За пелтечењето нема чудотворен лек, но има успешни техники што го решаваат

Иако важи за едно од најстарите говорни оштетувања и покрај многуте истражувања и теории поврзани со пелтечењето, сѐ уште треба да се истражува за да се откријат повеќе детали за ова специфично говорно нарушување. Фактот дека не постои универзален пристап при третман на пелтечење го мотивира логопедот постојано да ја истражува оваа проблематика, да се запрашува, да истражува и да открива пристапи за третман на пелтечење. Стручното лице мора да открие што ќе овозможи полесна соработка меѓу логопедот и клиентот и кои техники даваат најдобри резултати. Во изборот на техника при третман на пелтечење важна улога имаат и карактерот, упорноста, мотивацијата и волјата на клиентот со кој се работи. Во третманот на пелтечењето, покрај логопедот, може да се вклучени и невролози и психотерапевти.
Според меѓународната класификација на болести, дефиницијата за пелтечење е следна: „Нарушување на ритамот на говорот, при што лицето точно знае што сака да каже, меѓутоа во исто време е неспособно да го каже тоа поради неможност, повторување, продолжување или прекинување на некој глас“. Пелтечењето е специфична проблематика. Во третманот на пелтечењето, покрај терапијата што ја дава логопедот, многу е важно клиентот (доколку станува збор за возрасен клиент) да го прифати фактот дека пелтечи, односно својот предизвик да си го признае себеси и да не се срами од сопственото зборување. Многу луѓе што пелтечат со години избегнуваат да го признаат тоа. Но, докажано е дека доколку луѓето се искрени со себе и си го признаат сопствениот проблем и покрај моменталното повредување на нивната гордост, тензијата и стресот потоа стануваат поредуцирани.
Важно е клиентот покрај работата со логопед, да се посвети и на работа на себе, да верува дека ќе успее во својата цел да постигне нормален говор и да е самодисциплиниран, а логопедот и најблиското опкружување на лицето што пелтечи треба да бидат трпеливи, затоа што пелтечењето нема тукутака да исчезне.

Нема универзален третман, но има успешни техники

Не постои универзална техника за пристап во третманот на пелтечењето, постојат различни техники што логопедите ги употребуваат при работата со клиенти што пелтечат, но треба да се знае дека главни техники во третманот на пелтечењето се: вежби за дишење и вежби за релаксација. Некои од техниките за подобрување на говорот се опуштање на вилицата, усните, јазикот и дишење на дијафрагма.
Според книгата „Нема чудотворен лек“, а и според многу други автори, усвојувањето на ваквите техники и вежби може да се стекне брзо, но за да се применат се потребни илјадници часови вежбање. Примената на стекнатите техники е голем предизвик во стресните животни ситуации.
Некои од техниките се клиентот да зема краток здив на дијафрагма и бавно да го ослободи воздухот пред почетокот на говорот или издолжување на самогласки и некои согласки, многу автори се согласуваат дека при третман на пелтечење важно е и клиентот да се научи на ритмично говорење.

Каков е пристапот кај децата?

Кај децата пристапот може да биде и со директна вклученост на логопедот во третманот и со индиректен пристап на логопедот, преку совети за секојдневно функционирање дадени на родителите и најтесното опкружување на детето, во зависност од видот на пелтечењето. Помеѓу втората и третата година од животот, кога детето го учи говорот и употребува многу нови зборови, но некои од нив сѐ уште не може да ги изговори правилно, доаѓа до повторување и паузирање во текот на говорот. Се препорачува на таквата нефлуентност да не се обрнува внимание и се очекува да исчезне сама од себе. Но, доколку говорот и понатаму, подолг временски период, е нефлуентен, важно е родителите да се консултираат со стручно лице.
Важно е да се знае дека возрасните што пелтечат не се оставени сами на себе и дека постојат техники за говорење што можат да им ја олеснат секојдневната комуникација. А, родителите треба да обрнуваат големо внимание на своите деца во текот на развојот, а третманот на децата што почнале да пелтечат пред да наполнат четири години треба да почне пред нивната петгодишна возраст.

Викторија Сиљаноска

Авторката е логопед специјалист, Тимот А