Тоа е сѐ народе – гласовите ги позајмија…1

Гледалиштето е повторно на нозе. Повод, дузина култни ТВ-сапуници што безмалку неколку децении го окупираат медиумското небо над Македонија. Програмска понуда, свеченост, што како и во не толку далечното минато се празнеа улиците, стивнува во домовите, аплаузи, воздишки, букети цвеќе. На програмите занимливи, едноставни сценарија, животни слики, што според некои проследувачи и познавачи на жанрот и ТВ-понудата и бумот се толкува и оценува како резултат на приказни, ситуации, карактери и менталитет блиски до нашите животи.

Ентузијазам и силна поидентификација кај гледачите од сите профили. И покрај просечните артистички интерпретации, едноставните заплети, секоја епизода, на сите фреквенции, предизвикува бура од воодушевување и задоволство во термините на емитување на епизодите, кои заедно со репризите според рејтингот на гледаност соборуваат рекорди. Но истовремено и мал рецептивен шок во гледалиштето.
Голем дел од публиката, според реакциите и дискусиите во анкетите е во блага недоумица. Ги препознава гласовите што наши познати артисти им ги позајмиле на лицата од серијалите. Благо изненадување што се претвора во сладок парадокс.

Позајмувањето гласови или нахсинхронизација не е некое ново спектакуларно искуство во глобалниот медиумски кастинг, па ни овие неколку скромни редови не се забелешка за ваквиот ангажман, со оглед на условите како живеат и се снаоѓаат нашите врвни уметници. Дузина образувани, талентирани и бодри артисти, се надевам, наполно свесни влегуваат во авантурата позајмување гласови. Тие добро знаат дека ако не минале низ масмедиумската матрица, тој немилосрден производител и умножувач на световите, без таквиот ангажман бидуваат и остануваат само анонимни сенки во една невротична медиумска бркотница и без „слатки парички“, дополна на месечните скромни примања. Без оглед на причините, и последиците, ваквите случувања уште еднаш нѐ уверуваат и во некогаш радикалната теза, денес стандарден дискурс на теоретичарите, дека она што не минало и не ја доживеало масмедиумската виртуализација, вклучувајќи ја тука и нахсинхронизација, едноставно не постои.

Артистичкиот еснаф во ерата на апсолутната медијализација на стварноста, за жал, ретко и сѐ помалку го има во скромната домашна играна телевизиска или филмска продукција. Репризите им обезбедуваат скромен публицитет и легитимитет на артистите од средната и постарата генерација. Понекоја водителска епизода или приготвување рецепти во кујните што пополнуваат дупки во програмските шеми.

И тоа е сѐ народе!

Ѕвезди и главни протагонисти денес во силно нараснатата дигитализирана стварност, што е претворена во своевиден фрактал театар, се инстант ѕвезди, набрзина создадени, хистерични медиумски конвертити, маалски артисти и модели чаленџери, инфлуенсерки, кои капирајќи ја вистинската моќ на медиумската презентација ги запоседнуваат клучните термини во ударниот термин и пошироко, оставајќи им на кутрите артисти трошки и понекоја реклама или безначајна најава на маргините.
Глумците се разбира, како и другите во масмедиумскиот галиматијас го имаат предвид сајбер-карактерот на стварноста, но што од сето тоа. Голиот талент ентузијазмот, креативноста, артизмот не се конјуктура и очигледно се недоволни за влез во зоната на медиумското внимание. Оставени сами на себе на маргините на трансформацискиот вортекс, без поддршка од сериозна континуирана домашна играна / и друга / продукција и презентација, освен ако под играна продукција се подразбира учество во проекти како голем број продукциски скромни произведенија, како „Народните приказни“ или некогаш „Танц со ѕвездите“ каде што се играше, се танцуваше, оценуваше и преоценуваше. Па така, и покрај неоспорните дарби, искуство и страст тие /вистинските артисти/ ризикуваат да се преобразат во застарена метафора на самите себе, погодна единствено за посредување /пеење, играње, позајмување гласови / во субверзивниот медиумски тек.

И така нашите глумци уште долго и тивко ќе умираат нахсинхронизирајќи, додека лекарите, стилистите, спортистите, политичарите, моделите инфлуенсерите и инфлуенсерките пеат и дебатираат. Пазарџиите, дуќанџиите и берберите ќе разглобуваат и сето тоа во само неколку сезони одново ќе го проголта незаситната виртуализација. Тоа е сѐ народе…

(Авторот е режисер и публицист)