што живот значат.
Фонтот со ракописот на Рацин допира длабоки дамари, разголува емоции и е уште една потврда за македонската азбука, идентитет, јазик…
Кирилицата е многу повеќе од букви, кирилицата е прашање на идентитет. Кој разбира, знае!
Она што особено нѐ радува е што Џуровски направи драг гест и Рациновиот фонт му го подари на првиот македонски дневен весник „Нова Македонија“. Од едноставна причина првиот дигитално оживеан ракопис на значаен македонски уметник да почне да живее токму на страниците на првиот македонски дневен весник.
Честа ни припадна нам. Фонтот да пишува, информира, објавува, пулсира, дише, да му зборува на народот и светот преку нашите страници. Да ја „везе“ вистината за уникатноста на македонскиот јазик и писмо, што би рекол Џуровски.
Тој три години посветено и коренито го создавал фонтот. Наишол до сознанија дека конструкцијата на Рациновите букви е одраз на неговата моментална емоционална состојба. Рацин кога ѝ пишувал на Рахилка му треперело срцето и срцебиењето се пресликувало во неговиот ракопис. Ракописот бил мек. Крутоста на неговото писмо исто така оставила груб белег врз хартијата.

Кога пишува за страдањата, лутината, неговите букви се многу поостри, груби… И тоа се чита во неговото перо. Фонтот е направен по најсовремените типографски правила, достапен за секого, по симболична цена. Да се истражи и создаде ракописот на Рацин е вештина, но да се сподели и да му се овозможи секому да пишува со емоциите на Рацин е човечен гест.
Со овој проект се упатува едноставна порака – да ја чуваме македонската кирилица, да се гордееме со неа, да ја употребуваме, да ја надградуваме и приспособуваме на современите барања, затоа што таа е уникатна и единствена, различна од сите други кирилски писма.
Целиот проект со создавањето на овој фонт е од голема важност во овие чудни времиња во кои живееме. Симболиката што ја носи со себе тежи и длабоко проникнува. Буквите се современици на нашите мисли, кои сведочат за нашите достигнувања, мудрости, психоделични состојби, борби и радости, ако ги нема фонтовите, сѐ ќе испари, сѐ ќе се заборави. Но со секоја кирилична буква, и ние оставаме траги…
Јасно ни е дека додека пишуваме со македонска кирилица, постоиме. Доколку го негуваме македонското писмо, го афирмираме македонскиот јазик, го уважуваме трудот на нашите предци и создаваме културолошки идентитет за нашите деца.
Ретки се фонтовите што овозможуваат адекватна примена на македонската азбука и писмо во дигиталниот свет, со цел да се промовираат и зачуваат основните карактеристики на кирилското писмо. Инцидентни се ваквите подвизи, како на Џуровски, кои потсетуваат на вредноста на македонските кирилични фонтови. Уште поретки се типографите што се залагаат за креирање нови македонски кирилични фонтови, осовременување на македонска кирилица.

Буквите се современици на нашите мисли, кои сведочат за нашите достигнувања, мудрости, психоделични состојби, борби и радости, ако ги нема фонтовите, сѐ ќе испари, сѐ ќе се заборави. Но со секоја кирилична буква, и ние оставаме траги… Јасно ни е дека додека пишуваме со македонска кирилица, постоиме. Доколку го негуваме македонското писмо, го афирмираме македонскиот јазик, го уважуваме
трудот на нашите предци и создаваме културолошки идентитет
за нашите деца

Во оваа дигитална ера и сфера, кириличните фонтови приспособени на современите потреби на дигиталната типографија се битен фактор за нашиот македонски јазик. Јазик што е под актуелен притисок за опстанок, под континуирани негации, бесмислени тврдења, парадоксални тези, невистини и заблуди. Јазик кој покрај сите опструкции успешно се пробива, но и изучува, афирмира и надвор од границите на Македонија, не само во словенските држави туку многу пошироко. На голем број странски факултети се предава македонскиот јазик и опстојуваат голем број македонски катедри. Универзитетски лекторати по македонски јазик има во Италија, Полска, Романија, Русија, Словенија, Франција, Хрватска, Чешка, САД, Австралија, Јапонија…, што е од епско значење. Неговата посебност, јазичната структура, богатиот лескички фонд се изучува и во десетина центри во светот.
Денес македонскиот јазик претставува целосно оформен, современ литературен јазик. Но, сепак, тоа не значи дека треба да застанеме тука. Напротив, јазикот е неисцрпен извор, кој треба постојано да се негува, да се надградува.
А фонтот Рацин е современа надградба и суштествен индикатор, кој го уважува значењето на македонската кирилица и македонскиот јазик и нивната соодветна употреба.
Да ја чуваме и негуваме македонската кирилица, ако ја има неа, ќе нѐ има и нас.
И ќе поентирам со една Рацинова мудрост: „Јазикот – тоа е голема сила на народот, на нацијата. Да му го земеш јазикот, тоа значи да му ја земеш душата, да го лишиш од неговиот национален персоналитет“.