За објективноста во науката

Објективноста во науката се дефинира како обид да се открие вистината за природниот свет елиминирајќи лични пристрасности, емоции и лажни верувања. Меѓутоа, објективноста значи и разоткривање заблуди или погрешно сфатени работи во однос на самата наука и не значи дека некој априори е во право во тоа што го смета или дека ако даден факт е општоприфатен е и неминовно точен. На пример, случајот со Коперник. Ваквите случаи покажуваат дека колку и да не се сака да се прифати, на крајот вистината победува.
Објективноста, како што некои имаат храброст да кажат, треба да се сочува и во чувствителните прашања со соседите, колку и да боли тоа. И само храбрите, пак како Коперник на пример, го признаваат тоа.
Па ете, затоа, да се соочиме со објективноста на неколку чувствителни примери. Еден од нив е терминот „Бугарин“. Тоа е еден од најголемите аргументи во бугарските тврдења, според кој, според „веќе одамна докажана вистина, која и нема потреба да се докажува нешто посебно, бидејќи сите историски извори се кристално јасни“, овој термин уште од времето на Самуил почнал да ги идентификува Македонците како Бугари и тоа си останало така низ вековите. Па еве, да го погледнеме ова прашање објективно. Суштественото во тврдењето на Бугарите е тоа што нивниот спор е идентитетски. Тие меѓу другото и со ова тврдат дека Македонците и Бугарите се еден ист народ. Меѓутоа, објективно, Бугарите од средновековјето, народот на Аспарух, биле од турската група народи. Ама баш истите Турци како денешните Турци во Република Турција. Тоа сега нема да го докажуваме тука, но ако има потреба, лесно е да се докаже. И сега, објективно, дали може да се тврди дека луѓе што се викале Аспарух, Омуртаг, Кормисош итн. биле ист народ со луѓе што се викале Радомир, Ивец, Владислав и сл.? Попрво е дека нема никаква потреба да се објаснува дека биле различни народи. Едниот турски, другиот словенски. И ако ова се признае дека е вака, останува да се види зошто се користел вака терминот Бугарин (кој објективно се користел и за народот на Самуил, односно Словените). Објаснувањето би било во тоа што, со оглед што во средниот век уште не бил развиен концептот за нации, државата се идентификувала според круната (т.е. кој ѝ бил цар и каква била круната) („…е типично средновековно правило, владејачката династија секогаш се гледа како легален наследник на претходната“ – Иштван Васари, Куманите и Татарите, Истанбул 2008, стр. 46). А Самуил, како што се знае, ја презел бугарската круна. Последниот бугарски наследник умрел и по роднински врски, според правото на наследство, круната прешла кај него. Оттогаш неговата држава станала бугарска и народот под неговата круна станал бугарски. Но се разбира дека ниту тој ниту неговиот народ не го смениле идентитетот во физичка смисла, како што некои би сакале да веруваат. И понатаму некој Словен Радомир останал Словен Радомир, додека некој понатамошен Аспарух од идни времиња пак си останал Турчин. Во дополнение, еве и неколку цитати во врска со терминот „Бугарин“ што Бугарите сигурно не ги зеле предвид.
Цитат бр. 1:„Тогаш тој почна војна против Босна; тие зборуваат бугарски. Нејзиниот најголем град се вика Јајце.“ (Византија, Европа и раните османлиски султани, 1373-1513, Анонимна грчка хроника од 17 век, Codex Barberinus Graecus 111, Њујорк 1990:87). Ова е забелешка од една хроника за турските султани, во врска со освојувањата на еден од раните османлиски султани на Босна. Ете, објективно, „Бугари“ овде се наречени и Босанците. Веројатно затоа што терминот почнал да се користи во 10 в., кога уште немало посебни словенски држави и кнежевства, па Самуил бил цар на сите Словени, па поради круната, називот „Бугари“ всушност се пренел на сите Словени. И така продолжил да се користи. Меѓутоа, дали сега ова би значело дека и за денешните Босанци може да се тврди дека се, всушност, Бугари?
Цитат бр. 2: „Во текот на првите месеци од мојот престој меѓу нив (‚Бугарите‘), мојот одговор на нивното постојано прашање од каде дојдов, беше ‚Од Франкистан (Европа)‘. ‚Среќен си ти, брат,‘ извикнуваа тие, ‚нема ништо друго освен Бугари во твојата земја‘. ‚Бугари! Никогаш не сум видел ниту еден таму!‘ ‚Што! Нема Бугари во земјата на Франките? А што си ти? Ти не си ли Бугарин?‘ ‚Воопшто‘. Кога велев така, тие тажно ги наведнуваа главите и не кажуваа ниту збор. Дури по многу повторувања на овој дијалог, сфатив дека за нивните умови името Бугарин ги означува сите христијански нации во однос на тие од Исламот“ (Едсон Кларк, Турција, Њујорк 1900: 450-451).

Дали сега треба да бидеме научно објективни и да признаеме дека Бугарите можеби погрешно ја сфаќаат употребата на овој термин?
Понатаму, да бидеме објективни и за објективното тврдење на Бугарите дека „македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот“. Двата следни примера се од книга на бугарскиот просветител К‘нчов (Македония, Пътеписи, София 2000, стр. 398-399). Во случајов, тој предава писма напишани на македонски јазик од 18-19 в., и се разбира, освен тоа, во својата книга си пишува на својот бугарски јазик. Еве извадоци од писмата што тој самиот ги предава, напишани на „македонски дијалект“ од околу еден век пред неговото време:
(1) „… ке не се ѐ рудилъ фногу незнамъ дека излегоха ошче 20,000 денка повече ѽ лани ето молиме по f 43 ама го нека хи?ъ да гу погледнеа на оумерото варви по t 50….“
(2) „Нiе се надахме мiръ да се учини ке да легне а по тога яко злѣ пойде веке незнам на каде ке излезем. Излезе патента ѽ царе за токо кой що би ималъ сребарно или танiр7 или свещникъ или кандiла по цраквјте се да собере та да даде въ царството аколе не даде та се найде да се земе котрабон та даим плати царе у банко по f. 32 проце, а не по f. 420Ч що…“
И еве извадок од бугарскиот јазик на кој самиот К‘нчов ја пишувал својата книга (на истата страница):
„Въ по-посляшнитя врямена се е развила търговијата съсъ сахтияни между българскитя земи и Виена. Въ Неврокопъ е цъвтяло табачеството, и банскитя трговци сѫ носили въ Виена всичкитя неврокопски сахтияни. Това се е протакало до тогава, докато Австрия не намяри за нуждно да спре и тоя вносъ, като му наложи голями мита.
Излегува дека македонскиот јазик од 18 в. е многу посличен од македонскиот од 19 и 20 век, отколку македонскиот од 19 со бугарскиот на К‘нчов и воопшто со бугарскиот од 19 (или од тој и тој од 20 в.). Треба ли човек да биде објективен сега и да признае дека се тоа различни јазици? Ете и уште еден дијалог што го предава самиот К‘нчов во истата своја книга (стр. 243).
– Не знаешь ли ти гьрцки? – ме попита единь. // – Не знамь. // – Ами ти какьвь си? – попита другь. // – Тьрговець на кожи. // – Гьркь не си ли? // – Не видишь ли, че не е? – каза трети. – Не си оть нашитѣ мѣста. // – Оть Солунь сьмь. – Не, не, не си оть Солунь. Отгорѣ си. Познавамь азь. – рече най-стариатъ. – Кѫдја отъ горѣ? – Отъ Българско. – Не, Солунчанецъ съмъ.

Во случајов, К‘нчов пренесува свој разговор со локално население во Горна Џумаја, Серско. Прво, не знаеме која е причината поради која лажел (не бил трговец со кожи, туку просветен инспектор на бугарската држава и Егзархијата) и, второ, освен ако немал нешто карактеристично на својот изглед по што го познавале, веројатно го познале дека не бил од Солун по јазикот. А тоа би значело дека двата јазика дури и во негово време, со сето дејство на Егзархијата и нејзините школи, биле препознатливи дека се различни. И ете уште еднаш, еден навесток кој нѐ води кон една поинаква објективност.
Уште понатаму, да бидеме објективни и во однос на тоа дека Македонците и Бугарите имале „заеднички 19 в.“ и дека сите дејци и воини што на каков било начин се бореле за Македонија се идентификувале самите себе како Бугари. Да објасниме воопшто како дошло до таа таква ситуација. Некое време претходно, во 1785 и 1787, едноподруго паднале Пеќската (српската) и Охридската (македонската) патријаршија. Духовната власт (по клевети кон турскиот султан дека организирале востанија) прешла во рацете на Грчката патријаршија. Но таа веднаш, во духовните училишта, почнала да ги учи и двата народа дека се Грци. За само пет години, според Верковиќ, се изродиле жестоки Грци, за кои Турците сфатиле дека кога по неколку години ќе им кренат заедничко востание на цел Балкан, тоа сигурно ќе им ја турне власта. Сфаќајќи ја сплетката, сега самиот турски султан дал указ за поддршка на основање бугарска црква, која Грчката, како врховна духовна власт, не ја признала и затоа била егзархиска. Но лично султанот нарачал црква од Виена, која била изработена и склопена за само шест месеци и инсталирана на Златниот Рог. Тоа е Железната црква во Истанбул. Султанот, се разбира, го направил тоа за да предизвика меѓусебна војна меѓу Бугарите и Грците и нему да му опстане државата, бидејќи Грците станале премногу моќни во тоа време. Во исто време ги поддржал сите тврдења на Бугарите дека Македонците се Бугари, забранил секаква употреба на термините „македонски“ и „Македонци“ и самиот ги отежнувал и одолжувал сите реформи, какви и да биле, Мирцштегски или други, за да им даде ветар во крилја на бугарските тврдења и судирот меѓу балканските држави да трае што повеќе може и тие да ослабат во однос на неговата империја. Но во меѓувреме, како што порано Грците ги учеле Македонците дека се Грци, сега Бугарите ги учеле дека се Бугари. И бугарската војска ги врбувала како Бугари. Треба ли да се биде објективен и да се признае оваа состојба? Треба ли да се биде објективен и да се праша што бил Григор Прличев, кој прво се сметал себеси за огнен Грк и пишувал на грчки (Сердарот), а потоа станал огнен Бугарин? Грк или Бугарин? Или ни едното ни другото? Треба ли да се биде објективен и да се признае сето ова и дека Македонци имало, но имало забрана да се идентификуваат и поддршка да биваат асимилирани?

Но, да бидеме објективни и во однос на другите соседи. Еве, во однос на Грција. Да ги земеме хеленските имиња на места. Ете, градови. Тие се простираат, се разбира, во самата Грција, но историски и во Турција (Измир < Смирна, Анталија, Антакија < Антиохија, Коња < Иконија итн.). Но, историски и во Македонија: Скопје < Скопиа, Дојран < Тауријана итн. Имињата на некои места, како на пример планината Олимп, исто така се повторувале на истава оваа територија; во старо време имало вкупно 12 низ цела Грција и Турција. Нема да навлегуваме посебно овде, но некои структурни обележја на хеленската топонимија, наставки и сл. се простираат исто и во денешна Грција и во денешна Турција и во денешна Македонија. Со други зборови, и накратко, територијата на Хелените во минатото се простирала од Балканскиот Полуостров, па преку Грција сѐ до Турција и некаде до Сирија, можеби и понатаму. Но ова сега им оди во прилог на грчката држава и наука. Па, сепак, не треба ли да сме објективни и да го признаеме тоа?
И во однос на уште други наши соседи. Во Тетовско постои едно село Прељубиште. За потеклото на името на ова село може да има различни претпоставки. Нема да навлегуваме сега во нив. Но во историските документи се јавува името на некој велмож, војсководец на царот Душан Силни, кој се викал Прељуб. Не треба ли да бидеме објективни и да ја вклучиме и таа претпоставка во преостанатите за потеклото на името и да бидеме објективни велејќи дека тоа бил војсководец на царот Душан Силни?
И така натаму, и така натаму. Значи, само потврдуваме дека поддршка на објективноста треба да ѝ се даде; иако понекогаш, ете, може да се покаже дека и постојните претпоставки за одредена состојба на нештата не се точни. Сето тоа, се разбира, нема врска со тоа какви документи ќе се потпишуваат. Ако има корист од нив да се потпишат, нека се потпишат. Важно, да се биде објективен е навистина важно.

Зоран Спасовски

Авторот е научен советник во Институтот за македонски јазик