Yankee-go-home

Се сеќавате кога името Ангела (во политичкиот домен) асоцираше на една силна канцеларка? Е, сега дојдовме до друго дереџе: Ангела да асоцира на новата американска амбасадорка, која едвај седна во резиденцијата, а веќе стана толку силна и влијателна. Прво ни кажа колку сме глупав народ, единствен на светот што сменил име за НАТО. Потоа (божем) се изненади за изборот на јавниот обвинител за борба против организиран криминал. Конечно, кога најави (преку социјални медиуми!) дека стасува „специјален тим за санкции“ политичките мазохисти паднаа во егзалтација! Каков климакс, каков расплет на потрагата по камшикар! Небаре сме Русија, па санкции ќе ни удреле, зашто „нашиот сојузник“ веќе не може да го поднесе овој распад на системот поради корупција (на политичарите, ама и сите други – сè до обичните граѓани, кои исто така беа подучени).
За „прогресивците“ и онаа тајфа што ѝ седи на амбасадорката на домашна трпеза за Тенксгивинг и слични дешавки ова е неверојатна вест. Алелуја! Нашиот сојузник ќе ни помогне да излеземе од калта, од организираниот криминал, од корумпираниот маѓепсан круг. Со други зборови, за сето она што го бараше Шарената револуција – сега „штафетата“ ја презема казнена експедиција директно од САД. Она што разочарува е дека и некои умни млади луѓе веќе изгубиле верба дека оваа земја/држава е способна да го прави она заради што постои, па светло на крајот на тунелот гледаат единствено во помошта од американската коњица. Никој и не помислува (а не се ни осмелува) да каже: Јенки, доста е, одете си дома, вака не бива. Токму во тоа е провокацијата од насловот на оваа колумна.
Ако пребарате по интернет, ќе најдете информација дека изреката „Јенки, одете си дома“, наводно, за првпат била промовирана на протести во источен Берлин во 1950 година. Но ќе ја најдете и во наслов на статија од „Њујорк тајмс“, која зборува за тоа како е Јужна Кореја притисната меѓу геополитичките интереси на САД и на Кина, а локалното население бара дислокација на американската воена база, која ги прави легитимна цел во случај на оружен судир. Низ децениите овој слоган ќе го слушнете и во некои кубански песни, но и на многу други меридијани во време на протести поради американското влијание и/или окупација.

Навидум и ние овде се соочуваме со дилема: зошто толку силно присуство (политичко, воено) на САД во внатрешните работи кога сме тргнале да се интегрираме во ЕУ? Каде е ЕУ да изврши (легално и легитимно) влијание врз внатрешните реформи? Зошто тоа влијание бледнее и нема никаков ефект? Сето ова се реторички прашања, чиј одговор лесно ќе го дознаеме ако само си ја освежиме меморијата. Ова ни оддалеку не е прв упад на американската администрација (амбасада) во внатрешните работи, па ни во правосудството. Ако сте го заборавиле амбасадорот Батлер, кој правеше црна листа на судски случаи и судии, можеби сте само премлади. Но коруптивното влијание на моќта на Империјата беше потврдено лично од сегашниот претседател на Републиката, кој пред ТВ-камери кажа што правел Бејли во хотелот „Мериот“ со неславните осуммина потребни за промена на Уставот. Не дека не знаевме, но сега имаме потврда од највисоко место. Никој не го демантираше исказот на Пендаровски.
Затоа, некој треба да потсети на значењето на зборот „корумпира“. Во македонскиот речник пишува: „корумпиран (придавка). Значење на корумпиран: Што е склон на поткупување, на подмитување. Корумпиран политичар.“ Се разбира, ова е збор со туѓо потекло, а ние иако си имаме свои соодветни, сепак го присвоивме, особено во политичкиот речник. Англискиот израз има корени во латинскиот corruptus (corrumpō, corrumpere), што значи да се уништи, повреди, расипе, поткупи. Зборот е составен од com- (заедно, вкупно) + rumpere (да се скрши на парчиња). Интересен е преводот на јужнословенските јазици каде што се користи зборот „квари“ (расипува). Накусо, да корумпираш некого значи да го расипеш, да го изместиш од редовниот ред на нештата, од моралот, правото, поредокот. Кога американски или кој и да е друг амбасадор, или дури и друго лице, прави обиди (и успева) некого да наведе на нечесно и морално/правно неприфатливо однесување, тоа е корумпирање во пракса. Сега само сетете се на селективната правда (која е неправда) што се примени на „осумтемина“, од кои сите се амнестирани за злоделата за кои беа обвинети или осомничени, некои добија тендери, а други привилегии. Што е тоа ако не директна корупција?

Во поширок контекст одамна е одомаќинет терминот „стабилитократија“ како назив за систем на владеење во кој странскиот фактор си ја обезбедува лојалноста на расипаните локални политичари со тоа што им прогледува низ прсти за сите коруптивни дејанија, а за возврат добива послушност и гаранција дека државната политика ќе биде „стабилна“, ќе гледа само кон запад и ќе се колне во него. Тоа е тој фаустијански договор во кој домашните марионети ќе си ја продадат душата на ѓаволот, а за возврат го добиваат она што им е мило (топло столче и полн џеб). И не е ова измислено само за/на Балканот. Ова е традиционален начин на владеење со светот што го применува Империјата. Одамна е позната изреката на еден американски претседател за кој се верува дека кажал: „Тој е кучкин син, но е наш кучкин син“. Иако изворот не е сосема потврден, практиката е потврдена во голем број случаи: Милошевиќ, Садам, Сомоза, Мубарак итн. Тука додајте и цела низа имиња на локални послушни политичари. (За американскиот однатре корумпиран систем нема да зборувам во оваа пригода, бидејќи тоа е работа на американските граѓани. Доволно е само да го споменам скандалот со синот на актуелниот претседател, Хантер Бајден, но најновиот бран на незадоволство од трошењето на астрономските суми од буџетските корисници во бунарот наречен Украина, во кој веќе не може да се влезе во трага ниту на парите ниту на оружјето. Чомски одамна напиша книга за САД како пропадната држава.)
Тоа што САД сакаат да го владеат светот со негово корумпирање (како поблага форма на окупација) е една работа, но она што загрижува е семето на зависност што ’рти и меѓу младите генерации. Тие се веќе толку убедени дека САД се беневолентен џин, наш сојузник, дека спасот е во таа казнена експедиција на Ангела, што дигнале раце од борбата за подобра Македонија. Да беше Ангела амбасадорка на која било друга држава ќе се дигнеше врева до небо. Вистинска држава во ваков случај би пратила барем протестна нота, ако веќе нема сила или интерес да прогласи некого за персона нон грата. Но ова ниту е држава, ниту знае кој ѝ е интересот. Впрочем, не треба да нè чуди ништо, бидејќи веднаш по нашето пристапување кон Римскиот статут на постојаниот Меѓународен кривичен суд, ние потпишавме билатерален договор со САД за изземање на американски граѓани и вработени од јурисдикцијата на судот, дури и ако се гонат за воени злосторства и злосторства против човечноста. Толку од нашето сојузништво. Ах, да! Најновиот случај е договорот со градежната фирма „Бехтел и Енка“, во четири очи, на милионски суми. Рибата смрди од главата, а главата, за жал, неретко не ја избираме ние на слободни избори, туку ни ја даруваат со благослов од Калето.

Иако звучи нереално, сепак вистина е дека „и министрите (се) воодушевени од критиките на американската амбасадорка за корупција во нивните редови“, како што јавуваат медиумите. Министри задолжени за борба со криминал ги ставаат сите свои сили на располагање на странска амбасада. Но можеби не е ова обичен Монти Пајтон, можеби тоа е договор за неказнивост, инвестиција во иднината. (Да се разбереме, јас не верувам дека Груевски ќе им побегнеше да немаше амин од „горе“, тој беше потенцијална политичка пречка во пресрет на Преспа и требаше да се отстрани безболно.) Мнозина од нас се веќе подготвени за уште една фарса во издание на Холивуд. Во име на борбата против корупцијата, експедицијата за санкции ќе скрши неколку ’рбети, најверојатно во собраниските редови. На ред е уште една „доброволна“ операција врз идентитетот и Уставот, а за тоа се потребни барем неколку (врзани) раце што ќе го притиснат вистинското копче.
Додека не им пратиме јасна порака на оние во амбасадата (Вашингтон е далеку и е зафатен со други поважни нешта) дека не се потребни, ќе бидеме налик на луѓе што сами си ја купуваат јамката на која ќе ги обесат. Кисинџер е една од личностите на кои може да им се одрече моралот, но не и умот. Нему му припаѓа изреката: „Да им бидеш непријател на САД е опасна работа, но да им бидеш пријател е фатална“.